Куклена изложба „Тивки актери, гласни приказни“ на Љубица Велкова во Музеј на Македонија - Ретроспектива на македонското кукларство
Авторката Љубица Велкова ќе одржи изложба насловена како „Тивки актери, гласни приказни“ и ве повикува на ретко ретроспективно патување низ децениите на македонското кукларство. Изложбата ќе биде отворена во етнолошката поставка во Музејот на Македонија на 05.11.2026 (четврток) со почеток во 19 часот, а ќе биде поставена до 29.11.2026. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Од историските почетоци во 1946 година со визијата на Светлана Малахова, па сѐ до современите дизајни на Театарот за деца и младинци, оваа поставка го слави кукленото творештво не како минлива игра, туку како комплексна и рамноправна уметничка дисциплина.
Настанот ќе го отвораат кураторката Јасминка Намичева и Љубица Велкова.
Секој театарски чин започнува со исчекување во темнината на салата, каде вниманието на публиката природно се фокусира врз физичкото присуство на актерот и експресијата на изговорениот збор.
Меѓутоа, уметноста на куклениот театар крие еден поинаков, посуптилен феномен. Пред куклата да го започне својот сценски живот, пред воопшто да ѝ биде позјмен глас, таа веќе поседува сопствен естетски и емотивен карактер.
Тој внатрешен идентитет е обликуван уште во самата структура на суровиот материјал, преку имагинацијата на дизајнерот, уметникот во сенка, чија визија и мајсторство му втиснуваат душа на она што дотогаш било само нема и празна форма.
Ослободени од сценската динамика и изложени во галерискиот простор, овие кукли не ја губат својата драмска функција, нивната неподвижност е само драмска пауза, а нивната тишина најгласниот говор на формите.
Поставката ја надраснува својата примарна ретроспективна функција, прераснувајќи во искрен апел за соодветни музеолошки стандарди, архивирање и сериозна институционална поддршка со цел трајно зачувување на нашето куклено творештво.
Продукција : театар Сенки и облаци
Куратор: Јасминка Намичева
Стручен соработник: Кирил Василев
Дизајн на плакат: Бранкица Јордановска
Статијата е прочитана 87 пати.



























