Интервју со виолинистката Ева Богоевска – „Виолината ми е прва љубов, а синот Иан најголемо животно достигнување“

Интервју со Ева Богоевска, млада, талентирана и еминентна виолинистка со плодна и успешна кариера. Зборува за првата љубов - виолината, но и за, како што вели, нејзиното најголемо животно достигнување, синот Иан којшто се роди минатата година. Младата мајка зборува како паралелно се снаоѓа со мајчинството и работата, што ја исполнува, но и за нејзиниот талент и карактерни особини коишто ја направија Ева тоа што е денес, врвна виолинистка од светски калибар. Богоевска зборува за досегашните достигнувања, за идните планови, како и за веќе закажаните настапи. Добитничка е на многу први меѓународни награди кои ги добива уште како јуниорка, па сѐ до денес.

МАРИЛИ: На стартот на годината, да се навратиме на најубавите настани кои ја одбележаа 2024 година, како на деловен, така и на приватен план?

БОГОЕВСКА: Годината што измина беше најубавата и највеселата година за мене, бидејќи во месец јуни на свет дојде мојот син Иан. Отсекогаш сум сонувала и мечтаела да се реализирам како мајка, па можам со сигурност да кажам дека за мене ова е моето најголемо достигнување во животот.

Минатата година имав и два големи солистички концерти на Малта и во Словенија. Покрај мајчинските обврски овие неколку месеци, успевам да најдам време и за мојата прва љубов, како што си ја нарекувам, виолината. Набргу по породувањето, на 2. Август имав концерт на нашиот најголем и најпрочуен интернационален фестивал ,,Охридско лето”, заедно со мојот квартет Атака во прекрасната црква Св.Софија.

Настапував на концертот насловен како ,,Вечерен Ѕвон”, авторски концерт на еден од нашите најеминентни композитори, Гоце Коларовски.

Во септември настапив на ,,Струшка музичка вечер” со целовечерен рецитал заедно со мојот квартет, а во октомври имав целовечерен рецитал на четириесет и седмото издание на Денови на македонската музика. Огромна чест и задоволство е да се работат и изведуваат прекрасните гудачки квартети и дела од нашите композитори Валентина Велковска - Трајановска, Филип Иванов, Гоце Гавриловски и Ристо Аврамовски. На 2-ри декември имав настап во Македонскиот Народен Театар по повод 30 години „Сител“ телевизија.

Ми беше особена чест што настапив како солист со Битолскиот камерен оркестар на овој јубилеен концерт на кој настапуваа светски имиња од областа на музиката како што се Лола Астанова, Казухиро Котецу, Ана и Игор Дурловски и многу други.

МАРИЛИ: Колку мајчинството дополнително ја облагороди Вашата личност и Ви даде елан за нови предизвици и проекти?

БОГОЕВСКА: Уживам во улогата на мајка, секој ден ми е исполнет со убава енергија која придонесува за поголема мотивација и инспирација на деловен план. Се чувствувам среќна и спремна сум за новите предизвици кои ме очекуваат.  

МАРИЛИ: Неизбежниот талент, но и долгогодишната напорна работа на себе за да постигнете врвна интернационална кариера кај вас се евидентни уште од најрана возраст. Кои се најзначајните признанија, награди и гостувања на интернационални сцени кои ја одбележаа Вашата досегашна кариера?

БОГОЕВСКА: Јас досега успеав да реализирам настапи во многу познати сали и на сцени во многу метрополи како Карнеги Хол во Њујорк, замокот каде што Бетовен ја пишувал Месечевата соната во Братислава, познатите катедрали во Париз, Виена, Прага, Будимпешта, Театарот во кулите близначки во Куала Лумпур во Малезија, салата на Националната Опера и балет во Хо Ши Мин во Виетнам каде настапив како солист со Националниот оркестар на Хо Ши Мин, Театарот Марчело во Рим и на многу други реномирани адреси на културни случувања во Израел, Франција, Русија, Португалија, Англија, Малта, Словенија и други.

Во Берлин, Германија земав активно учество со свој труд како претставник на нашата Музичка Младина на првата конференција зa нови начини во изведбите на класичните дела организирана од Интернационалната Музичка Младина.

Исто така, имам учествувано и на домашните реномирани фестивали како Скопско Лето, Охридско Лето, ДММ, Златна Лира и други.

Секоја сцена ми е подеднакво важна и драга и секој настап е уникатно доживување за мене. 

Во оваа прилика би ја издвоила и наградата за најдобар студент во државата од Факултетот за музичка уметност во Скопје, после која следеше и наградата за магистер со највисок просек 10,00 во класата на еминентниот педагог проф.Сергеј Островски кој предава на престижниот музички универзитет во Женева, Швајцарија. 

Член сум на оркестарот за филмска музика FAMES, со кој имам остварено концертен настап во Дубаи, Обединети Арапски Емирати, а од 2020 година сум редовен член на Филхармонија на работно место прва виолина-тути.

МАРИЛИ: Кои се карактерните особини на коишто се должи успехот на Ева Богоевска, и како виолинистка и како човек?

БОГОЕВСКА: Покрај талентот, посветеноста, истрајноста и љубовта кон инструментот се трите клучни карактеристики кои треба да ги поседува еден успешен музичар.

Би сакала да им препорачам на младите никогаш да не се откажуваат во борбата за остварување на нивниот сон. Кога ќе патуваат во странски земји каде има огромна конкуренција на било кое поле, никогаш да не чувствуваат несигурност поради тоа што доаѓаме од помала земја, напротив, тоа да им биде дополнителен мотив да му покажеме на светот дека иако доаѓаме од мала земја можеме и заслужуваме многу.

Тоа беше мојот мотив кој стоеше зад сите мои досегашни интернационални успеси. 

МАРИЛИ: Со оглед на тоа дека бевте врвен студент и се стекнавте со магистерска титула, дали продолжуваат амбициите во понатамошна едукација?

БОГОЕВСКА: За сега немам планови за доусовршување, односно запишување на докторски студии, бидејќи веќе имам доста закажани концерти за следните неколку сезони, обврски на работа, а и секако обврски околу моето дете.

Но, во иднина би сакала да го отворам и тоа поглавје во животот и да се стекнам со највисокиот степен во образованието.

МАРИЛИ: Со оглед на актуелните обврски, колку сте посветени на виолината и како се подготвувате за следни настапи?

БОГОЕВСКА:Одлично успевам да избалансирам помеѓу работата и обврските околу детето, секако со голема помош од мојот сопруг Антонио кој максимално ме поддржува и одлично се справува во улогата на татко. Слободното време го користам за вежбање виолина. 

Практикувам да го започнам денот со запишување на дневен ред и се трудам да се придржувам кон истиот, па така секогаш ми е сѐ испланирано уште од претходно и успевам да ги завршам сите обврски кои сум ги предвидела.

МАРИЛИ: Какви се плановите на Ева Богоевска за 2025 година, дали се веќе закажани концерти и гостувања, во и надвор од нашата држава?

БОГОЕВСКА: Имам закажано веќе неколку концерти за сезоните кои ни претстојат во и надвор од нашата земја. Имам покана да одржам целовечерен рецитал во Мадрид во сала која е реномирана адреса на сите културни збиднувања во Мадрид од областа на музиката. Пијано придружник ќе биде реномираниот пијанист, професор и композитор Џузепе. Исто така, имам закажани концерти и тука кај нас кои со нетрпение ги очекувам.

 

 


Статијата е прочитана 131 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско