Интервју со Гуркан Кабан, генерален менаџер на Parkland Hospitality Group: Работам со тим кој тежнее кон извонредност

Гуркан Кабан има завидно искуство во хотелско - туристичкиот сектор речиси низ целиот свет. Работел за врвни хотелски магнати и крузери, на повеќе работни позиции. По првпат, со огромно задоволство и страст работи во Македонија како генерален менаџер во Parkland Hospitality Group во Скопје, со како што самиот вели, прекрасен тим кој тежнее кон извонредност.
„Мојата визија е Parkland Hospitality Group да стане регионален пример за извонредност во услугата, иновацијата и одржливоста. Со градење на силна компаниска култура и прилагодување на потребите на модерните посетители, верувам дека можеме да создадеме долгорочно наследство – не само успешен бизнис“, вели Кабан во интервјуто за „Марили“.
Гуркан Кабан управува и со двата хотели Park Hotel & Spa кој нуди повисок луксуз, со фитнес и спа содржини, пространи соби со поглед кон реката и приватни балкони – идеални за бизнис и туристички патници кои бараат врвно искуство, како и со Next Door Park Hotel кој е попристапна опција, наменета за помлади гости или групни резервации, со модерен и динамичен амбиент.
„Иако дизајнот и ценовникот се различни, услугата е иста.“, вели Кабан.
МАРИЛИ: Г-дин Кабан, од неодамна сте генерален менаџер на „Parkland Hospitality Group“. Што Ве мотивираше да станете дел од овој хотелски комплекс и дали ова е Вашето прво работно искуство во Македонија?
КАБАН: Работам во хотелската индустрија речиси 30 години и отсекогаш сум бил пасиониран за иновации, предизвици и менторство.
Се приклучив на Parkland Hospitality Group бидејќи гледам јасна можност за соработка со тим кој е отворен за раст, прифаќа промени и тежнее кон извонредност.
Ова е мојот прв ангажман во Македонија и навистина сум импресиониран од хармоничната работна средина. Работев во многу земји, но ова е прв пат да се адаптирам толку брзо.
Искрено сум благодарен на инвеститорите за укажаната можност и на сите кои ми помогнаа да се интегрирам во новата улога.
МАРИЛИ: Според Вас, на што треба да се фокусира еден урбан хотел во главниот град на Македонија? Кои квалитетни содржини се неопходни за еден хотел во градот?
КАБАН: Според мене, вистинската вредност на еден хотел не е во неговиот изглед, туку во квалитетот и посветеноста на персоналот. Затоа, благосостојбата на вработените мора да биде приоритет, бидејќи тоа директно влијае на задоволството на гостите.
Секој гостин очекува чиста соба, вкусен појадок, топло добредојде и искрен поздрав при заминување. Ако тие основи се исполнети, тогаш сме на вистинскиот пат. Архитектурата и дизајнот треба да создаваат едноставни, но удобни простори кои го збогатуваат искуството на гостите.
МАРИЛИ: Имате импресивно искуство во хотелската и туристичката индустрија во Турција, како и на крузери низ целиот свет. Можете ли да ги споделите Вашите најзначајни професионални ангажмани и улоги?
КАБАН: Работев како менаџер за неколку меѓународни брендови. Но, искуството како менаџер на „Navigator of the Seas“ во 2005 година беше единствено. Тоа е еден од најголемите крузери во светот со 3.500 патници и 1.250 членови на екипажот.
Атмосферата на бродот беше како животен универзитет – со хармонија меѓу персонал од 30 различни националности и гости од целиот свет.
Ова искуство го збогати моето разбирање во значењето на обуката и тренингот на вработените, меѓучовечките односи, управувањето со толпи, решавањето конфликти, лидерство и одржливост.
Во текот на тие 10 години стекнав цврста основа во глобалното хотелско менаџирање.
МАРИЛИ: Што од Вашето искуство може да се примени во Parkland Hospitality Group, и која е Вашата приоритетна цел за иднината?
КАБАН: Длабоко верувам во т.н. „троен модел на работа“: задоволство на вработените, на гостите и на инвеститорите.
Нашите вработени се клучен ресурс, и посветени сме на нивниот професионален развој. Првин сакам да ги подготвам за иднината преку обезбедување на поддршка и мотивација.
Убеден сум дека оваа иницијатива ќе го подобри квалитетот на услугите, ќе ја зголеми лојалноста на гостите и ќе создаде долгорочна вредност за нашите инвеститори.
Мојата визија е Parkland Hospitality Group да стане регионален пример за извонредност во услугата, иновацијата и одржливоста.
Со градење на силна компаниска култура и прилагодување на потребите на модерните посетители, верувам дека можеме да создадеме долгорочно наследство – не само успешен бизнис.
MАРИЛИ: Вашето портфолио покажува дека сте одличен тимски играч. Дали направивте промени во тимот на „Parkland Hospitality Group “ и колку е важен тимот за реализација на визијата и целите на менаџментот?
КАБАН: Тимската работа е темел на долгорочниот успех. Ги вклучувам раководителите на одделенија во процесите на одлучување, а потоа се потпирам на нив да ја пренесат визијата до своите тимови.
Во текот на мојата кариера, ретко ангажирам луѓе однадвор. Преферирам да создадам успех со постоечките кадри. Така постапив и во Parkland и сум горд на тимот што го имаме. Доколку има заминувања, барам замена внатре во компанијата за да се задржи континуитетот.
Мојот принцип е дека лидерството значи прво да му служиш на тимот – затоа што кога вработените се поддржани, тие создаваат извонредно искуство за гостите.
МАРИЛИ: Вие управувате со два различни објекти во Скопје – Park Hotel & Spa и Next Door Park Hotel. Како ги разликувате нивните идентитети, одржувајќи при тоа доследен квалитет на услуга, и како ги прилагодувате искуствата според различните профили на гости?
КАБАН: Двата хотела се дизајнирани да одговорат на различни потреби на гостите, при што го одржуваме истиот стандард на услуга.
Park Hotel & Spa нуди повисок луксуз, со фитнес и спа содржини, пространи соби со поглед кон реката и приватни балкони – идеални за бизнис и туристички патници кои бараат врвно искуство.
Next Door Park Hotel е попристапна опција, наменета за помлади гости или групни резервации, со модерен и динамичен амбиент. Иако дизајнот и ценовникот се различни, услугата е иста. Појадокот, на пример, се служи истовремено и со ист квалитет. Целта ни е да понудиме разновидност во сместувањето, без да се наруши брендот.
Планираме и реновирање на спа центарот во август, како дополнителен чекор во унапредување на понудата.
МАРИЛИ: Како успевате да ги балансирате оперативните потреби на двата хотела со различна публика и модел на услуга, а притоа да го задржите брендот и високите стандарди?
КАБАН: Секоја недела одржувам стратешки состаноци со продажниот тим, врз основа на резервациите за наредната недела. Ги анализираме типовите гости, настаните и побарувачката, и ги прилагодуваме операциите.
Овој проактивен и податочно базиран пристап ни овозможува да им одговориме на потребите на бизнис и туристичките патници со иста посветеност кон квалитет.
МАРИЛИ: Какви настани или искуства промовирате во двата хотела за да ги ангажирате локалните и меѓународните гости? Дали има ексклузивни понуди за секој хотел поединечно?
Повеќето соби во Park Hotel имаат поглед кон реката и се над 45 м², со приватни балкони за дополнителен комфор.
Next Door Park нуди слично искуство, прилагодено на друга публика. Нашиот пристап е да ги сегментираме услугите и да ги продаваме според потребите – не продаваме само соби, туку нудиме целосно гостопримство.
МАРИЛИ: Според Вас, каква улога играат овие хотели во хотелскиот пејзаж на Скопје и Македонија во целина? Како придонесуваат за имиџот на градот како туристичка дестинација?
КАБАН: Македонија е прекрасна земја, со уникатна културна разновидност и хармонија. Овој потенцијал заслужува повеќе меѓународна видливост, а сметам дека треба да се инвестира повеќе во промоција и маркетинг.
Park Hotel & Spa и Next Door Park Hotel играат важна улога во позиционирањето на Скопје како современа и гостопримлива дестинација.
Со квалитетна услуга, елегантен дизајн и фокус на одржливост, горди сме што придонесуваме за модерниот имиџ на градот во глобалниот туристички сектор.
Статијата е прочитана 618 пати.