„СУПЕРИОР ЛУКС“ – Премиум недвижности, врвен професионализам и задоволни клиенти

Интервју со Анита Атанасовска, генерална менаџерка на „СУПЕРИОР ЛУКС“ од Скопје, специјализирана агенција за наем и посредување при купопродажба на премиум недвижности. На своите клиенти им нудат професионален пристап што подразбира достапност, лојалност, доверливост и одговорност, како и правна поддршка и советување од нивниот стручен тим.
„Секогаш се водам од внатрешниот инстинкт, храбро преземам иницијатива и се стремам кон поголеми достигнувања. Во продажбата најважно ми е двете страни да бидат усогласени, да ги насочам во нивните одлуки, со цел да бидат задоволени нивните потреби, независно дали продаваат или купуваат“, вели Атанасовска во интервјуто за „Марили“.
МАРИЛИ: Почитувана, од кога постои Агенцијата за недвижности „СУПЕРИОР ЛУКС“ и со што се занимава?
АТАНАСОВСКА: „СУПЕРИОР ЛУКС“ е специјализирана агенција за наем и посредување при купопродажба на премиум недвижности на целата територија на нашата држава и пошироко. На пазарот сме присутни речиси четири години. На своите клиенти им нудиме професионален пристап што подразбира достапност, лојалност, доверливост и одговорност, како и правна поддршка и советување од нашиот стручен тим.
МАРИЛИ: Од каде произлезе афинитетот да се занимавате токму со недвижности? Кои се спецификите во Вашето работење и на што се должи брзиот раст и успех на компанијата?
АТАНАСОВСКА: Отсекогаш ме привлекувале претприемништвото и лидерството.
Низ годините во текот на моето 25-годишно работно искуство во повеќе сфери и бранши во бизнис-секторот открив дека најмногу ме исполнуваат работата во секторот на продажба и работењето со луѓе.
Во време на короната, кога повеќето фирми се затвораа, а недвижностите беа актуелни и имаше голем избор на понуда, одлучив да преземам ризик и одговорност и да основам своја компанија за недвижности.
Секогаш се водам од внатрешниот инстинкт, храбро преземам иницијатива и се стремам кон поголеми достигнувања. Во продажбата најважно ми е двете страни да бидат усогласени, да ги насочам во нивните одлуки, со цел да бидат задоволени нивните потреби, независно дали продаваат или купуваат.
Покрај другите, една од моите позначајни улоги како експерт за продажба е да ги насочувам и да ги мотивирам клиентите да ги реализираат своите посакувани цели. Најчесто клиентите се насочени само кон финансиите. Мојата умешност е во тоа да ги насочам кон поголемата слика и да се поврзат со вредноста што ја добиваат од продажбата или купувањето имот. На тој начин нивната инвестиција не е трошок, туку пат кон нешто подобро и позначајно.
МАРИЛИ: Освен со клиенти од земјава, Вие работите и со регионот. Што најмногу бараат домашните, а што странските клиенти? Со кого полесно се соработува, со женските или со машките потенцијални купувачи?
АТАНАСОВСКА: Независно дали се домашни или странски клиенти, луѓето купуваат или продаваат имот заради задоволување на некаква потреба, лична, семејна или бизнис-потреба. Од моето досегашно искуство може да кажам дека странците се поконкретни во своите барања и целосно ја прифаќаат и почитуваат улогата на агенциите за недвижности.
Секако и кај нас полека се зголемува свеста за значењето на агенциите за недвижности и нивната улога како посредници во процесот на најмување и купопродажба на недвижности.
Независно кои се и од каде доаѓаат моите клиенти, за мене професионализмот и одговорноста се клуч за успешна соработка.
Интересен податок е дека досега во нашата агенција 70 % од клиентите со кои соработуваме се жени. Исто така, од искуство може да кажам дека жените се многу посмели во инвестирањето во недвижен имот и многу побрзо донесуваат одлуки.
Уште од почетокот работиме и во нашата соседна држава Грција, која секогаш е привлечна и атрактивна дестинација за инвестирање во недвижности.
Ние како агенција посредуваме во целата процедура и документација за купопродажба на недвижен имот во Грција.
МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер со богата кариера. Според Вашето мислење, што е пресудно жената да напредува во кариерата? Дали станува збор за личните карактеристики, образованието (формално и неформално), поддршката од тимот, од семејството или, пак, нешто друго?
АТАНАСОВСКА: За мене најважна е вербата во сама себе. Успехот се гради со долгорочна работа, инвестирање во личниот развој и надградување, но во целиот овој процес многу ми значи поддршката од семејството, од моите две деца и мојот прекрасен тим на соработници што се заслужни за досегашниот успех на агенцијата.
Сето ова го започнав сама, со една единствена цел, да го остварам мојот сон, а го продолжувам со мојот тим и клиентите што ни ја укажуваат својата доверба и веруваат во нашиот професионализам.
МАРИЛИ: Која е Анита Атанасовска приватно? Колку спортското минато Ве профилираше во силна личност, подготвена за падови, но уште повеќе за успеси? Што Ве релаксира и што e Вашиот „ветер во грб“?
АТАНАСОВСКА: Спортот е моја прва љубов. Повеќе години тренирав атлетика, активно се занимавав со ракомет и верувам дека оттаму започна желбата за успех и за тимска победа. Спортот ме научи како да бидам истрајна и дисциплинирана, да работам тимски, постојано да се усовршувам и да се насочувам кон успех.
Приватно Анита е мајка на два сина, кои дефинитивно се „ветер во грб“ и смисла на животот. Тие секојдневно ми даваат сила, мотив и нова енергија.
Јас сум хедонист, сакам да уживам и да патувам со пријателите и семејството во секое слободно време. Обично се будам рано и ја имам првата утринска прошетка со мојот миленик. Потоа се подготвувам за утрински тренинг. Дефинитивно вежбањето ме исполнува максимално со нова енергија за претстојниот ден. Ја обожавам и природата и за викендите, кога сум во можност, ги посетувам планините и ги освојувам врвовите на нашата убава земја. Рекреативно се занимавам и со танци, тоа е моја голема страст.
Љубител сум на храна и вино и понекогаш знам да зготвам нешто многу вкусно за моите најблиски. Покрај сите овие активности, уживам и во вечерните забави со моите пријателки, да одиме на некој убав настан или, пак, концерт. Знаеме на свој начин спонтано да се олабавиме.
„Го живеам животот сега и денес“ - тоа е моето животно мото.
Статијата е прочитана 608 пати.