Годишен раст на зелените кредити за 29 % во 2023 година

Народната банка ги објави податоците за „зелените кредити“ за четвртиот квартал од 2023 година, каде што се забележува раст на квартално ниво од 5%, додека на годишна основа од 29,1%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога почнале да се прибираат податоците, „зелените кредити“ се зголемени за 2,8 пати. Станува збор за заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развивање нова еколошка технологија.

Според податоците на Народната банка, на крајот од 2023 година, банкарските побарувања врз основа на зелени кредити изнесуваат 19.863 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите земени од фирмите, додека најмногу зелени кредити давале големите банки. 

Расте и уделот на зелените во вкупните кредити, иако сѐ уште е на ниско ниво. Oд крајот на 2019 година, заклучно со 2023 година, учеството на зелените во вкупните кредити е зголемено од 2,2% на 4,5%.

Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки. Народната банка изработи Среднорочен план на активностите во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 − 2025 година, а неодамна заради подобрување на расположливоста на податоците за климатските промени објави и Преглед на зелените показатели коишто ќе помогнат во анализите за понатамошно носење политики. Се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестови. 


Статијата е прочитана 507 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско