Интервју со Александра Наќева Ружин: „Потребни се повеќе охрабрувачки политики, менторство и поддршка на жените - и во приватниот и во јавниот сектор“

Интервју со д-р Александра Наќева Ружин, консултант во Светската банка за макро-фискална политика и претседател на Советот на амбасадори. Наќева Ружин е и поранешна македонска амбасадорка во Кралството Шведска, генерален менаџер на финансиска институција, државен советник во Министерството за финансии и специјален советник на министерот за финансии, консултант на Европската Комисија и ООН, исклучителен професионалец со плодно, речиси тридецениско работно искуство во јавниот и во приватниот сектор. Во интервјуто говори за своите професионални искуства, за професорската работа, како и за напредокот на жената во општеството.
„Се стремам да ги оснажам младите генерации да размислуваат критички, да не земаат ништо здраво за готово — дури и кога тоа доаѓа од највисоки авторитети, да ги преиспитуваат доминантните наративи и статистички интерпретации кои често се претставуваат како научно неоспорни, да не се автоцензурираат во искажувањето ставови, и да бидат храбри и аргументирано потковани во предлагањето промени“, вели Наќева Ружин во интервју за „Марили“.
МАРИЛИ: Почитувана Наќева Ружин, летово Ве избраа за претседател на Советот на амбасадори, како поранешна амбасадорка на Р.С. Македонија во Кралството Шведска. Што претставува за Вас оваа фунција и која е улогата на овој Совет во нашето општество и развојот на дипломатијата?
НАЌЕВА РУЖИН: Изборот за претседател на Советот на амбасадори го доживувам како чест, но пред сè како голема одговорност — пред моите ценети колеги, нашата држава и граѓаните. Советот претставува уникатна платформа која обединува повеќе од едно столетие кумулативно искуство, знаење и мудрост на амбасадори што ја претставувале Македонија ширум светот од самото нејзино осамостојување. Тој капитал ни наметнува не само право, туку пред сè должност активно да придонесуваме со идеи, анализи и со критичка, но секогаш конструктивна мисла во креирањето и спроведувањето на надворешно-политичките приоритети и во јакнењето на позицијата на земјата на билатерален и мултилатерален план.
Максимата „Еднаш амбасадор, засекогаш амбасадор“ произлегува не само од експертизата за извршување на оваа функција, туку пред сè од чувството на одговорност и должност кон државата — чувство кое не згаснува со истекување на мандатот.
Напротив, истото е придружено со дополнителна посветеност и подготвеност целокупното наше искуство да го ставиме во служба на интересите на државата. Промислена и одговорна дипломатија се темели на умешноста на носителите на надворешната политика да го мобилизираат овој потенцијал во остварување на стратешките цели на државата и во зацврстување на нејзината улога во меѓународните односи.
Македонија е релативно млада држава, но со повеќедецениска цврста определба за членство во ЕУ, што е наш заеднички стратешки избор.
Во таа смисла, често се навраќам на мислата на истакнатиот шведски дипломат и поранешен генерален секретар на ООН, Dag Hammarskjöld: „Потрагата по мир и напредок не може да заврши ниту со победа ниту со пораз.
Таа потрага никогаш не смее да се прекине.“ Оваа мудрост е применлива за нас денес — патот до членство во Европската Унија е долг и комплексен, но токму тој процес нè издигнува и нè формира како современо, демократско и европско општество.
Во постојните турбулентни и крајно неизвесни времиња на геополитички план, улогата на дипломатијата е суштинска бидејќи истата е многу повеќе од само професија — пред сè е уметност на градење мостови и доверба.
Токму тоа е и суштествената водилка на Советот на амбасадори: иако доаѓаме од различни професии, генерации, етнички и идеолошки контексти, сите нè обединува свест за заедништво и цврста определба за надминување на сите разлики кога станува збор за интересите на државата.
МАРИЛИ: Да се осврнеме и на Вашиот мандат како амбасадорка во Кралството Шведска. Кои се Вашите најзначајни проекти кои би сакале да ги потенцирате?
НАЌЕВА РУЖИН: Како амбасадорка во Кралството Шведска во периодот 2014–2018 година, имав чест, но и особен предизвик да ја претставувам државата во една од најчувствителните фази од безбедносно-политички аспект, како во Европската Унија, така и во Македонија. Тоа беа критични години за светскиот мир и безбедност, со повеќе активни воени жаришта и вооружени конфликти — од европско тло (Донбас) до Блискиот Исток и Африка (Сирија, Афганистан, Ирак, Јемен, Либија…), кои предизвикаа мигрантска криза од дотогаш невидени размери и тектонски потреси на институционалната, безбедносната и економската архитектура на Европа, а состојбите не беа ништо помалку сложени и на домашен план.
Сепак, и во таков комплексен контекст, со особено задоволство можам да констатирам дека успеавме да изградиме силни партнерства кои придонесоа за продлабочување на политичкиот дијалог на институционално ниво, зајакнување на економската и културната соработка, како и поврзување на универзитетите, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор од двете земји.
