НБРСМ - Институција со најголема доверба поради успешното справување со кризите

Интервју со Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија во кое говори за високите оценки за монетарната политика добиени од ММФ и други меѓународни и европски институции, за довербата која оваа институција ја стекна поради одличното справување со сериозни кризи, како и за растот на зеленото финансирање.

Гувернерката, меѓу другото, зборува и за поддршката и активностите со коишто Народната банка дава активен и конкретен придонес за подобрување на можностите на жените во управувачките структури и во зголемување на нивната претприемачка улога.

МАРИЛИ: Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) даде високи оценки за монетарната политика. Од што зависи идната поставеност на македонската монетарна политика и што сѐ презема Народната банка за одржување на монетарната стабилност?

АНГЕЛОВСКА –БЕЖОСКА: Да, така е, ММФ, но и други меѓународни и европски институции, како на пример Европската комисија, редовно посочуваат на соодветната поставеност на политиките на Народната банка.

Мислам дека ова има уште поголема тежина, со оглед на тоа што од 2020 година па наваму речиси постојано се соочуваме со кризи од невидени размери. За тоа се потребни добра инфраструктура за одлучување, институционален капацитет и умешност. Воопшто не е едноставно, во еден ваков кус временски период, да направите брз премин од олабавена кон затегната монетарна политика.

Притоа, треба да внимавате да не го загрозите закрепнувањето на економијата, а се разбира бескомпромисно мора да сте посветени на одржувањето и на финансиската стабилност. Мислам дека успеваме во оваа мисија, со оглед на тоа што инфлациските притисоци стивнуваат, рецесијата е избегната, а преку сите мерки што ги презедовме, банкарскиот систем дополнително ја зајакна својата отпорност и обезбедува солиден кредитен раст. Адекватноста на капиталот е највисока во изминатите 17 години. Какви ќе бидат промените на монетарната политика во следниот период ќе зависи од  движење на показателите коишто се клучни во носењето на монетарните одлуки. 

Прво, за нас ќе биде важно да се постигне одржливо намалување на инфлацијата, којашто од следната година би требало се врати на историскиот просек од околу 2%.

Второ, со оглед на врзаниот курс на денарот во однос на еврото, на нашите одлуки ќе влијаат и движењата на девизниот пазар, коишто подолг временски период се поволни. Но, на глобален и на домашен план сѐ уште постојат ризици, па затоа сметам дека сите трендови треба внимателно да се следат и претпазливо да се носат одлуките. 

МАРИЛИ: Зелената агенда, циркуларната економија и зеленото финансирање се во подем и приоритети на развиените економии. Што конкретно презема Народната банка за зеленото финансирање? Има ли новитети и заинтересираност кај банките?

АНГЕЛОВСКА – БЕЖОСКА: Веќе е сосем јасно дека климатските промени ги засегаат сите општествени сфери, а го менуваат и амбиентот во областа на финансиите. Оттука, расте бројот на централните банки коишто експлицитно или имплицитно добиваат нов „зелен мандат“ и активно се вклучуваат во поддршката на зелената транзиција. Народната банка се придружи кон оваа група централни банки, па во 2021 година се приклучивме кон Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем[1], а од 2022 година, поддршката на зелените финансии стана дел од стратегиските цели на централната банка.

Како што знаете, минатата година беше донесена и првата стратегија во која ја дефиниравме нашата визија во однос на управувањето со климатските ризици во областа на финансиите. Предвидени се повеќе активности, а дел од нив веќе се спроведени.

Банките ја препознаваат важноста на климатските ризици за финансискиот систем, а во последните години лепезата на банкарски производи ја збогатуваат со нови продукти/услуги со „зелена компонента“, главно наменети за обезбедување поголема енергетска ефикасност. Заклучно со крајот на септември 2023 година, зелените кредити изнесуваат близу 19 милијарди денари и во споредба со крајот на 2019 година се зголемени за 2,6 пати. Сепак, засега, нивното учество во вкупните кредити сѐ уште е ниско и заклучно со крајот на септември 2023 година изнесува 4,4%, но е двојно повисоко во споредба со крајот на 2019 година.

МАРИЛИ: Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан. Што конкретно значи ова и каков бенефит ќе донесе овој проект?

АНГЕЛОВСКА – БЕЖОСКА: Проектот за „Модернизација на плаќањата на Западниот Балкан“ има за цел, преку воспоставување воедначени услови и правила за плаќања меѓу земјите, да се олесни и да се забрза нивното извршување по многу пониски трошоци, што треба да доведе до поголема меѓусебна трговска и финансиска интеграција на земјите од регионот, но и на регионот со ЕУ.

За таа цел, со проектот ќе се работи на целосно усогласување на домашната регулатива во областа на плаќањата со регулативата на ЕУ, што е еден од условите што треба да го исполнат земјите од Западен Балкан за да се интегрираат во Единствената европска платежна област (СЕПА).

Со Проектот ќе се работи и на унапредувањето на инфраструктурата за плаќањата и поврзувањето на платните системи на земјите од Западен Балкан преку нивно приклучување кон системот за порамнување на инстант плаќањата (ТИПС) на Евросистемот, што ќе им овозможи брзи и евтини плаќања на земјите од регионот меѓу себе и со сите земји членки на СЕПА.

Брзите плаќања овозможуваат инстант пренос на парични средства 24 часа дневно, секој ден во годината, што е од големо значење за земјите од регионот, со оглед на бројното иселеништво и сезонски работници во европските земји и значителните приливи на средства за поддршка на семејствата.

Општо земено, овој проект би обезбедил повеќе придобивки и за компаниите, и за граѓаните, поточно поевтини, побрзи и поефикасни прекугранични плаќања во евра.

МАРИЛИ:  НБ е прворангирана во светот меѓу централните банки и финансиските институции по застапеноста на жени на раководни позиции, што е одличен позитивен пример. Дали сметате дека нашето општество има доволно предиспозиции за развој на женското лидерство и дали и самите жени треба повеќе да се охрабрат за да бидат позастапени на управувачки позиции?

АНГЕЛОВСКА – БЕЖОСКА: Да, угледниот британски форум ОМФИФ ја рангира нашата централна банка на првата позиција посочувајќи ја како одличен пример за родова еднаквост. Мислам дека е добро што се зборува на оваа тема, со оглед на тоа што поголемата вклученост на жените во општеството носи бројни придобивки. 

На овој план има предизвици, не само во однос на вклученоста на раководни позиции, туку воопшто, во однос на вкупното економско учество на жените – на пример, учеството на жените во работната сила е само околу 43% (на мажите околу 62%), што покажува голем неискористен потенцијал, којшто може да го зголеми економскиот раст. Глобалниот извештај за родов јаз од 2023 година[2] покажува дека од 146 земји, ние сме рангирани на 108 место, кога станува збор за економското учество и можностите на жените. Според овој извештај, учеството на компаниите со жени на лидерската позиција е околу 20%, а сличен е и процентот на компаниите во чијашто сопственичка структура преовладуваат жените. И во финансискиот сектор податоците не се задоволителни. На пример, кај банките само 31% од вкупниот број членови на УО и НО се жени, а кај дел од банките воопшто нема жени во раководните органи на банката.

Ова се само некои показатели коишто покажуваат дека е потребен поголем напор за поголемо поврзување на жените и лидерството. Мислам дека како општество главно ги имаме надминато стереотипите во однос на ова прашање, што значи дека ја имаме основата. Потребна е, можеби, поголема свесност и поддршка во општеството за зголемување на улогата на жената во раководните структури. А придобивките од тоа се големи. Резултатите од поголем број истражувања покажуваат позитивна врска помеѓу процентот на жени во раководните структури и резултатите на компаниите/институциите, вклучително и подобро управување со ризиците, подобар финансиски резултат и поголем квалитет на кредитите одобрени на компании со кои раководат жени. 

МАРИЛИ:  Дали Народната банка презема активности, со коишто дава активен и конкретен придонес за подобрување на жените во управувачките структури и во зголемување на нивната претприемачка улога?

АНГЕЛОВСКА – БЕЖОВСКА: Да, покрај тоа што сме добар пример во овој поглед, гледано преку нашата организациска структура, правиме напор да дадеме свој придонес за целокупното општество. Така на пример, Народната банка го предводи и го координира спроведувањето на пилот-проектот на ЕБРД во земјава, насочен кон поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи. Овој проект ќе опфати повеќе аспекти, вклучително збогатување на базите на податоци за кредитите на фирми со податоци за родовата припадност, анкети и обуки за поттикнување поголема свесност за потребите на жените претприемачи при кредитирањето, како и развој на вештини, знаење и пристап до ресурси за развој на претприемаштвото.

Женското претприемаштво игра значајна улога во отворањето работни места и придвижувањето на економскиот раст. Според некои процени, поголемото учество на жените во претприемаштвото може да го зголеми глобалниот економскиот раст од 5 до 6 трилиони долари. Оттаму, обезбедувањето пристап до финансии за овие мали и средни фирми е од исклучително значење за економијата во целина. Унапредувањето на финансиската инклузија, како и финансиската едукација како основа за поголема вклученост, се стратегиски цели на Народната банка. Родовата еднаквост, како аспект на финансиската инклузија, исто така е дел од приоритетите. Преку едуцирање за можностите и обврските на давателите и корисниците на кредитите, може да се придонесе кон подобрување на пристапот на жените претприемачи до финансии во земјава.

МАРИЛИ: Колку е важна довербата во централната банка за успешно спроведување на политиките и за остварување на целите? Дали има некое поново мерење на довербата во Народната банка?