П.И.К.Ко - 25 години регионален лидер со трајни вредности во прехранбената индустрија
Интервју со Викторија Шотароска Трајкова, генералена менаџерка на П.И.К.Ко Македонија, како и регионална менаџерка за П.И.К.Ко Косово и П.И.К.Ко Албанија.
П.И.К.Ко Македонија годинава прославува 25-годишен јубилеј, две и пол децении успешна работа, што е вистински доказ за трајност, доверба и зрелост во бизнисот. Нивна основна дејност е трговија со висококвалитетни суровини од сите сегменти на прехраната, но денес располагаат и со сопствени мини производствени линии за одредени компоненти, со што директно одговараат на реалните потреби на клиентите.
Шотароска Трајкова е врвна, докажна, успешна менаџерка во континуитет, која е во П.И.К.Ко Македонија од самите почетоци, а веќе 18 години е на чело на компанијата и расте заедно со неа и тимот.
МАРИЛИ: Како една интернационална бизнис-идеја се претвори во стабилна и препознатлива приказна на македонскиот пазар? Кога започна патот на П.И.К.Ко во Македонија и што денес ја дефинира компанијата?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: П.И.К.Ко во Македонија започна со една едноставна, но храбра идеја, дека и на мал пазар може да се изгради голема приказна доколку се води со визија, доследност и човечки вредности. Оваа година П.И.К.Ко Македонија одбележува 25-годишен јубилеј, што за нас не е само бројка туку доказ за трајност, доверба и зрелост во бизнисот.
Наша основна дејност е трговија со висококвалитетни суровини од сите сегменти на прехраната, но денес тоа е само еден дел од приказната.
Во Македонија изградивме логистички капацитети, технолошка поддршка и сопствени мини производствени линии за одредени компоненти, со што директно одговараме на реалните потреби на клиентите. Тоа што нè разликува не е само асортиманот туку начинот на работа, стратегискиот пристап, техничката експертиза, долгорочните партнерства и високите етички стандарди. Веруваме дека долгорочниот успех не се мери само со бројки туку со односите што ги градиме и луѓето што ги развиваме. Како жена менаџер силно верувам дека бизнисот може и треба да се води со интегритет, емпатија и јасна насока. Јубилејот што нè очекува е нова стартна линија - потврда дека кога вредностите се автентични, а луѓето се во центарот, компанијата не само што опстојува туку остава траен печат.
МАРИЛИ: Колку процесите на дигитализација, современата технологија и иновациите се присутни во работата на П.И.К.Ко Македонија? Што Ве прави специфични и оригинални во секторот во кој дејствувате?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: За нас дигитализацијата не е дополнување на работењето, туку негов составен дел. Во П.И.К.Ко Македонија современата технологија ја гледаме како алатка што носи јасност, ефикасност и контрола, но и како начин да создадеме подобро искуство и за клиентите и за вработените. Континуирано работиме на надградба на дигиталните процеси во сите сегменти на нашето трговско и производствено работење - од набавка и продажба, преку логистика и магацинско работење, до следење на квалитетот и интерна анализа. Во таа насока, Business Intelligence (BI) претставува продолжена рака на нашите оперативни софтверски решенија и клучна управувачка алатка во процесот на донесување одлуки.
Преку системите BI, податоците од различни извори се поврзуваат и се трансформираат во јасни, прегледни и аналитички менаџерски извештаи. Наместо интуитивни процени, менаџментот располага со точни индикатори, трендови и сценарија, што значително ги зголемува прецизноста, брзината и квалитетот на стратегиските одлуки. Како логично продолжение на оваа дигитална алатка, најнов чекор е имплементацијата на Warehouse Management System (WMS), кој претставува сериозен исчекор во начинот на кој управуваме со нашите магацински процеси. WMS ни овозможува целосна и прецизна контрола на резервите во реално време, значително намалување на човечките грешки и оптимизација на сите влезно-излезни операции.
За клиентите, пак, ова значи сигурност, конзистентност и транспарентност. За вработените значи јасни процеси, помал оперативен притисок и повеќе време за фокус на квалитетот и развојот. Она што нè прави специфични и оригинални е фактот дека технологијата никогаш не ја воведуваме изолирано. Кај нас секој дигитален систем е интегриран со јасна цел - да ја поддржи стратегијата, да ги олесни процесите и да ја зајакне експертизата на луѓето. Иновациите не ја заменуваат човечката вредност, туку ја надградуваат. Токму во таа рамнотежа меѓу податоците, процесите и луѓето ја гледаме нашата конкурентска предност и иднината на П.И.К.Ко Македонија.
