Интервју со Ева Живковска, млада сопранистка која со својот извонреден талент ја освојува домашната и меѓународната оперска сцена

Интервју со Ева Живковска, млада оперска певица, име кое веќе и е добро познато на македонската публика која милува класична музика, а во полн ек и успешно се вивнува интернационално, настапувајќи на светските оперски сцени, освојувајќи бројни награди, но и срцата на аудиториумот. Младата сопранистка со пеење се занимава од 15-годишна возраст, а во моментов го усовршува својот пејачки талент под менторство на светски познатата бугарска оперска дива, Красимира Стојанова. 

„На 16 години дебитирав со Македонската филхармонија на концертот „Млади надежи“. Тоа беше пресвртна точка за мене, првпат почувствував што значи да се пренесе емоција пред публика, заедно со оркестар. Оттогаш, настапите почнаа да се редат, а секој нов настан беше нова потврда за мене дека ова е мојата вистинска љубов и нешто со кое што сакам да се занимавам“, вели сопранистката Живковска во интервјуто за „Марили“. 

На младата, талентирана сопранистка и претстои прв рецитал во Софија кој што ќе се одржи на 16 јуни во 18:30 часот во Културниот информативниот центар на Софија, а паралелно, активно работи на нови проекти во странство и нов репертоар за идни рецитали и претстави.

МАРИЛИ: Почитувана Ева, ова Ви е последна година на Факултетот за музичка уметност во Скопје по соло пеење, а веќе сте врвен сопран кој е на патот да оствари блескава кариера во светот. Кога и како започна љубовта кон пеењето, посебно кон операта, и кои беа Вашите први значајни јавни настапи?

ЖИВКОВСКА: Да, ова ми е последна година на Факултетот за музичка уметност во Скопје – време кога сè што сум учела и градела досега почнува да се реализира на сцена. Благодарна сум што веќе имам можност да настапувам надвор од границите на Македонија, и секој чекор напред ми дава нова шанса да сум поблиску до тоа што сакам да го правам.

Љубовта кон музиката отсекогаш била присутна, уште од најмала возраст. Започнав со основно музичко образование и свирење на пијано, но подоцна моите родители препознаа дека имам талент за пеење.

На 15 години решив да започнам професионално да им се посветам на музиката и пеењето и затоа се запишав во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ во Скопје, во класата на професорката Светлана Донковска. Таа ја разбуди мојата љубов кон операта. Со голема посветеност одвојуваше време и надвор од наставата и со часови ми раскажуваше за оперите, ликовите, приказните... Се замислував во секоја од тие улоги и оттука започна мојата оперска приказна.

На 16 години дебитирав со Македонската филхармонија на концертот „Млади надежи“. Тоа беше пресвртна точка за мене, првпат почувствував што значи да се пренесе емоција пред публика, заедно со оркестар. Оттогаш, настапите почнаа да се редат, а секој нов настан беше нова потврда за мене дека ова е мојата вистинска љубов и нешто со кое што сакам да се занимавам.

МАРИЛИ: Под чие менторство го усовршувате пејачкиот талент во моментов и дали планирате доедукација, магистериум во периодот што следи?

ЖИВКОВСКА: Во моментов го усовршувам мојот пејачки талент под менторство на Красимира Стојанова, со која работам од мојата 18-та година. Таа е извонреден педагог и светски призната оперска дива, а од неа учам не само вокална техника, туку и длабока музикалност, стилска прецизност и сценско изразување.

Морам да кажам дека работата со неа е навистина голема чест и постојана инспирација за мене. Воедно, таа е и мојот идол.

Секако, планирам да продолжам со доедукација и магистерски студии во странство. Верувам дека за еден уметник, континуираното учење и усовршување се суштински делови од уметничкиот развој.

МАРИЛИ: Наведете ги најзначаните настапи во Македонија, но и оние во странство?

ЖИВКОВСКА: Во Македонија, имало низа на многу убави и важни концерти за мене како концертот на „Младите надежи“, потоа „Младите доаѓаат“ со Македонската филхармонија, настани како „Спортист на годината“, концерти со Македонската опера и балет итн.

Но секако, настаните надвор од Македонија се тие кои што посебно би ги издвоила, бидејќи се важна точка во почетоците на мојата кариера. Еден од нив е и настапот во Хрватска, каде што дебитирав во државната операта во Вараждин со операта „Дидо и Аенеас“ од Хенри Персел.

Исто така, бев дел од големиот настан NO(c)TE(s) под отворено небо заедно со познати имиња од Италија и Хрватска.

Во Бугарија каде што за првпат дебитирав со улогата на Марчелина во „Свадбата на Фигаро“ од В.А. Моцарт во повеќе од 10 градови во Бугарија, тука се и моите солистички концерти  во Сиракуза, Аугуста во Сицилија и дебито во улогата на Музета од La Bohème во Teatro Tina Di Lorenzo di Noto под режија на Натале де Каролис, и секако би го издвоила еден од најзначајните натпревари до сега а тоа е натпреварот во Италија, Сицилија каде освоив втора награда.

МАРИЛИ: Неодмна бевте специјална гостинка на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ каде добивте громогласни аплаузи по изведбата на „O Mio Babbino Caro“ на Џакомо Пучини. Колку ваквите настапи се важни за Вас во непосредното запознавање на домашната публика со вашиот талент?

ЖИВКОВСКА: Настапите од ваков тип ми се многу драги, затоа што ми даваат можност да се приближам до поширока публика, која можеби не секогаш има прилика да присуствува на оперски изведби.

Изведбата на „O Mio Babbino Caro“ беше емотивна и искрено се израдував на топлиот прием од публиката.

Ваквите моменти се потсетник дека музиката допира срца без разлика на контекстот, и ме мотивираат да продолжам со уште поголема љубов кон тоа што го правам.

МАРИЛИ: Постои ли сцена на која мечтаете да настапувате во иднина и за што се подготвувате во периодот што следи?

ЖИВКОВСКА: Како и секој млад уметник, соништата се големите сцени – за сцени како Виенската опера, Миланската Скала, Метрополитен опера во Њујорк итн… се оди чекор по чекор, со многу работа, трпение, посветеност, истрајност и голема љубов.

Во моментот се подготвувам за настапите кои што веќе ми се на репертоар „Свадбата на Фигаро“ која што се изведува секој месец во различен град во Бугарија.

Ми претстои мојот прв рецитал во Софија кој што ќе се одржи на 16 јуни во 18:30 часот во културниот информативниот центар на Софија паралелно, активно работам и на нови проекти во странство и нов репертоар за идни рецитали и претстави.

МАРИЛИ: Која е Ева Живковска приватно, што е она што ја одржува нејзината енергија, ја мотивира и ја бодри?

ЖИВКОВСКА: Приватно, сум едноставна личност која ужива во малите нешта – сакам прошетки во природата, покрај вода, обожувам да читам добри книги во слободно време, сакам да поминувам време со моите сакани.

Ме мотивираат луѓето што веруваат во мене, како и чувството дека преку музиката можам да оставам трага.

Најмногу ме бодрат моето семејство и блиските пријатели – тие се мојата сила.

А најголемата енергија ја добивам токму од сцената кога ќе застанам пред публика, тоа е најубавиот и највозбудливиот момент што не би го заменила за ништо друго на овој свет. 


Статијата е прочитана 408 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско