ДЗР: Недоволните финансиски и човечки ресурси и слабата дигитализација влијаат на начинот на исполнувањето на надлежностите на Државниот пазарен инспекторат

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Државниот пазарен инспекторат, за 2024 година.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на ДПИ и поради нивното значење е изразено неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Во 2024 година ДПИ реализирал 28.263 инспекциски надзори , од кои 21.108 редовни, 5.106 вонредни и 2.049 контролни надзори. Надзорите ги спроведувале 148 инспектори, односно 47% од вкупно 313 систематизирани работни места за инспектори. Имајќи ги предвид надлежностите на ДПИ кои произлегуваат од големиот број законски и подзаконски акти недоволниот број инспектори и тенденцијата на нивно намалување влијаат врз можноста за исполнување на планираните контролни активности и законските надлежности. Дополнително, пет одделенија немаат раководител , што упатува на потреба од екипирање на раководните работни места. Воедно, утврдени се состојби при распоредувањето на административни службеници на работни места инспектори.

Во периодот јануари–октомври 2024 година донесени се 19 решенија за распоредување , без обезбедени средства во буџетот на ДПИ и без распоредувањата да бидат планирани во Годишниот план за вработување за 2024 година. Во декември 2024 година, 17 решенија се поништени, а вработените се вратени на претходните работни места.

Со ревизијата е утврдено дека регистрите и информацискиот систем за управување со инспекцискиот надзор сè уште не се воспоставени, а апликацијата Е-инспектор не е ставена во целосна употреба.

Имено, ДПИ не располага со единствена и целосна електронска база на податоци со вградена методологија за проценка на ризик, што го отежнува планирањето на инспекциските активности врз основа на ризик, како и следењето и управувањето
со реализацијата на инспекциските надзори. Исто така, утврдено е дека евиденцијата на создадените и обезбедените документи во текот на инспекциската контрола е нецелосна, а не се врши соодветно следење на промените во законите и
ажурирање на листите за проверка. Како системска слабост е истакнато работењето на Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи , во кое од предвидените 14 работни места заклучно со 31.12.2024 година биле пополнети пет. Во периодот 2022–2025 година, за потврдување на квалитетот и безбедноста на одредени производи се вршеле земање примероци и лабораториски анализи во акредитирани лаборатории во странство, при што средствата биле обезбедени преку проектот GIZ, EU4 Business, реализиран во периодот 2022–2025 година, и проектот Regio Trade, кој се спроведува од 2025 до 2028 година.

Со поддршка на ЦЕФТА е воспоставено и поврзување со IT систем за електронска размена на податоци за небезбедни производи меѓу земјите членки на ЦЕФТА. Во периодот 2022–2025 година, врз основа на лабораториски анализи за квалитет и безбедност на материјали, од пазарот се повлечени 40 производи.

Ревизијата укажува дека е неизвесно дали по завршувањето на проектот ќе продолжи овој вид контроли, поради ограничените средства во буџетот на ДПИ за континуирано испитување на небезбедни производи во лаборатории во странство. Во делот на условите за работа, ревизијата утврди дека ДПИ не располага со објекти за чување на предметите одземени при вршењето на инспекцискиот надзор, до нивното предавање во Агенцијата за управување со одземен имот. Имајќи предвид дека одземањето предмети е редовна практика, не располагањето со потребните објекти создава ризик од несоодветно постапување и чување со одземените предмети, субјективно постапување со истите, но и можни загуби со финансиски импликации по ДПИ.

Во финансиското работење, ревизијата утврди дека пописот на средствата и обврските не е целосно спроведен, при што не се опфатени градежните објекти и нематеријалните средства, а за утврдените кусоци и вишоци не се дадени предлози за понатамошно постапување. За украдената опрема во текот на 2025 година не е приложена документација од надлежен орган за потврда на настанот. По преземањето на ДПИ во состав на Министерството за економија и труд, во февруари 2025 година било предвидено спроведување на вонреден попис на средствата, но до денот на ревизијата истиот не бил спроведен.

Дополнително, во материјалната евиденција не се евидентираат набавените канцелариски материјали во износ од 1.107 илјади денари, обрасците поврзани со вршењето на инспекцискиот надзор во износ од 791 илјади денари и автомобилските гуми во износ од 249 илјади денари.

Во делот на континуитетот во работењето, ревизијата ја истакна статусната промена на ДПИ , кој од орган во состав на Министерството за економија со својство на правно лице и со сопствена буџетска сметка, по измените во релевантната законска регулатива продолжува да функционира како орган во состав на Министерството за економија и труд, без својство на правно лице.

Оваа состојба е истакната во контекст на препораките на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија од 2025 година, кои се однесуваат на зајакнување на персоналот, реструктурирање и дигитализација на внатрешните оперативни постапки за надзор на пазарот во ДПИ и обезбедување негова оперативна независност.

За надминување на утврдените состојби, дадени се препораки за зајакнување на човечките ресурси, воспоставување на електронски регистри и информациски систем за управување со инспекцискиот надзор, унапредување на финансиската и материјалната евиденција, унапредување на инспекциските постапки, обезбедување услови за чување на одземените предмети и обезбедување услови за континуирано спроведување на контролите за безбедност на производите.

Извор: Државен завод за ревизија


Статијата е прочитана 53 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete