Квалитетот на животната средина во иднина ќе биде еден од основните предуслови за благосостојба во светот

Интервју со Теа Пешева, сениор советник на програмата за пивка вода во Министерството за заштита на природата - конзервација и паркови во Онтарио, Канада во кое го објаснува својот успешен „пат“ од образование во странство до вработување во Онтарио, за односот на канадското општество кон животната средина, рангирањето и чекорите што се преземаат за одржување чиста и здрава средина на глобално и на локално ниво во Канада, за љубовта кон екологијата, за носталгијата кон родното Скопје
МАРИЛИ: Вие сте една од ретките успешни Македонки што работи во владина институција во странство, во Министерството за заштита на природата, конзервација и паркови во Онтарио, Канада. Од кога сте владин службеник во Канада, на која позиција сте и кој е Вашиот примарен фокус на работа?
ПЕШЕВА: Ви благодарам за зборот „успешна“. Да бидам искрена навистина не знам колку Македонки работат во владините институции во странство, но секако би се радувала да ги има повеќе. Исклучително сум среќна што можам да проговорам за она што го работам последниве години како сениор советник на програмата за пивка вода (Senior Drinking Water Program Advisor) во Министерството за заштита на природата - Конзервација и Паркови (Ontario Ministry for Environment, Conservation and Parks). Работам во одделот за конзервација и заштита на природните извори (Conservation and Source Protection), а одделот во кој работам, работи директно на регулацијата на експлоатација на изворите на пивка вода. Водата како што знаете е едно од најголемите природни богатства на Канада како држава.
МАРИЛИ: На Универзитетот во Сент Ендрус, Шкотска се стекнавте со диплома за одржлив развој и тоа на тема за реката Вардар, а магистриравте во Торонто. Кажете ни нешто повеќе за тоа и дали и магистерскиот труд ги третира проблемите со одржливоста на водите?
ПЕШЕВА: Благодарам за можноста да проговорам за тој период. Спомените на Универзитетот во St. Andrews секогаш ќе бидат меѓу најдрагоцените нешта во мојот живот. Веројатно тоа се моите најубави четири години. Тој универзитет ми помогна да се отворат многу врати, да влезам во институциите кои беа многу важни во мојот живот. Прво ми помогна да го продолжам образованието на магистерските студии на Универзитетот во Торотно, а подоцна, заедно со дипломата за завршени магистерски студии ми помогна да се вработам во Владата на Онтарио.
Во периодот на моето образование примарно се фокусирав на интегралното управување со водните ресурси, со особен акцент на пронаоѓање на главните елементи и причини за проблемите, како и можните решенија за тие проблеми, со осврт на водните текови во Македонија. Горда сум што успеав да ја наметнам темата за реката Вардар, таа иста река покрај која сум пораснала. Taa студија подразбираше многу работа со податоците што беа само делумно достапни, а за да дојдам до остатокот на податоците морав да интервјуирам многу експерти во Македонија. За жал, наодите од студијата беа загрижувачки, ама научниот приод подразбира да сте искрени, колку и тие наоди да се неповолни за нас како држава.
МАРИЛИ: Со Вашата научна работа Вие бевте директно препорачана од Универзитетот во Торонто да бидете вработена во Владата во Онтарио. Дали тоа покажува дека квалитетот на стручните кадри е главен приоритет при вработувањето во Канада, независно од каде доаѓа кандидатот?
ПЕШЕВА: Имате право. Моите постигнувања на двата универзитета ми помогнаа да се квалификувам во процесот за вработување во Владата на Онтарио. Секако, Канада и Онтарио следат многу стриктни правила за вработување, кои, пак, од своја страна овозможуваат фер шанса за секој што ги исполнува критериумите. Во тој процес се е важно, вашето искуство како и постигнатиот успех на студиите. Во Канада многу се цени и тоа дали за време на студиите сте волонтирале и работеле, што е пракса таму, но сите сепак не го прават тоа. Секако од голема важност беа и препораките на професорите кај кои учев. Но, верувајте, се е недоволно ако не го поминете стриктниот и тежок процес на индивидуални интервјуа. Се се евалуира и вреднува. Мора да признам дека низ целиот овој тежок процес имав поддршка од многу луѓе во Министерството, кои ми помогнаа со свои совети, препораки, како и корисни контакти. Се на се, аплицирањето за работа во Канада, во принцип, а особено во јавниот сектор е навистина тежок и долготраен процес.