Интервју со Александра Пановска Илиевска: „Со широката насмевка сакам да ги поттикнам гледачите на радост и позитивна мисла“

Интервју со Александра Пановска Илиевска, новинарка и водителка на утринската програма „Здраво Македонијо“ на „Канал 5“ телевизија. Ведар и позитивен лик кој секое работно утро Ве дочекува со ентузијам, специфичен глас и насмеани очи кои пленат со посебен шарм и харизма. Секогаш модерна и тренди, но умерена и скромна. Секогаш со весел дух и автентичен стил, подготвена да им посака убав и спокоен ден на гледачите.
Повод за ова пријатно, летно интервју е нејзината долгогодишна, плодна и успешна работа во македонскиот етер, но секако и нејзиниот 40-ти јубилеен роденден кој го прослави изминатиот викенд. Александра славеше со својата старосватица Ирена, која исто така наполни 40 години.
Тимот на агенција „Марили“ и посакува во одлично здравје и успеси да продолжи по патот кој го зацртала за себе и најмилите.
„Канал 5“ и прекрасниот новинарски тим се долгогодишни соработници и поддржувачи на проектите на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Заокружувате јубилејна роденденска бројка – 40 години. Колку години „пливате“ во водителските води, независно дали станува збор за радио или ТВ водителство? Од кога почнува Вашето водителско патешествие и како се одвиваше низ годините?
ПАНОВСКА ИЛИЕВСКА: Целата приказна за водителство започнува многу интересно, далечната 2012-та година. Добив подарок книга додека на работно место си го слушав моето омилено радио City, и кога со мојата сестра на пат кон дома наминавме во тогашните простории на радиото во зградата на Зоил Македонија да ја подигнеме, случајно прашав дали имаат потреба од нов глас.
Дечкото Стефан, кој потоа стана и еден од моите омлени колеги се насмеа и кажа дека имаат веќе отворен конкурс и има многу пријавени. Ентузијастички се снимив во тоа време на мојот НОКИА телефон и пратив на е-маил, и по некое време бев контактирана. Од сите кандидати бевме одбрани четворица.
Кога ми се јавија се подготвував за патување во Венеција и не ни можев да поверувам дека јас ја добив оваа можност.
Во тоа време работев во осигурителна компанија и веднаш по работа одев во радио со огромен ентузијазам и желба да научам нешто повеќе.
Колегите беа одлични и секогаш насемеани со отворена поддршка да научиме и да бидеме новите радио лица. Моја менторка беше Марга, потоа кратко работев со Петар, кој тогаш со Ана и Билјана имаа најдобра и најслушана радио емисија „Петар за појадок и пауза“.
МАРИЛИ: Што значи денес да се биде современ ТВ водител? Какви подготовки се потребни од сите апсекти, почнувајќи од договорањето на соговорници, соработка со колеги, па сѐ до подготовката на сценарио и аутфит?
ПАНОВСКА ИЛИЕВСКА: Интересно и забавно. Постојано сме во потрага по различни и креативни соговорници кои секогаш имаат нешто ново интересно и различно да раскажат.
Имаме одличен уредник, Роберт Јанков, кој секако нѝ ја дава целата слобода за креатива и предлог на убава содржина која ќе ја задржи публиката. Секако, јас сметам дека е благодет да се приклучиш во професионален тим кој веќе гради име 18 години утринска програма што е за почит. Кога работиш за професионален, етаблиран и докажан медиум е лесно.
Веќе долги години мои соработници се студио Charm, Кристина и студито на Октај Сејди. За гардероба Astibo, PS Fashion и Магнетик, а за чевли BINA.
МАРИЛИ: Дали сметате дека нашата, домашна публика сѐ уште е најсензибилна на телевизијата како медиум? Дали нашата публика најмногу гледа и верува во телевизијата како медиум, со оглед на тоа дека сме преплавени со интернет портали и социјални мрежи?
ПАНОВСКА ИЛИЕВСКА: Да, класичниот медиум сѐ уште го има приматот во македонскиот етер.
Само треба да се работи професионално, да се следат новите и модерни текови и да се пласираат точни, валидни и проверени информации.
Ние како медиум тоа гордо го правиме со секој чекор. Класичен медиум веќе 25 години со одличен веб портал „Канал 5“ на којшто можете сите информации да ги следите и дигитално.