МАРИЛИ: Во П.И.К.Ко Вие ја носите одговорноста на генерален и регионален менаџер. Како изгледаше Вашиот професионален раст во компанијата и што, според Вас, е суштинско за една организација да постигне долгорочна стабилност, континуиран успех и видлив придонес во развојот на економијата?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: Мојот пат во П.И.К.Ко Македонија започна од самите почетоци. Имав привилегија, но и одговорност, да ги поминам сите фази на развој, од оперативно секојдневие до стратегиско управување. Од 2008 година сум на позиција генерален директор за Македонија, а со текот на времето природно следуваше и мојата регионална водечка улога. Верувам дека вистинското лидерство се гради низ континуитет, а не низ позиции. Кога сте дел од сите процеси, учите да ја разбирате компанијата не само преку бројки туку и преку луѓето, предизвиците и одлуките што оставаат траен отпечаток. Тоа искуство ме научи дека одржливиот успех не доаѓа од краткорочни резултати, туку од јасна насока, дисциплина и храброст да се донесуваат одлуки со долгорочна визија.
За една компанија да биде успешна во континуитет и да има реален импакт врз економијата, клучно е да се изгради стабилен систем што истовремено создава вредност за пазарот, за клиентите и за вработените. Како менаџер, моја цел никогаш не била само раст на компанијата туку нејзина зрелост. Да создадеме организација што знае да опстане, да се адаптира и да расте одговорно. Кога една компанија успева да ги усогласи бизнис-целите со човечките вредности, тогаш таа не само што е успешна - таа станува релевантна и трајна. За мене, тоа е суштината на долгорочниот успех.
МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер, конзистентноста и континуираната работа се неизбежни. Кои Ваши лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: Верувам дека конзистентноста и континуираната работа не се резултат на еден квалитет, туку на јасен вредносен систем. Низ годините ме воделе неколку суштински карактеристики - упорноста да не се откажам кога е тешко, автентичноста да останам доследна на себе и на принципите во кои верувам и искрената верба во луѓето со кои работам. Од самиот почеток сум убедена дека еден човек може да оди побрзо, но само заедно може да стигнеме подалеку. Тимскиот дух, довербата и заемната поддршка се темел на секој одржлив успех. Затоа никогаш на лидерството не сум гледала како на индивидуална позиција, туку како на заеднички процес во кој секој член на тимот има улога, одговорност и вредност.
Фокусот, дисциплината и јасната ориентација кон крајната цел се дел од мојот начин на работа. Отсекогаш целта била јасна: да бидеме меѓу најдобрите на пазарот, а тоа директно значи најзадоволни клиенти и мотивирани, посветени вработени.
Особено силно верувам во одржливоста - не само како тренд туку како начин на размислување и работење. Одржлив систем, одржливо екоработење и одржлив бизнис се предуслови за долгорочен успех. Компаниите што траат се оние што размислуваат одговорно, што ги почитуваат ресурсите, луѓето и средината во која дејствуваат и што знаат да создаваат вредност. И на крајот, верувам дека успехот нема смисла ако не се споделува.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: Манифестацијата има значаен и повеќеслоен придонес во унапредувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво. Нејзина најголема вредност е во тоа што им создава континуитет, видливост и легитимитет на жените што успешно управуваат, донесуваат одлуки и создаваат економска вредност.
Во средини каде што женското лидерство долго време било потценето или недоволно препознаено, ваквите иницијативи имаат силна трансформативна улога. Преку вмрежување, размена на искуства, различни едукативни и промотивни активности, јавно наградување на успешните приказни се создава платформа, каде што меѓусебно се поддржуваат, охрабруваат и инспирираат.
Особено важен е аспектот на видливост. Кога успешните жени менаџери стануваат дел од јавниот дискурс, тие стануваат и реални модели за идните генерации. Тоа ја менува перцепцијата, ги урива стереотипите и праќа силна порака дека лидерството нема род, туку визија, знаење и одговорност.
Статијата е прочитана 285 пати.

























