Неопходно е државата да преземе итни и стратегиски мерки за зголемување на домашното производство на храна

Интервју со проф. д-р Миле Маркоски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје, во кое говори за тоа што се може да се изучува на факултетот во рамки на додипломски и последипломски студии, како и за воведувањето на новата насока - Дигитално земјоделство. Деканот зборува за итноста од преземање на стратегиски мерки за зголемување на домашното производство на храна, која станува глобален проблем, говори за заштитата на животната средина и секако за идните планови на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје.
Оваа година факултетот ќе го организира Петтиот меѓународен симпозиум за земјоделство и храна - ISAF 2025 во период од 8 до 10 октомври 2025 година, во Охрид.
Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје е една од најстарите и најреномираните научнообразовни институции во нашата земја, основан е во 1947 година и е еден од основачите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Оттогаш, па сѐ до денес, факултетот е дел од образовните и научните активности, со што стана водечка образовна и научна институција во земјоделскиот сектор во Република Македонија.
МАРИЛИ: Почитуван проф. д-р Маркоски, од кога сте на позицијата декан на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје, кој е еден од најстарите научнообразовни институции во земјава? Какви дипломски и последипломски студии нуди факултетот денес?
ПРОФ. Д-Р МАРКОСКИ: Функцијата декан на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје при УКИМ во Скопје ја извршувам од 1 мај 2024 година. Инаку, да, Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје е една од најстарите и најреномираните научнообразовни институции во нашата земја, основан е во 1947 година и е еден од основачите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Оттогаш, па сѐ до денес, факултетот е дел од образовните и научните активности, со што стана водечка образовна и научна институција во земјоделскиот сектор во Република Македонија.
Во своето работење факултетот се води од три стратегиски цели: (1) нудење студии што им обезбедуваат на студентите потребни знаења и вештини за успешна работа во земјоделскиот сектор, производството на храна и управувањето со природни ресурси; (2) обезбедување висококвалификуван наставно-научен кадар за успешна имплементација на научни методи во областа на земјоделството, храната и животната средина, со што ќе се придонесе кон развојот на земјоделско-прехранбениот сектор; (3) имплементација на Болоњските принципи во образовниот систем преку воспоставување модел на европско образование. Од своето формирање до денес факултетот постојано ги следи новите процеси и трендови во земјоделството и производството на храна и соодветно креира студиски програми што ќе развијат академски профил за потребите на пазарот на трудот. Денес потребите за здрава и безбедна храна постојано се зголемуваат, па стандардите за храна стануваат уште построги.
Оттука, еден од главните императиви на нашиот факултет е развивање соодветна експертиза што ќе може да одговори на овие барања и да придонесе за правилно управување со природните ресурси и заштита на животната средина. За таа цел, со последната акредитација на студиските програми во 2022 година, факултетот нуди 11 акредитирани студиски програми на прв циклус на студии (квалитет и безбедност на храна, полјоделство, агроекономика, заштита на растенија - фитомедицина, овоштарство, лозарство и винарство, производство и преработка на земјоделски производи и храна, дигитално земјоделство, агроекологија, анимално производство, хортикултура и градинарство и цвеќарство).
Покрај првиот циклус на студии, факултетот има акредитирани студиски програми на втор (10 студиски програми) и трет (шест студиски програми) циклус на студии. При креирањето на студиските програми факултетот инклузивно ги зема предвид потребите на пазарот на трудот, односно потребите на приватните компании што дејствуваат во секторот, но и потребите на институциите за експертиза способна да го имплементира стекнатото знаење и да придонесе во процесот на донесување одлуки засновани врз истражување и докази.
Факултетот континуирано ги ажурира студиските програми во согласност со европските и глобалните стандарди, овозможувајќи мобилност на студентите, интердисциплинарни истражувања и активно учество во меѓународни образовни и научни проекти.
МАРИЛИ: Кои ургентни мерки треба да се преземат на државно ниво за зголемување на производството на храна бидејќи храната станува глобален проблем?
ПРОФ. Д-Р МАРКОСКИ: Во услови на зголемени глобални предизвици поврзани со безбедноста на храната, климатските промени и нарушувањата во синџирот на снабдување, неопходно е на државно ниво да се преземат итни и стратегиски мерки за зголемување на домашното производство на храна. Првенствено, еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме се депопулацијата на руралните средини и, следствено, недостигот на млада работна сила во овој сектор. Ова е особено важно ако земеме предвид дека просечна возраст на македонскиот земјоделец е околу 56 години.
Оттука произлегуваат и другите предизвици поврзани токму со недостигот на работна сила. Така, на пример, во одредени потсектори каде што сме имале конкурентска предност, а чие производство е трудоинтензивно, се соочуваме со промена на производната структура, намалување на конкурентноста, а следствено и зголемување на увозот и продлабочување на трговскиот дефицит. Гледаме дека тоа се низа од предизвици што се надоврзуваат еден на друг. Но мора да се дејствува, да ја зголемиме конкурентноста, да ги вратиме младите во руралните средини, да покажеме дека земјоделското производство е бизнис со огромно ниво на почит. Во таа насока еден од првите чекори е да се пристапи кон модернизација на земјоделското производство преку вложувања во нови технологии, механизација и системи за наводнување што ќе овозможат зголемување на приносите и оптимално искористување на ресурсите.
Покрај тоа, од клучно значење е да се развијат програми за поддршка на млади земјоделци и мали и средни земјоделски стопанства, со цел одржување на континуитетот во земјоделското производство. Дополнително, неопходно е да се воведат ефективни агроеколошки практики што ќе обезбедат одржливо управување со природните ресурси, како и да се поттикнат истражувања и иновации во областа на прехранбената индустрија. Во оваа насока, интегрираната соработка меѓу државните институции, научнообразовните установи и приватниот сектор ќе игра клучна улога во создавањето одржливи решенија за зголемување на производството на храна. Покрај зголемувањето на примарното земјоделско производство, важно е да се развијат стратегии за намалување на загубите на храна во производствениот и дистрибутивниот процес, како и за подобрување на логистичките капацитети и складирањето. Ова се само дел од мерките што, секако сите овие, но и други мерки, ако се спроведат координирано и со долгогодишна визија, ќе придонесат во развојот на секторот, производството на доволно храна за домашна потрошувачка, но и во зајакнувањето на отпорноста на земјоделскиот сектор кон глобалните економски и еколошки предизвици.
МАРИЛИ: Минатата година на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје беше воведена насоката Дигитално земјоделство. Која е целта на оваа насока и што генерално ќе значи дигитализацијата на земјоделското производство во нашата земја?
ПРОФ. Д-Р МАРКОСКИ: Воведувањето на насоката Дигитално земјоделство на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје претставува значаен чекор кон модернизацијата на земјоделскиот сектор во Република Македонија. Целта на оваа насока е да обезбеди високообразовани кадри што ќе бидат подготвени да применуваат напредни дигитални технологии во земјоделското производство, со што ќе се зголемат ефикасноста, продуктивноста и одржливоста на секторот.
Дигитализацијата на земјоделството подразбира имплементација на современи технолошки решенија, како што се прецизно земјоделство, сензорски системи, автоматизирани машини, беспилотни летала (дронови), вештачка интелигенција и анализа на големи податоци. Примената на овие технологии овозможува подобро следење на почвените и климатските услови, оптимизирано користење на водните ресурси, како и зголемување на приносите со намалени трошоци.
Со дигитализацијата на земјоделското производство во нашата земја ќе се подобри конкурентноста на земјоделските стопанства, ќе се минимизираат загубите и ќе се олесни донесувањето одлуки врз основа на реални податоци. Дополнително, ќе се создадат услови за поголема одржливост и заштита на животната средина преку рационално управување со ресурсите.
Оваа студиска насока не само што ги следи светските трендови, туку и создава нови можности младите кадри да се вклучат во еден современ и динамичен сектор што има клучна улога во економијата и прехранбената безбедност на земјата. Овде е важно да истакнеме дека студиската програма по Дигитално земјоделство има интердисциплинарен карактер, прва од овој вид на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која се спроведува заедно со техничките факултети на УКИМ, односно ФЕИТ, ФИНКИ и Машинскиот факултет.
МАРИЛИ: Како се справува земјоделството со климатските промени? Што треба да се направи за да се зголеми и подобри системот за наводнување што е една од главните сопирачки за развој на земјоделството?
ПРОФ. Д-Р МАРКОСКИ: Климатските промени претставуваат најголеми предизвици за современото земјоделство бидејќи тие директно влијаат врз продуктивноста, достапноста на водните ресурси и стабилноста на земјоделските системи. За да се справи со овие предизвици, земјоделскиот сектор применува различни стратегии, меѓу кои се: воведување поотпорни сорти, оптимизација на агротехничките мерки, правилно управување со почвата како необновлив ресурс (зачувување и зголемување на органската материја), покривање на насадите со соодветни мрежи со двојна заштита од засенчување и заштита од град и адаптација на системите за наводнување.
Еден од клучните елементи во процесот на адаптација кон климатските промени е модернизацијата и проширувањето на системите за наводнување. Во моментов ограничената достапност на вода и застарената инфраструктура за наводнување претставуваат значајна пречка за стабилен развој.
За да се подобри овој систем, неопходно е: 1. Инвестиции во модерни технологии за наводнување - воведување прецизни системи за наводнување, како капка по капка и паметни (автоматизирани) системи што овозможуваат ефикасно управување со водните ресурси; 2. Обновување и проширување на постојната инфраструктура - рехабилитација на постојните канали, изградба на нови акумулации и подобрување на водоснабдителните мрежи со цел намалување на загубите на вода; 3. Оптимизирано управување со водните ресурси - развој на стратегии за рационална употреба на водата преку дигитално следење на влажноста на почвата, временските услови и потребите на растенијата; 4. Поддршка за земјоделците - обезбедување едукација и финансиска поддршка за имплементација на одржливи системи за наводнување, преку субвенции и поволни кредитни линии. Со соодветна примена на овие мерки ќе се зголеми ефикасноста на водокористењето, ќе се подобри продуктивноста во земјоделството и ќе се минимизира негативното влијание на климатските промени врз земјоделското производство.
МАРИЛИ: На кое ниво е грижата за заштита на животната средина во нашата држава, како во однос на употребата на хемиски средства за земјоделски култури, така и во однос на користењето современа механизација? Дали Македонија има еколошки чисти региони?
ПРОФ. Д-Р МАРКОСКИ: Грижата за заштита на животната средина во нашата држава е тема од сè поголемо значење, особено во контекст на одржливиот развој на земјоделството и намалувањето на негативните ефекти од земјоделските активности врз екосистемите.
Иако последниве години се преземаат чекори за подобрување на регулативите и практиките, сè уште постојат предизвици поврзани со употребата на пестициди (хербициди, инсектициди, фунгициди, акарациди и сл.) во земјоделството и степенот на механизација. Во однос на употребата на пестициди, минерални ѓубрива, постои законска регулатива што ја контролира нивната примена, но во практика сè уште има простор за унапредување на свеста и имплементацијата на еколошки прифатливи алтернативи. Прекумерната или несоодветна употреба на пестициди и ѓубрива може да има негативно влијание врз почвата, водите и биодиверзитетот, па затоа е неопходно да се поттикне внимателно запазување на каренцата или користење на биолошки препарати и интегрирани системи за заштита на растенијата. Користењето современа механизација во земјоделството, исто така, оди во насока на модернизацијата, но голем дел од земјоделските стопанства сè уште располагаат со застарена опрема, што доведува до зголемена потрошувачка на горива и поголемо загадување. Поддршката за набавка на енергетски ефикасна и еколошки прифатлива механизација е клучна за намалување на јаглеродниот отпечаток на земјоделскиот сектор. Што се однесува до еколошки чистите региони, Македонија располага со подрачја каде што земјоделското производство се одвива со минимална употреба на пестициди и ѓубрива, особено во руралните и планинските предели, каде што се развива органско и традиционално земјоделство. Такви примери се некои делови од Малешевијата, регионот на Крива Паланка, одредени подрачја во Пелагонија, Мариово, делови од Тиквешијата и западниот дел на земјата, каде што постојат услови за производство на еколошки чисти земјоделски производи. За да се зајакне одржливиот пристап во земјоделството и заштитата на животната средина, потребно е да се инвестира во истражувања, да се поттикне примената на зелени технологии и да се зајакне контролата врз користењето хемиски препарати и ресурсите. Само со ваков интегриран пристап може да се обезбеди долгорочна рамнотежа помеѓу земјоделското производство и зачувувањето на природните екосистеми.
МАРИЛИ: Какви активности планира факултетот за 2025 година, што очекувате од оваа година?
ПРОФ. Д-Р МАРКОСКИ: Оваа 2025 е година на низа значајни активности на нашиот факултет. Покрај редовните студии на сите три циклуси на студии и реализирањето на научноистражувачки проекти, оваа година факултетот ќе започне со акредитација на нова студиска програма на англиски јазик, како и акредитација/реакредитација на студиските програми на трет циклус студии.
Преку набавка на современа лабораториска опрема во 2025 година факултетот дополнително ги зголемува научноистражувачките и апликативните капацитети што им се на располагање на студентите. Вложувањето во наставата и практичните вежби се постојан предизвик за деканската управа во целиот период на управување на факултетот.
Покрај овие т.н. наставни активности, оваа година факултетот ќе го организира Петтиот меѓународен симпозиум за земјоделство и храна - ISAF 2025 во период од 8 до 10 октомври 2025 година, во Охрид. Овој симпозиум е еден од најголемите во регионот, каде што вообичаено повеќе од 400 учесници ги презентираат најновите достигнувања во науката во областа на земјоделството и храната. Но не се само научните работници, односно симпозиумот е место каде што на едно место се сретнуваат и претставниците од бизнис-заедницата и директно учествуваат и се информираат за најновите пронајдоци и истражувања.
На овој симпозиум ќе се одржи и состанок на Асоцијацијата на факултети за земјоделски науки од Југоисточна Европа, во која покрај нашиот факултет членуваат уште 11 најреномирани земјоделски факултети од регионот.
Статијата е прочитана 497 пати.