Во текот на мандатот, покрај бројните работни посети од нашите институции и посетите на највисоко ниво, во Амбасадата организиравме и над триесетина настани — со македонската дијаспора, бизнис асоцијациите од двете земји, промоции на македонските вина, историското и културно наследство, филмската и музичката уметност.
Целта беше да ја доближиме Македонија до шведската јавност, но истовремено и да научиме од нивните искуства — а навистина има многу што може да се научи од нивниот развоен модел.
И покрај тоа што е релативно мала држава, Шведска континуирано ги предводи меѓународните листи кога станува збор за иновативност, зелени технологии, борба против климатските промени и родовата еднаквост — области кои беа централни во моето делување.
Она што, пак, е помалку забележливо, но ми остави силен впечаток, е стабилноста и изграденоста на системот, континуитетот во функционирањето на институциите во какви било околности, и внимателното градење на дипломатските односи во согласност со стратешките интереси на земјата.
Нивните искуства во овој сегмент продолжуваат да се пренесуваат кај нас по повторното институционализирање на шведската развојна помош во Македонија во 2018 г. (преку нивната развојна агенција SIDA) — процес во кој вложив личен кредибилитет и на чии резултати сум особено горда.
Воедно, значајно за мене беше и тоа што македонската дијаспора во Шведска доби заслужена поддршка и видливост, а Македонија успеа да се позиционира како доверлив и ценет партнер во една од најнапредните европски држави.
Сето ова ми го потврди личното уверување дека дипломатијата е многу повеќе од официјални протоколи.
Вистинската дипломатија, како што научив во Шведска, е таа што спојува визија и акција, гради доверба и инспирира партнерства, и дава видливи резултати — создавајќи траен кредибилитет и позиционирајќи ја државата како активен чинител во секој сегмент на меѓународната заедница.
МАРИЛИ: Вие сте и консултант во Светската банка за макро-фискална политика. Кажете ни поточно за каква функција станува збор и колку параметрите, анализите и извештаите што ги добиваме од Светска Банка се важни за развој на македонската економија и колку реално помагаат да бидеме на вистинскиот пат?
НАЌЕВА РУЖИН: Покрај надворешната политика и меѓународните односи, фискалната политика е мојата пасија — фокална точка на мојата научно-истражувачка работа и консултантски ангажман.
На фискалната одржливост гледам како на sine qua non за долгорочен раст и развој на една национална економија, не само преку нејзиното влијание врз макроекономската стабилност, туку и како предуслов за обезбедување на потребниот обем и динамика на јавни инвестиции во човечки капитал, инфраструктура и квалитетни јавни услуги.
Ангажманот како макро-фискален консултант на Светската банка ми овозможува советодавен придонес во процесот на креирање на политики во управувањето со јавните финансии, даночната политика и фискалните ризици, и ми претставува особено задоволство токму поради круцијалното значење на реформите во овие области за обезбедување на фискална одржливост.
Извештаите и препораките на Светска банка и ММФ се од голема поддршка во оваа насока — им овозможуваат на фискалните власти прецизен, навремен и сеопфатен увид во макро-фискалните состојби и детектирање на областите за унапредување.
Ваквата поддршка е особено значајна за мала и надоврешно-трговски зависна економија како нашата, со релативно високо ниво на јавен долг. Секој исчекор во реформите што придонесуваат за зголемување на приходите и/или рационализација на расходите има критично значење за стабилизација и постепено намалување на буџетските дефицити и јавниот долг.
Тоа не е едноставен ниту брз процес. Напротив, бара јасна визија, експертиза и тешки компромиси — одрекување од краткорочни даночни поволности и/или зголемени расходи — но е во интерес на долгорочната фискална стабилност и одржливост.
Воедно, мора да изградиме консенсуз и да ги впрегнеме сите капацитети за воспоставување здрава институционална рамка за креирање фискални политики базирани на наука, докази и најдобри светски практики, како и за транспарентно и отчетно управување со јавните финансии со цел градење доверба и фискална предвидливост на долг рок.
Зајакната фискална дисциплина, транспарентност и долгорочно планирање се очекува од нас и во процесот на пристапување кон ЕУ, а токму во тие области Светската банка може да биде значаен партнер.
МАРИЛИ: Вашето постојана доедукација и надградба Ве профилираа во областа на финансиите. Вие сте доктор по економски науки, а исто така го пренесувавте Вашето знаење и експертиза на студенти. Каде се сте предавале и што ви значеше тоа искуство?
НАЌЕВА РУЖИН: Работата со студентите отсекогаш претставувала еден од најсуштествените сегменти на мојот професионален живот. Долги години имав задоволство да предавам јавни финансии и индустриска организација на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, како и чест да бидам гостин-предавач на Универзитетот во Лидс (Велика Британија), Стокхолмската бизнис школа (Шведска), Универзитетот во Питсбург (САД) и Економскиот факултет во Скопје. Со особено задоволство, од оваа учебна година сум ангажирана и како ментор на студентите од додипломски и постдипломски студии на мојот alma mater — Универзитетот во Питсбург.
Длабоко верувам во максимата дека образованието е најмоќното оружје со кое може да се промени светот. Токму затоа мојата академска работа не се сведува само на пренос на теорија и практично искуство, туку и на поттикнување на љубопитноста, жарот за стекнување нови знаења и желбата за континуирано учење.
Се стремам да ги оснажам младите генерации да размислуваат критички, да не земаат ништо здраво за готово — дури и кога тоа доаѓа од највисоки авторитети, да ги преиспитуваат доминантните наративи и статистички интерпретации кои често се претставуваат како научно неоспорни, да не се автоцензурираат во искажувањето ставови, и да бидат храбри и аргументирано потковани во предлагањето промени.
Иако во последните неколку години не сум академски ангажирана поради обемниот ангажман што до неодамна го имав во Министерството за финансии, чувствувам силна потреба повторно да се вклучам во академските води. Менторството и работата со студентите ми претставуваат извор на најчиста енергија — моите најблиски коментираат дека оптимизмот и сјајот во очите ми се најизразито видливи токму по часовите со студентите.
МАРИЛИ: Како успешна жена која има долгогодишно искуство и во реалниот сектор, како го оценувате напредокот на жената во нашето општество како претприемач, менаџер и лидер и што недостасува во оваа битка, споредено со шведското општество, каде имавте можност да се запознаете со оваа проблематика?
НАЌЕВА РУЖИН: Позицијата на жената во нашето општество е релативно добра, особено во споредба со повеќе други земји и региони, но има простор за понатамошно подобрување. Жените сè повеќе се присутни како претприемачи, менаџери и лидери, но бариерите — видливи и невидливи — се сè уште присутни.
За нивно надминување не е доволна само законската рамка, туку се потребни системски и конзистентни напори за целосно вградување на принципот на еднаквост во политичката репрезентација и во деловното окружување.
Во Шведска осознав дека родовата еднаквост не е само законска норма, туку култура во секојдневниот семеен и професионален живот: почнува од образовниот систем и од поделбата на семејните обврски околу грижата за децата и повозрасните членови, па сè до рамноправната застапеност на жените во извршната и законодавната власт.
Во континуитет е присутна и јавна дебата и се превземаат системски мерки за истото ниво на рамноправност да се достигне и во корпоративното управување.
Кај нас, процесот е побавен и покрај постигнатиот напредок, потребни се повеќе охрабрувачки политики, менторство и поддршка на жените — и во приватниот и во јавниот сектор.
На жената не треба да се гледа како квота или бројка, туку како клучен носител на развој и промена.
Тука вреди да се спомене мудроста на Kofi Annan: „Нема поефикасна алатка за развој од зајакнувањето на жените.“
Тоа не е само прашање на праведност, туку и на економска рационалност: земја која ги исклучува жените од одлучувањето, исклучува половина од својата креативна и интелектуална сила — а ние немаме простор, ниту потреба од таков луксуз.
МАРИЛИ: Која е Александра Наќева – Ружин приватно? Што ја исполнува и ја прави среќна? Имате ли хоби или пасија која Ве релаксира во слободното време
НАЌЕВА РУЖИН: И во приватниот, како и во професионалниот живот, ме води стремежот за постигнување импакт во сѐ што правам, како и за постојан напредок — на интелектуален, емоционален и духовен план.
Пријателите и соработниците ме доживуваат како личност со интегритет, визија и енергија за „поместување на планини“ кога во нешто верувам, со неприкосновен фокус и детерминираност што инспирира. Во секој мој ангажман — дипломатски, академски или во приватниот сектор — сум била водена од внатрешното убедување дека она што го правам е правилно и има смисла, а делата имаат смисла доколку создаваат трајна вредност — за заедницата во која живееме, државата, за човештвото во целина.
Ова е најдобро артикулирано во мислата на Václav Havel (парафразирам): Надежта не е сигурност дека нешто ќе заврши успешно, туку убеденост дека нештото има смисла, без оглед на тоа како ќе испадне. Тоа е начелото кое ме води да вложувам во процеси и луѓе што носат смисла за иднината на нашето општество.
На приватен план, семејството е центарот на мојот универзум. Секогаш сум тука за моите синови – да ги инспирирам, менторирам и поддржам во нивната потрага по автентичен пат и мисија, да ги научам да веруваат во себе и да се стремат кон постојана надградба, како личности и како професионалци.
Ме исполнува времето поминато со сопругот и пријателите, како и интеракцијата со инспиративни луѓе и размената на енергија и идеи, а подеднакво ми значат и моментите на внатрешна рефлексија кога можем да се „чујам“ и доживеам поблиску самата себе. Сепак, најголемиот дел од моето слободно време е резервирано за мојата најголема страст — учењето.
Еден живот, за жал, не е доволен за да го осознаеме универзумот, да ги одгатнеме законитостите на природата, да ја доживееме длабочината на филозофијата и да ја восприемиме совршеноста на уметноста.
Но, ми носи неизмерна радост, ме восхитува и исконски ме исполнува секој миг поминат во оваа моја вечна потрага по знаење и спознавање на светот околу нас и во нас.
Статијата е прочитана 331 пати.