„Делта ИНС Брокер АД Скопје“ – Лидери специјализирани за сложени осигурителни ризици, верни партнери и поддржувачи на клиентите

Интервју со д-р Оливера Клинчарова, сопственичка и претседателка на Одборот на директори на Делта ИНС Брокер АД Скопје. Компанијата е позната по тоа што гради долгогодишни партнерски односи со нивните клиенти, ги поддржува нивните развојни потреби со осигурителни производи и специјализирани се за посложени ризици, имот, одговорност, интерконтинентален транспорт, авиоодговорност и други класи.

Д-р Оливера Клинчарова е овогодишна лауреатка, прогласена за една од најуспешните жени менаџери на манифестацијата „Избор на Најуспешни жени менаџери“ во земјава и регионот и е членка на „Марили Бизнис Клуб“ (МБК). 

„Имам емпатија и доверба во луѓето, но и нетолеранција за непрофесионализам и неискреност. Се трудам да ги мотивирам младите кон претприемаштво, колегите кон унапредување на знаењата, заеднички кон општествени придобивки за сите“, вели д-р Клинчарова во интервју за „Марили“. 

МАРИЛИ: Од кога постои Делта ИНС Брокер АД Скопје, со кои дејности се занимава и кои специфики ја прават поинаква од другите осигурителни брокерски друштва?

Д-Р КЛИНЧАРОВА: Осигурителното брокерско друштво Делта ИНС Брокер АД е лиценцирано од Министерството за финансии во 2009 година, меѓу првите друштва основани во согласност со Законот за супервизија на осигурувањето, кога осигурително- брокерските работи беа непознати за осигурениците, како и придобивките од бесплатната советодавна улога на лиценцираните осигурителни брокерски друштва во областа на осигурувањето.

Друштвото се потпира на долгогодишното искуството генерирано во различни осигурителни компании, тимска работа и мултидисциплинарен пристап бидејќи осигурувањето е микс од економски, правни, технички и инвестициони познавања.

Ние ставаме акцент на покривањето на осигурливите ризици во работењето на нашите клиенти со соодветно оптимално осигурително покритие, особено кај комплексните имотни осигурувања, различните видови одговорност, заштитата на вработените, како и советување на бизнисите за обезбедување континуитет во работењето преку соодветно осигурително покритие за покривање финансиски загуби и прекин на работа.

Генерално сме познати по тоа што градиме градиме долгогодишни партнерски односки со нашите клиенти, ги поддржуваме нивните развојни потреби со осигурителни производи, и специјализирани сме за посложени ризици,цимот, одговорност, интерконтинентален транспорт, авиоодговорност и други класи, при што целосно се водиме од интересите на нашиот клиент и ние сме нивен најдобар партнер, а дополнително без надоместок, во согласност со Законот за супервизија на осигурувањето.

Клиентите, правни и физички лица еднакво, се потпираат на нашата поддршка во секоја фаза од процесот на осигурување. Од првични консултации до решавање штети. И оваа доверба е клучна за успехот на осигурителниот сектор.

Посредниците се советници од доверба, експерти што го премостуваат јазот меѓу осигурениците и често сложениот комплексен свет на осигурувањето. Обезбедуваме клиентите да ги разберат своите потреби и да донесуваат информирани одлуки. Во индустријата изградена на ветувања - заштитата, поддршката на клиентите и надоместоците по основа на штети - перцепцијата на вредноста ни е сè.  И секако приоритет.

МАРИЛИ: Вие сте и претседателка на Асоцијацијата на осигурително-брокерски друштва. Накратко, објаснете ја актуелната состојба на брокерската дејност во земјава и што треба да се преземе во иднина за развој на оваа дејност?

Д-Р КЛИНЧАРОВА: Асоцијација на осигурително-брокерски друштва како форма на организирање и работење во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија е формирана во 2011 година, со цел унапредување на работењето и решавање на тековните проблеми.

Во 2022 година бев избрана за претседателка на Асоцијацијата. Во 2025 година бев избрана за член на Управниот одбор на Здружението на финансиски организации, во контекст на вкрстените производи и услуги што ги поврзуваат сите финансиски институции. Асоцијацијата ги насочува своите активности кон унапредување на бизнис-климата во земјата и поттикнување на имплементацијата на европски правила и стандарди во работењето, со цел остварување подобри резултати и унапредување на осигурителната заштита на клиентите.

Асоцијацијата развива партнерска соработка со Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Групацијата на осигурувањето и активно учествува во проекти за едукација на осигурениците и заштита на нивните права, како и пошироки финансиски проекти наменети за финансиска едукација и финансиска инклузија, во соработка со Народната банка. Исто така, активно учествуваме во работната група во врска со новата законска рамка што се подготвува во соработка со Министерството за финансии. Имаме воспоставено соработка и со БИПАР, European Federation of Insurance Intermediaries. Професионалните здруженија го бранат интересот на професијата и долгорочното јакнење на јавната доверба во осигурувањето. Непобитна вистина е дека осигурителните брокери се и ќе останат камен-темелник на осигурителната индустрија.

МАРИЛИ: Вие сте финансиски експерт и имате долгогодишно искуство во повеќе дејности и компании. Студиравте на повеќе престижни универзитети и сте доктор на науки. Накратко, каде се едуциравте и наведете ги најзначајните работни искуства?

Д-Р КЛИНЧАРОВА: Мојата приказна раскажува за посветеност, упорност и беспоштедност. Секогаш ме водела желбата за нови знаења за различните аспекти на економијата, така што работев во повеќе компании на различни позиции, при што и практично ги градев моите интереси за лиценцирање за инвестиционен советник, првата генерација во земјава, осигурителен брокер, сметководител и вешто лице. Дополнително, континуирано работиме мултидисциплинарно, во соработка со искусни колеги, на полето на консултантството, за различни видови потреби преку нашето друштво ВЕРДИТАС ДОО, кое го формиравме кон крајот на 2020 година и кое веќе се етаблира како експертски тим со широк спектар на различни области.

Областа на осигурувањето е посебно интересна и тука започнав пред сѐ во областа на контрола на побарувањата, финансиите и вложувањата, а подоцна и управувањето со ризици и, секако, штетите како краен момент, каде што се судираат сите претходно направени дејства.

Беше тоа период на несебично посветено вложување во секој проект, во секоја работа. Од финансии до работа на меѓународни проекти. Истовремено, управувањето со ризиците, посебно со катастрофалните ризици, како и нивно превенирање и покривање со осигурување, исто така, е дел од моите професионални заложби и поле на интерес, што секако бара мултидисциплинарен третман и сериозно професионално искуство.

Исто така, не го запоставував ни академскиот труд, преку првите Темпус заеднички постдипломски Европски студии на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје и факултетите од Staffordshire University – Great Britain, Universita Degli Studi di Bari – Italy и University of Antwerpen – Belgium, до магистер по Европски студии на тема „Солвентност на осигурителните компании од аспект на европското право“, а една деценија подоцна докторирав на тема „Супервизијата на осигурувањето и влијанието врз стабилноста на финансискиот систем“.

МАРИЛИ: Како жена менаџер и експерт, која има големо искуство и значајни резултати во сферите на финансиите и осигурувањето, посочете ни што е најважно на патот до успехот?

Д-Р КЛИНЧАРОВА: Од денешен аспект би рекла дека тоа е мојот карактер, вткаеното чувство за интегритет, да не се потклекнува пред предизвиците, да не се запира со едукацијата. Јас сѐ уште сум од оние луѓе што прво се насмевнуваат, а потоа си го кажуваат името. Ценам едноставност и искреност.

Имам емпатија и доверба во луѓето, но и нетолеранција за непрофесионализам и неискреност. Се трудам да ги мотивирам младите кон претприемаштво, колегите кон унапредување на знаењата, заеднички кон општествени придобивки за сите. Поддршката од семејството е важна, но секогаш треба да се трудиме да го одиме својот пат. Јас мојот сѐ уште го одам и секогаш останувам отворена за нови предизвици.

МАРИЛИ:  Која е Оливера Клинчарова приватно? Што Ве исполнува, што Ви дава сила и елан да продолжите понатаму? Дали имате хоби или, пак, некаква пасија?

Д-Р КЛИНЧАРОВА: Сигурно, пред сѐ, мајка, но во исто време и сѐ друго.

По исполнувањето на моите лични цели, од аспект на образование, кариера и мајчинство, време е и за општествена акција, односно институционално вклучување за постигнување на заедничките и моите лични приоритети од областа на животната средина, искоренувањето на сиромаштијата во нашава земја и недискриминацијата, разбирајќи ја како правда за сите.

Се надевам дека во блиска иднина ќе видиме и институција финансиски правобранител преку Законот за финансиски омбудсман, што би била клучна институција за заштита на правата на корисниците на секаков вид финансиски услуги.

Се воодушевувам на секоја позитивна акција и реакција, на сите самоиницијативи на граѓаните и организациите, за борба со еколошките и економските предизвици, односно симултано постигнување на двете придобивки.

Приватно сум наклонета кон уметност, музика и театар. Порано повеќе книги и поезија, а денес повеќе ценам допир со природата, цвеќиња, градинарство и лозарство.

Од подрагите искуства би ги истакнала настапите со Скопје Госпел Хор, едно непрежалено чувство и енергија.


Статијата е прочитана 193 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско