Промовирана новата книга „Една ноќ“ на писателката Кристина Краличин на Саемот на книга 2024

На 20 април во 18 часот во Промо-центарот на Саемот на книга 2024 во прекрасна атмосфера беше одржана промоција на новата збирка поезија на Кристина Краличин насловена „Една ноќ“. Книгата ја промовираше проф. д-р Ермис Лафазановски кој на почетокот истакна дека Кристина Краличин како писателка има неверојатна енергија и неверојатен потенцијал за пишување, односно се работи за комплетен писател, поет и романописец.

„Нејзината поезија комплетно ме изненади во нејзината сеопфатност, во нејзината длабочина, затоа и решив денес да проговорам повеќе за книгата Една ноќ. Кристина Краличин е во потрага по зборот, по речта, исто како и во нејзината прва збирка поезија Патот на душата по зборот што гори, но на имплицитен начин.“ – Нагласи во своето обраќање Лафазановски.

Професорот ги покани присутните да размислат за една реторика што често несвесно ја кажуваат: „Немам зборови да опишам колку сум среќен, немам зборови да опишам колку убава природа гледам, немам зборови да опишам колку сум тажен, немам зборови да ја опишам оваа убавина, прашањето е следно, зошто луѓето во моментот кога доживуваат некаква возбуда, екстаза, да речеме возбудлива тахикардија, кога срцето почнува посилно да чука, немаат зборови нешто да објаснат. Одговорот на ова прашање е комплексен, со него се занимавале филозофите, лингвистите, практично одреден број на филозофи во 20-тиот век велеа дека филозофијата не може да се објасни со зборови, мислејќи притоа на следново, дека човековиот ум е безграничен во собирање и складирање на информации, на чувства, на сето тоа што еден човек го доживува во животот или во истиот момент. Постојат луѓе кои успеваат да ја концентрираат мислата и да го прошират значењето на зборот, семантичкиот потенцијал на зборот – тие луѓе се уметниците. Да сублимирам, меѓу уметниците можеби најважните за пишуваниот збор коишто умеат да ги искажат чувствата во сублимирани зборови, тоа се поетите. Кога ќе ја прочитате книгата на Кристина Краличин, ќе видите дека сите зборови, сите стихови, сите реченици во поезијата практично како да се набиени со енергија, како да бараат безграничност во таа граница којашто ја нуди зборот.“ – Лафазановски

Кристина Краличин прочита неколку песни од книгата кои ги илустрираат двата циклуса од љубовната лирика и етичката вертикала кои се составен дел во нејзината поезија. Професорот Лафазановски во книгата го напиша и Поговорот Во потрага по изгубеното значење на речта во кој вели: „Ако и вие како и јас, откако ќе ја прочитате книгава песни, без разлика дали започнавте од средината, крајот или почетокот, почувствувате дека штотуку сте излегле од куќа полна со таинствени зборови, идеи, метафори во кои бескрајно уживавте, тогаш веројатно како и јас ќе сакате да го добиете клучот што ја отклучува вистината за поезијата на Кристина Краличин, која на суптилен, елоквентен и длабоко филозофски начин успеа да создаде еден оригинален сопствен свет во кој незапирливо ита кон откривањето на тајните на љубовта, но и загубата, среќата и тагата, меланхоличното, но и веселото расположение и конечно, вистината, но и лагата.“

Професорот Лафазановски во Поговорот завршува: „Кристина Краличин со оваа книга песни покажува дека е достоен наследник и продолжувач на светлата традиција на македонската современа поезија, а упатена кон поетското ѕвездено небо на поезијата на иднината.“

По завршувањето на промоцијата, писателката ги потпишуваше книгите за присутните на штандот на Издавачката куќа Чудна Шума.

Писателката Кристина Краличин на промоцијата беше облечена во модел на Елена Лука.


Статијата е прочитана 400 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско