„АРМАДА“ не е само брод за крстарење, „АРМАДА“ е искуство што ќе сакате повторно да го доживеете

Интервју со Елена Лотеска Наумовска, сопственичка, генерална менаџерка и капетан на „Брод Армада“, кој е дел од семејството на туристичката агенција „Глобус Травел“од Охрид, која постои веќе 15 години. Гостите уживаат во текот на крстарењата, а на бродот има два бара со најразлични пијалаци и коктели, со можност за послужување храна. На бродот се организираат и мини конференции, свадби, тим билдинзи и многу други настани.

„Брод Армада“ нуди редовни крстарења до Св. Наум, а уникатни се и по турата на зајдисонце, како и крстарењата „Adventure cruise“ со кои на клиентите им нудат единствена можност да се капат среде езеро, користејќи го тобоганот. 

Елена Лотеска Наумовска, за својата успешна работа и менаџирање, годинава во мај беше прогласена за една од најуспешните жени менаџери во земјава и регионот на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, во организација на агенција „Марили“. Исто така, Лотеска Наумовска беше панелистка на овогодишниот, четврти по ред, регионален „Марили Бизнис Форум“ 2025, посветен на туризмот. 

„Во „машкиот свет“, вклучително и бродарството, најважно е да не ги омаловажувате вашата компетенција, вашето знаење и вештини само поради тоа што сте жена. Напротив, треба да го искористите сето она што го знаете и умеете на најдобар начин и да бидете упорни во реализацијата на вашата бизнис идеја“, - вели Лотеска-Наумовска. 

МАРИЛИ: Од каде потекнува идејата за туристичката атракција со бродот „Армада“ кој стана препознатлив бренд за Охрид?

ЛОТЕСКА НАУМОВСКА: Како ќерка на еден од најстарите и најпознатите капетани на Охридското Езеро имав ретка можност цело детство да го поминам на бродовите во Охрид. Оттаму се роди љубовта кон езерото и бродарството.

Татко ми имаше помал брод со кој  неколку сезони успешно работевме и оттаму се јави и желбата, но и потребата да се направи поголем брод.

Тоа беше идеја за која ни беа потребни повеќе години за да се реализира, но, ете, сега сме горди што го имаме бродот „Армада“, кој нуди многу повеќе содржини од крстарење.

МАРИЛИ: Кажете ни како функционираат крстарењата и какви тематски содржини нудите?

ЛОТЕСКА НАУМОВСКА: „Армада“ е повеќе од брод. Сакаме гостите да уживаат во текот на крстарењата, па има два бара на кои нудиме најразлични пијалаци и коктели, а има можност и за послужување храна. Организираме мини конференции, свадби, тим билдинг и многу други различни настани.

Секако има и редовни крстарења до Св. Наум, а уникатни сме по нашата тура на зајдисонце и крстарењата „Adventure cruise“ со кои на нашите клиенти им нудиме единствена можност да се капат среде езерото, користејќи го нашиот тобоган.

МАРИЛИ: „Армада“ е дел од семејството на туристичката агенција „Глобус Травел“ од Охрид. Кои се спецификите на Вашето работење, по што се издвојувате и по што сте уникатни во земјава и регионот?

ЛОТЕСКА НАУМОВСКА: Туристичката агенција „Глобус Травел“ се роди пред околу 15 години.

Најпрво работевме со сервисирање на мали групи и поединци што сакаа да ги посетат Охрид и нашата земја, а денес работиме комплетен сервис во делот на конгресен туризам и организација на настани со акцент на организирање свадби за странци.

Тое е одделот „Plan My Day“ преку кој им помагаме на оние што сакаат да ја организираат својата свадба во Охрид, преку онлајн состаноци да ги договориме сите детали и да добијат свадба од соништата.

МАРИЛИ: Покрај тоа што сте сопственичка, генерална менаџерка, Вие сте и капетан на брод, што е исклучително ретко на нашите простори. Па, според Вашето мислење, што е најважно на патот до успехот на жената? Дали тоа се карактерните особини, визијата, образованието, доедукацијата, поддршката од семејството и тимот или, пак, нешто сосема друго?

ЛОТЕСКА НАУМОВСКА: Љубовта кон езерото и бродарството, како што кажав, кај мене се роди уште во детството, а кој еднаш се сплоти со езерските или морските води тоа трае засекогаш. Поминувајќи толку време на брод беше неминовно и да се стекнам со дозвола за управување со брод, односно капетан.

Тоа беше една од моите најголеми желби и лична сатисфакција, иако според повеќето тоа е машка професија. Во „машкиот свет“, вклучително и бродарството, најважно е да не ги омаловажувате вашата компетенција, вашето знаење и вештини само поради тоа што сте жена.

Напротив, треба да го искористите сето она што го знаете и умеете на најдобар начин и да бидете упорни во реализацијата на вашата бизнис-идеја.

Имам многу среќа што добивам неизмерна помош и поддршка од мојата фамилија без која немаше да бидам ова што сум денес. За успешна приказна потребно е сите фактори да се присутни, добра визија, постојана формална или неформална доедукација, адаптирање на новите општествени трендови и побарувања, исклучително добар тим за работа бидејќи единка без добар тим не може да биде успешна и, секако, неизмерна поддршка од луѓето околу вас.

МАРИЛИ: Која е Елена Лотеска Наумовска приватно? Што Ве релаксира по напорниот работен ден? Која е Вашата најсилна мотивација што Ви дава енергија и елан да продолжите понатаму?

ЛОТЕСКА НАУМОВСКА: Напорен ден за мене значи успешен ден, а по таков ден ми треба дружба со фамилијата за да ја споделам среќата.

Најголема релаксација и задоволство ми се патувањата, па секое слободно време и можност го користам за посета на некоја интересна дестинација. Добро завршените настани, добрите евалуации и оцени, благодарноста од клиентите дека сме успеале да им организираме незаборавен настан, тоа е она што ме движи напред и ми дава енергија за уште повеќе работа и нови предизвици. 


Статијата е прочитана 199 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско