Интервју со Јаким Митрески од „Тиквеш“ : „Со заеднички напори на државата, винарниците и туристичките организации, може да изградиме препознатлив имиџ на Македонија како винска дестинација“

Интервју со Јаким Митрески, хоспиталити менаџер во ВВ „Тиквеш“, во кое говори за развојот на винскиот туризам како сегмент од алтернативниот туризам, за ено-гастро концептот во Македонија чијшто основоположник е токму Винарската визба „Тиквеш“, како и за тоа што треба да се преземе, нашата татковина да прерасне во надалеку препознатлива винска дестинација. Митрески беше дел од овогодишниот „Марили Бизнис Форум“ 2025, кој беше посветен на туризмот и развој на алтеративните форми на туризам.

„Нашата винарија претставува едно домашно културно наследство. Најстара е во земјава, и оваа година одбележува 140-годишен јубилеј и традиција, посветени на љубовта кон виното, почвата и пронаоѓањето на сите специфични локации за уште поуникатни вина“, вели Митрески во интервјуто за „Марили“.

Винарската визба „Тиквеш“ во импресивните 140 години постоење бележи огромни успеси за нивните висококвалитени вина и ракии на домашно, регионално, но и меѓународно ниво. 

Еден од последните големи успеси е прогласувањето на винарницата „Тиквеш“ за најкомпанија за 2025 година од Дирекцијата на Европската независна агенција за избор и промоција на најуспешни бизнис-лидери и компании, како и наградата за животно дело за Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“.

МАРИЛИ:  Г-дин Митрески, Вие сте искусен експерт во областа на хотелско-угостителската индустрија, а во моментов сте и хоспиталити менаџер во ВВ „Тиквеш“. Како го оценувате развојот на винскиот туризам во нашата земја?

МИТРЕСКИ: Во последните години винскиот туризам во Македонија добива сѐ поголемо внимание и расте со стабилно темпо. Постои сѐ поголема свест за вредноста на македонските вина, не само на домашниот, туку и на меѓународниот пазар.

Нашите вински региони, микролокациите на Тиквеш (Барово, Лепово, Бела Вода, Бабуна), се препознатливи по автентичноста, традицијата и квалитетот на виното, голем потенцијал за вински туризам, а посетителите се воодушевени од комбинацијата на виното со македонската гастрономија, природата и гостопримството. Секако, имаме уште многу простор за раст, особено во инфраструктурата, едукацијата на персоналот и во интеграцијата на винскиот туризам со останатите форми на туризам.

МАРИЛИ: Вие бевте дел од „Марили Бизнис Форумот“ 2025 и зборувавте за ено-гастро концептот. Накусо, објаснете што е всушност ено-гастро концепт и колку е значаен за развој на винскиот, локалниот и воопшто туризмот во земјава?

МИТРЕСКИ: Ено-гастро концептот претставува симбиоза на енологијата (виното) и гастрономијата (храната). Тоа е целосно доживување кое на гостите им нуди уживање во квалитетно вино, проследено со автентична локална кујна.

Овој концепт не само што го збогатува туристичкото искуство, туку директно влијае на локалната економија, ги промовира локалните производи, културата и традициите. Во нашата земја, овој концепт има огромен потенцијал, бидејќи поседуваме уникатни автохтони сорти грозје, богата кујна и исклучително гостопримство, што се одлична основа за развој на овој вид туризам.

МАРИЛИ: Винарската визба „Тиквеш“ е основоположник на ено-гастро концептот во земјава. Како се практикува овој концепт во Винарија „Тиквеш“, каква е фреквенцијата на посетеност на странски гости на визбата и дали домашните компании ги носат нивните деловни партнери на посета кај Вас, за да вкусат дел од она што го нудите?

МИТРЕСКИ: Нашата винарија претставува едно домашно културно наследство. Најстара е во земјава, и оваа година одбележува 140-годишен јубилеј и традиција, посветени на љубовта кон виното, почвата и пронаоѓањето на сите специфични локации за уште по уникатни вина.

Во „Тиквеш“ ено-гастро концептот го практикуваме со целосно персонализирано доживување: wine&dine концепт, обиколка низ визбата, посета на микролокациите, дегустација на врвни вина во комбинација со внимателно селектирани локални и итернационални  специјалитети.

Посетеноста постојано расте, а сѐ поголем дел од гостите се странски туристи (in-coming гости, групи од странство), вински ентузијасти и деловни партнери. Домашните компании, исто така, сѐ почесто ги носат своите соработници за да ги запознаат со македонската винска култура. Ова не само што ја промовира нашата земја, туку отвора и можности за нови деловни соработки.

МАРИЛИ:  Кои се новите, иновативни форми на ено-гастро концептот и како се применуваат во нашата земја?

МИТРЕСКИ: Новите трендови вклучуваат тематски вински вечери, интерактивни мастер-класи за дегустација, вински и гастро фестивали, како и комбинирани тури со културни и природни атракции. Во „Тиквеш“ веќе имаме вакви иницијативи, развиваме уште повеќе идеи, но потребно е тие да бидат поинтегрирани во националната туристичка понуда. Истовремено, се развива и концептот на „slow tourism“ — туризам кој нуди подлабоко и поискусно доживување на локалната култура, што е идеално за нашите вински региони.

МАРИЛИ: Според Вас, што е важно за промоција на винската култура и што треба да се преземе за привлекување на туристи во делот на винскиот туризам?

МИТРЕСКИ: Клучно е создавање на јасна национална винска приказна и бренд.

Потребна е интегрирана промоција на македонските вина на меѓународни саеми, создавање квалитетна дигитална содржина, организирање на вински настани и фестивали, како и едукација на туристичките водичи и угостителскиот кадар.

Со заеднички напори на државата, винарниците и туристичките организации, може да изградиме препознатлив имиџ на Македонија како винска дестинација.

МАРИЛИ: Вие сте основач на Хоспиталити Експерт Македонија за обуки во хотелско-угостителската дејност. Колку обучен кадар има во оваа дејност и што треба да се направи да зголеми бројот на квалификувани кадри?

МИТРЕСКИ: Иако имаме одлични индивидуалци, сѐ уште недостасува системска обука и континуирано усовршување на кадарот.

Хоспиталити индустријата бара постојана едукација, познавање на меѓународните стандарди и јазична писменост.

Потребно е создавање програми за дуално образование, повеќе практична настава, како и мотивирање на младите да ја препознаат оваа дејност како сериозна и перспективна кариера.

МАРИЛИ: Сте работеле на проекти од авантуристичкиот туризам, меѓу кои и планински велосипедизам. Со оглед на вашето шаренолико искуство во туристичкиот сектор, сметате ли дека алтернативниот туризам треба да е еден од водечките начини на развој на туризмот и да биде дел од приоритетите на кои треба да се работи?

МИТЕРСКИ: Апсолутно! Алтернативниот туризам носи автентично искуство, привлекува квалитетни туристи и директно ги вклучува локалните чинители. Македонија има огромен потенцијал за развој на планински велосипедизам, пешачење, рурален, гастрономски, културен и вински туризам.

Алтернативниот туризам е одржлив и овозможува рамномерен развој на различни региони во земјата.

Морам да додадам, пријателите ме знаат како „патриот во угостителството”, за жал многу малку од домашните туристи ја познаваат и не се запознаени со убавините на Македонија, а веќепосетиле многу од странските дестинации. Многумина биле во Тоскана иако не пијат вино, незнаејќи дека во Македонија има десетина локации како Тоскана! 

МАРИЛИ: Колку е важна промоцијата на Македонија на светските туристички саеми и како да ги нагласиме автентичните приказни за винските региони и воопшто алтернативниот туризам? Како обичната посета на Македонија да ја претвориме во приказна којашто ќе се памети и прераскажува?

МИТРЕСКИ: Да го продолжам и да се надоврзам на претходното прашање, ние сме најголеми виновници што локалните гости ја немаат таа перцепција за винската култура, малку се посветуваме на винскиот туризам.

За да се почуствува винската култура во Македонија треба и локалното население да верува во таа приказна, има еден збор во винската индустрија TERROIR кој буквално преведен значи територија, земјиште, но во суштина има многу подлабоко значење TERROIR е непреводлив француски збор што опфаќа она што го прави виното уникатно.

Тероар ​​не е само почвата на лозјето: тоа е земјата, климата, виновата лоза и човекот кој со душа го обработува, вистинскиот мост помеѓу земјата и небото, па оттука дознаваме дека човекот ја има главната улога за промоција на винската традиција. Промоцијата на светските саеми е клучна за создавање видливост и препознатливост.

Но, најважно е приказната што ја раскажуваме да биде искрена, автентична и емоционална. Македонија има што да понуди: од древни традиции, до топли луѓе, прекрасна природа и извонредна храна и вино. Треба да се работи на визуелни кампањи, документарци, блогови и лични искуства кои ќе ги раскажуваат посетителите, зашто нивните искуства се најсилна промоција.

МАРИЛИ: Кој е Јаким Митрески, приватно и професионално? Што и кој е мотор на Вашиот ентузијазам?

МИТРЕСКИ: Јас сум човек кој ја сака својата работа.

Го сакам туризмот бидејќи носи енергија, динамика и секојдневни нови приказни. Приватно, уживам во природата, патувањата, новите вкусови и култури. Најголемата поддршка добивам од мојата партнерка и најчесто заедно ужуваме во сите патувања. Во план се посети на винарии во Македонија за да можеме да ги запознаееме сите сорти, а потоа истото ќе го направиме во Италија и во други земји.

Ентузијазмот ми доаѓа од желбата да оставам позитивно влијание, да инспирирам нови генерации и да покажам дека и кај нас може да се создаде врвна услуга со македонски печат.

 

 

 


Статијата е прочитана 307 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско