Никола Ристановски доби награда на „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Србија за улогата во претставата „Уна“
Стручното жири на 34.Фестивал „Денови на Зоран Радмиловиќ“ кој се одржува во Заечар, Р. Србија, во состав: д-р Мирослав Радоњиќ, претседател, д-р Душко Љуштина, член и Ирфан Менсур, член, донесе едногласна одлука Наградата за најдобро актерско достигнување на Фестивалот да му ја додели на Никола Ристановски за улогата на Мишел Бабиќ во претставата „Уна“ според романот на Момо Капор, текст на Стеван Копривица, во режија на Дејан Пројковски, продуцирана од театарот Звездара од Белград, пренесува „Независен весник“.
„Никола Ристановски, во својата убедлива актерска интерпретација, демонстрираше пленива експресивност, неодолив сценски шарм и исклучителна креативност во емоционалниот и карактерниот развој на ликот. Неговиот Мишел Бабиќ, растргнат помеѓу страсни емоции и академски етички принципи, проблематизира богат спектар на човечки сомнежи, љубопитност и исконски стравови во своите обиди да го пронајде сопственото јас“, се вели во одлуката на жирито.
Претставата „Уна“ ја доби наградата и од публикатa, заедно со претставата „Контра мундум“ на Центарот за култура во Тиват, што се случува прв пат.
„Никогаш не сум имал желба или потреба да правам нешто во кое не верувам. Овој роман е дел од нашата колективна меморија од различни агли. Кога човек ќе почне подлабоко да копа во односите и контекстот во самиот роман, сфаќа дека е многу повертикален отколку што мислевме и потоа се отвора како егзистенцијална приказна помеѓу четири лица во контекст кој всушност е непроменлив. Системите, времињата, историскиот контекст се менуваат, но всушност човекот останува слаб, останува зачуден од прашањето за неговата минливост… останува корумпиран, тажен, весел, неодговорен. Човекот останува ист, а неговата суета, неговата потрага по слобода која всушност е парадоксална, е недостижна работа. Овој процес разбуди некое животно искуство во мене и со нетрпение очекувам да се обидам да ги споделам овие дилеми со публиката. „Звездара“ е можеби најдоброто место за тоа – рече Ристановски, на прес конференцијата пред премиерата во Белград на која присуствуваше и министерот Љутков.
Извор: Независен весник
Статијата е прочитана 65 пати.