Тука е и подкастот со нашиот директор, кој во изминатава година е многу успешен и еден од најгледаните. И секако Јутуб каналот, каде може да прегледате сѐ што сте пропуштиле. Сметам дека на овој начин ги следиме тековите и ги задоволуваме потребите на сите гледачи.
МАРИЛИ: Последните неколку години сте дел од тимот на „Здраво Македонијо“ на Канал 5. Претходно Ве препознававме по „Брза кујна“, но и како специфичен глас од радио станиците. Направете паралела радио/телевизија и кажете нѝ која е разликата помеѓу снимени емисии и емисии во живо? Што е потешко и повозбудливо?
ПАНОВСКА ИЛИЕВСКА: Сѐ од ова што го имате наведено во прашањето има свој сензибилитет и убавина. Неблагодарно е да одберам и одвојам. Секое време и емисија имаат своја убавина и радост. Секој тип на медиум, своја лекција.
МАРИЛИ: Како Ве поздравуваат гледачите надвор кога ќе Ве сретнат и препознаат? Дали чувствувате бенефит од тоа што сте јавна личност?
ПАНОВСКА ИЛИЕВСКА: Прекрасни се коментарите и многу сум благодарна на сите кога ќе ме препознаат ќе ме поздрват и ќе споделат коментар. Последното мое патување имав средба со многу дами од вешта жена со кои си споделивме и убаво дружење и коментари за сѐ што правиме секој ден во нашата утринска на „Канал 5“.
Благодарна сум на сите и за убавите и за негативните коментари, тие не учат секој ден да сме подобри и да растеме.
МАРИЛИ: Колку е важен комплетниот изглед на водителот? Почнувајќи од фризура, шминка, гардероба, чевли итн. Иако сте препознатлива по природниот изглед и умереноста, што според Вас е важно на Вас да забележи гледачот, освен широката насмевка?
ПАНОВСКА ИЛИЕВСКА: Сѐ е многу битно. Комплетен и професионален изглед соодветен на програмата која ја презентираме.
Така покажуваме почит кон нашата публика и оставаме доверба за тоа што го создаваме и работиме.
Благодарам на убавите зборови. Да, сакам да сум природна и умерена и насмевката е мојот симбол, така сакам да ги поздравам гледачите и да поттикнам насмевка и кај нив.
МАРИЛИ: Летото е во полн ек. Каде преферирате да „побегнете“ од скопските горештини? Кои се омилени дестинации во Македонија кои сакате да ги посетувате со сопругот и Сара?
ПАНОВСКА ИЛИЕВСКА: Секоја дестинација и убава кога сте со оние кои ги сакате. Во Македонија сакаме често да го посетуваме Охрид, кај нашите пријатели семејство Ристески кои го имаат најубавото сместување во Охрид на Св. Наум каде овој дел од нашата земја е допрена од Бог, со сите дарови и убавино. Надвор од границите довербата им ја даваме на ХолиЈеј Травел кои и патувањето со дете го прават удобност без грижи, каде и да посакате на мапата од светот да заминете.
МАРИЛИ: Македонија нуди многу можности за алтернативен туризам, меѓу кои руралниот, авантуристичкиот, велосипедизам, планинарење. Имате ли Вие семејна практика да применувате некој вид на алтернативен туризам низ македонските природни убавини?
ПАНОВСКА ИЛИЕВСКА: Велосипедот е наш алтернативен превоз за круг околу Охридско Езеро, Маврово или за авантура на југот. Но, за ова е задолжен мојот сопруг.
МАРИЛИ: Која е Александра Пановска Илиевска приватно? Што Ве исполнува и релаксира во слободното време?
ПАНОВСКА ИЛИЕВСКА: Јас сум мајка и сопруга.
Приватно сакам постојано да се надградувам себе си и своето знаење.
Денес посетувам академија за дигитален маркетинг од Бреинстер и сфатив дека секој може постојано да учи и да се усовршува и не треба да има граница на години, возраст бидејќи само така може да станеме најдобрата верзија од себе.
Се релаксирам со добра книга и долга прошетка, во парк или на Водно, или може на некоја подолга и убава дестинација.
Статијата е прочитана 170 пати.