Интервју со Ели Танасковска: „Да бидеш медиумска личност е обврска да креираш вкус, да се поврзеш со публиката“

Интервју со м-р Ели Танасковска, новинарка, уредничка и водителка на Национална телевизија и веќе 15 години креатор на најлиричните, длабоки текстови и најави и водителка на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџари“ која во организација на агенција „Марили“ годинава го прославува својот 30-годишен јубилеј.

Танасковска зборува за годините работа на овој проект, што значи истиот за неа, за напредокот на родовата рамноправност, за развојот на женското менаџерство, претприемаштво и лидерство, за развојот на жената воопшто, во сите пори на општеството. 

„Ако на почетокот тоа беа скромни, срамежливи или поточно жени кои не сакаа да се наметнуваат и оставаа пат за некои помалку вредни од нив, низ годините гледам силни, јаки, самоуверени, целосно храбри и исполнителни жени кои умеат да привлечат внимание со своето филигранско познавање на работите, лидерски вештини, леснотија во комуникација, извонреден шарм, едукација и настап“, вели Танасковска во интервју за „Марили“. 

Танасковска зборува и за нејзиниот животен пат, радоста што кај неа ја будат Новододишната магија и Божиќните празници и нејзината желба да дарува и да ги радува другите. 

МАРИЛИ: Веќе 15 години Ве препознаваат како водителка на манифестацијата „избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенција „Марили“. Што за Вас претстваува овој проект кој годинава одбележува 30-годишен јубилеј?

М-Р ТАНАСКОВСКА: За мене, ова е еден силен емотивен настан, за кого сведочам од самото раѓање и веќе 15 години е моја инспирација и уметничко дело. Една огромна галерија каде откривате неверојатни ликови на жени, кои имаат моќ да го менуваат светот. Неверојатно доживување и интимна приказна, на секоја од нив како блесок, кој ги открива нивната видливост, вредност, препознатливост, идентитет на бренд, свест за создавање бренд.

Секое ново издание е очекување, воодушевување, восхит на мозаик од жени кои навидум не се толку видливи во секојдневието,  а се присутни во креирањето економија, култура, уметност. Искрено, за мене е ова една мала планета од неверојатни жени кои имаат вештини, едукација, визија да управуваат со мали и големи фирми, корпорации. Да го следат својот сон и визија, па истите да бидат сон на младите генерации.

МАРИЛИ: Многу од жените менаџери кои биле дел од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ биле дел и од вашите емисии. Дали забележувате еволуција во успешноста на жените низ годините?

М-Р ТАНАСКОВСКА: Ако на почетокот тоа беа скромни, срамежливи или поточно жени кои не сакаа да се наметнуваат и оставаа пат за некои помалку вредни од нив, низ годините гледам силни, јаки, самоуверени, целосно храбри и исполнителни жени кои умеат да привлечат внимание со своето филигранско познавање на работите, лидерски вештини, леснотија во комуникација, извонреден шарм, едукација и настап.

Создаваат доверба кај своите клиенти, токму заради постојаноста на квалитетот и лојалноста. Вие гледате професионализам признат во регионов и пошироко. Гледате пласман на нивни брендови низ целиот свет, гледате разни професии на кои се восхитувате. Храброст во одлуки, ризици и предизвици. Умеат да пресечат, да не отстапуваат кога е тешко. Умеат да скротат, да смират, да најдат решение, да ги распостелат своите емоции.

Но, гледате и посветена и нежна мајка, сопруга, ќерка, сестра, искрен пријател и колега. Рамо на кое ќе се одморите, планина под која чекате заштита и сигурност.

МАРИЛИ: На што се должи вашиот професионализам, независно дали станува збор за ТВ емисии или пак водење на настани, фестивали, манифестации... Колку и какви подготовки се потребни за да се стигне до крајниот производ?

М-Р ТАНАСКОВСКА: На целата моја животна приказна. Мојата патека од дете, предодредена да бидам најпрво дете на радио драмата, потоа младински емисии, магазини, културни сектори. Еден спонтан автопат, каде постојано учиш од најдобрите. Учиш дикција, интерпретација, учиш однесување, однос . Учиш како да се подготвиш, да навлезеш во суштината на темата. Постојано да се надоградуваш, не само едукативно, ами и вербално, мисловно.

Мора да ги познаваш областите и темите кои ги презентираш. На тој автопат, читаш знаци, лекции , возиш без грешка да не излеташ.

Моја голема среќа е токму таа детска радио драма, која беше мојот прв училишен дом, а потоа академија на однесување, сите министерства, споени во едно.

Многу сум благодарна на тоа искуство. Се подготвувам темелно за секој гостин. Сакам да се чувствува комотно, да сака повторно да дојде. Да го извлечам најдоброто од него.

И еве, нема да кријам, многу сум среќна на пораките, комплиментите, по секоја емисија. Настаните се посебна инспирација за мене. Една бела книга на која ги истурам моите чувства, зборови. Како везење, како зборовезење и посвета на лауреати, важни датуми и личности.

Секој настан за мене е немир, позитивна трема, голема одговорност и многу детали. Се посветувам целосно и максимално.

МАРИЛИ: Многу генерации Ве препознааат и почитуваат со оглед на тоа дека вашето телевизико искуство е поевеќедецениско. Колку долго сте дел од МРТВ и што е она до ден-денес што длабоко Ве инспирира да бидете на екраните.

М-Р ТАНАСКОВСКА: Бев дете од второ одделение кога дојдов на аудицијата во детската радио драма. Морам да признаам тогаш беше строга дисциплина, изборот па и односот, строг. На почетокот имав една кнедла на секое снимање, која со тек на време се губеше.

Тоа беше време кога се калевме како генерација, да издржиме и повисок тон и критика и вистина. Имаше солзи, откажувања, ама враќањата беа секогаш како посилна личност. Изградена, способна да одговори на секоја задача со резултат и аплауз.

Една мини воена школа, која се развиваше во важни културни едукативни училници, да создадат вистински кадар. Да бидеш медиумска личност имаш обврска да креираш вкус, да се поврзеш со публиката. Имам некоја внатрешна енергија да ги препознавам вредностите, вистинските луѓе. Да ги поканам да ја раскажат својата приказна. И таа топлина е како еден конец на поврзување низ насмевка, раскажување, откривање моменти за паметење. А гледачите го препознаваат тоа.

МАРИЛИ: Колку се забележува недостатокот на поранешната спикерска школа на МРТВ во медиумите? Вие сте дел од таа „стара“ школа. Колку беше значајна во вашиот развој, во јавниот настап?

М-Р ТАНАСКОВСКА: Многу! Не само школата за говор или однос камера- микрофон, ами и целата дефиниција за јавна личност. Култура, одмереност, ненаметливост, достоинство и приказ на вредности.

Никогаш нема да биде во мода агресивното однесување, лажни насмевки и преправања. Лажен морал и туркање од страна.

Никогаш нема да успее непознавањето, немањето желба да научиш, да совладаш. Не се создава квалитет и трајност на такви патеки. Сведоци сме дека на мала врата ова поминува, се наметнуваат други критериуми, вредности, царува вештачкото однесување, надменост, дрскост, самобендисаност.

Ама тоа е само да видиш како не треба да бидеш! Крајно време е насекаде да дојдат вистински луѓе со вистински вредности, да пресечат каде што е болно и да дадат шанса на млади, едуцирани, талентирани, воспитани и културни млади луѓе. Многу време изгубивме со лажни вредности!

МАРИЛИ: Колку се важни континуитетот и посветеноста во градењето на успешна кариера и колку лесно може да се препознае дали некој е професионалец или не е, особено во вашата фела?

М-Р ТАНАСКОВСКА: Веднаш воочливо, во првата минута. Веднаш знаете кој стои пред вас, со каков капацитет, знаење, умешност. Колку искуство има во себе. Колку научил од своето и туѓите искуства.

Колку инвестирал во своето себство. Тоа е еден филигран кој со години го длабите, поправите, полирате, се со цел да биде ремек дело. Вие сте уметникот, работникот, чиракот, мајсторот.

МАРИЛИ: Вие сте и полиглот. Колку тоа Ви помогна да работите на меѓународни медиумски проекти и кои се тие?

М-Р ТАНАСКОВСКА: Убаво е кога во друштво на многу странци ќе му се обратите на јазикот кој тој го говори. Јас од дете имав желба, но и прилика да бидам опкружена од луѓе кои говореа на многу странски јазици. Слухист сум, музикална, веднаш примав и лесно учев.

Сега тоа ми е убава алатка да се свртам околу себе и да си поразговараме на различни јазици. Директно! На многу позиции кои сум била, настапи на меѓународни настани, водителство, модераторство, било уште една убава приказна која наликува на музика, на мостови, на прегратки и поистоветувања. Мене, ете ми доаѓа природно да ги прегрнам луѓето, да им честитам, да им кажам искрено колку се важни и битни.

МАРИЛИ: Позната сте по лиричните најави и текстови, како текстописец и голем љубител на зборот и поезијата. Колку кај нас се почитува уметноста, особено кај пишаниот збор и неговота интерпретација, независно дали станува збор за настани, поезија или музика? Колку сме далеку од европските стандарди по ова прашање?

М-Р ТАНАСКОВСКА: Мислам дека за ова е заслужен мојот татко. Беспрекорен човек, работник, уметник. Беше зима, јас штотуку ги научив буквите. Небото во Шведска сиво, на многу слоеви. Мислите кон дома. Почна да паѓа снег. Таму немаше пердиња. Почувствував некој наплив во себе, некоја состојба на експлозија од зборови. Дете бев, не знаев што е тоа, најдов боичка на масата и на некој весник, каде што беше празно ја напишав мојата прва песна „Зима“.

Татко ми...никогаш нема да ја заборавам неговата насмевка, ме крена високо и ми рече –уметнику мој! Почна да ги објавува моите песни, раскази, добивав награди. И до ден денес, не можам да го смирам тоа врело, тоа клокотењее под срцето, кое ме буди и во сон, да станам да го напишам. Жал ми е што се изедначуваат личности кои умеат да го обликуваат зборот и оние кои тоа го првата без емоција, напишано, ненаучено.

Постојат настани каде навистина треба да се дадеш низ текст, интерпретација, емоција, изглед. Тоа е дар. Јас сум бескрајно благодарна на сите што го препознале моето изразување! Србија е убав пример за такви емотивни, лични, природни настапи. И овде имам драги колешки кои се комплетни, но за жал некои други ги заземаат местата. Поминува сѐ! За жал!

МАРИЛИ: Вие сте семејна жена, сопруга, мајка и баба. Дали според Вас професионалната кариера на жената треба да се развива паралелно со семејните обврски, или пак секогаш се испреплетуваат деловниот и приватниот ангажман и се во меѓусебна зависност?

М-Р ТАНАСКОВСКА: Колку си помлад, сѐ е возможно паралелно. Јас довршував студии, гледав бебе, работев хонорарно.

Во исто време научив да владеам во кујната, домот да е полн со гости, да запишам постдипломски, специјализации. Патувања. Ништо, не ми беше тешко. Моето семејство ми е и сега мој замок. Секогаш сите заедно низ игри, музика, песна. И сега е така.

Проширен состав сме, ама сите заедно околу масата. Подиум за танц, микрофон за песна. Една топла семејна атмосфера. Дом кој мириса на убав ручек, месено, благо...многу насмевки и прегратки.

МАРИЛИ: Како влијаат на Вас Новогодишната магија и како се подготвувате за Бадник и Божиќните празници?  

М-Р ТАНАСКОВСКА: Јас сум опседната со празници. Не знаете каква возбуда носи тоа во мене. Со недели и месеци купувам украси, осмислувам, правам слики во себе. Сите новогодишни празници за мене се како едно дете кога ќе го пуштиш во продавница да земе сѐ што сака. Така и јас. Секоја година! Декорации, сијалички, елки, лампиони, возови, фенери...

Цело едно волшебно царство. Со денови подготвувам храна, слатки. Масата како за на излог. Уживам во тоа. Моите ќерки секогаш се шегуваат, ајде ти дојде Нова година, да видиме каква приказна ќе смислиш. Јас пуштам музика, китам, украсувам, подарувам. Па дури и на луѓе кои не ги познавам низ продавниците им купувам нешто симболично, зашто тоа ме прави неизмерно среќна!

За Бадник подготвувам пита со паричка и посна трпеза.

Секоја година одиме прво кај свекрва ми, јас и сопругот таму правиме чест за паричка.

Потоа радоста продолжува дома. Леона, помалата ќерка, беше особено возбудена и пресреќна во очекување паричето да и падне на неа.

И сега подготвувам сѐ, иако двете ќерки со семејството дома сами подготвуваат. На Божиќ се на ручек.

Јас правам цела композиција за Христовото раѓање. Пуштам таква музика. Домот е миризлив. Радоста е преголема.

Последниве две години до мене во кујната е внуката Изабела. Нема 9 години, ама ја научив да меси кифли, помага да тегнеме кори, баклава, кадаиф.

Имаме наша игра - ресторан каде подготвуваме јадења за многу луѓе.

Празниците се голема радост. Домот е полн, тоа останува засекогаш во сеќавање. Јас дури и влезот на зградата го китам, нека свети!

Нека биде весело и убаво и во Новата година!

 


Статијата е прочитана 509 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско