Јаневски: „Бројот на туристи зголемен за 30,1 отсто“

Бројките за првите шест месеци од годинава се оптимистички и значат опоравување на туристичката индустрија во државава. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во првите шест месеци од годинава, во однос на претходната, бројот на туристи е зголемен за 30,1 отсто. Кај домашните туристи има зголемување за 2,8, а кај странските за 46,8 отсто, изјави вчера директорот на Агенција за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски, пренесува МИА. 

Во првите шест месеци од годинава, се бележи зголемување на бројот на ноќевања за 18,8 отсто во однос на истиот период лани, при што кај домашните туристи има намалување за 1,2 отсто, а кај странските зголемување за 32,9 отсто.

Развојот, како што истакна на денешниот настан на кој ги презентираше програмските активности, согласно Стратешкиот план на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2024 година,  ќе биде насочен, како кон зголемување за бројот на туристи и развојот на нови продукти, така и кон нови туристички капацитети.

„Предизвиците на туризмот значат мотивација за постигнување позитивни резултати кои не можат да се постигнат без заедничка работа на сите работници во туристичката индустрија. Доколку го компарираме учеството на туризмот во бруто домашниот производ  - БДП каде што во 2011 година изнесувал 0,4 отсто, во 2018 година е 2,4 отсто, додека во 2022 година изнесува 3,6 отсто, достигнувајќи 481 милион долари. Доколку ги споредиме првите квартали на приливот од туризмот, во последните пет години, и покрај пандемијата која започна во 2020 година, нема забележано пад, што не може да се случи, доколку изостанува планирање, мерливост и евалуација на стратешките планови во АППТ“, рече Јаневски.

За првпат годинава, посочи во првиот квартал туризмот во  македонската економија влеал 93 милиони долари, што е за 19 отсто повеќе од истиот период од минатата година, односно за 41 отсто повеќе од 2019 година.

„Тоа со право не охрабрува да констатираме дека сме на вистински пат да ги зацртаме целите и да продолжиме кон целта, за да можеме да ја надминеме најуспешната 1988 година во македонскиот туризам со над 3,7 милиони ноќевања“, вели Јаневски.

Тој напомена дека главниот фокус е претставен, и  на туристичките сегменти, како што се: културен туризам, еко – туризам, рурален туризам, како и ено – гастро туризмот, нудејќи ја македонската кујна позната по нејзината разновидност и автентичност.

 


Статијата е прочитана 1026 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско