Верувам во совршенство, ред и дисциплина и се радувам на сечиј успех

Интервју со д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОЅ Македонија и ЕОЅ Косово. Компанијата е водечки финансиски инвеститор, со главна дејност- управување со побарувања (достасани кредитни пласмани) преку активности на преземање (откуп) и наплата на обезбедени и необезбедени побарувања. Услугите ги нудат во 180 земји низ светот, а нивни клиенти се големи банки, осигурителни друштва и други кредитодаватели.

Според д-р Бошевска, колку и да зависи успехот од личните карактеристики на жената, општеството треба да создаде предуслови за нивно остварување. Не прифаќа стереотипи и предрасуди. Никогаш не била меинстрим, сака да помага, се радува на успехот на другите луѓе, искрена е, и сака да се смее и да се шегува...

Д-р Бошевска ќе биде директен учесник на третиот регионален „Марили Бизнис Форум“, кој ќе се одржи во мај, 2024 година. 

МАРИЛИ: Колку долго ЕОS Матрих постои на македонскиот пазар, какви услуги нуди, во кои области дејствува и на кои меѓународни пазари е застапена?

Д-Р БОШЕВСКА: Нашата компанија ЕОЅ Матрих, дел од ЕОS Групација, е финансиско-правна компанија што дејствува на домашниот пазар од 2003 година.

ЕОЅ Матрих е водечки финансиски инвеститор, а наша главна дејност е управување со побарувања (достасани кредитни пласмани) преку активности на преземање (откуп) и наплата на обезбедени и необезбедени побарувања. Услугите за наплата ги нудиме и на меѓународно ниво во 180 земји низ светот. Наши клиенти се големи банки, осигурителни друштва и други кредитодаватели.

Особено сме активни во сегментот пренос на побарувања, односно преземање на цели портфолија на нефункционални пласмани со различен состав и статус: необезбедени или обезбедени. Во изминатиот период поинтензивно работиме во сегментот на преземање на обезбедени побарувања и при управувањето со големите предмети дополнително го зголемуваме нашето инвестициско портфолио и работиме и на македонскиот пазар за недвижности, нудејќи поволни можности и во овој сегмент. 

МАРИЛИ:  Вие сте единствена компанија од приватниот и финансискиот сектор од земјава што поседува сертификат CIS Vienna за ISO 27701:2019. Што претставува овој сертификат и колку е важен за Вашите корисници, партнери и клиенти?

Д-Р БОШЕВСКА: Основа на нашата работа се податоците. Имплементираме напредни системи за заштита сертифицирани од меѓународната компанија „CIS - Certification & Information Security GmbH“, која е специјализирана за безбедност на информации и заштита на податоци. Уште пред 2016 година започнавме со воведување на Системот за управување со безбедноста на информациите (ISMS  Information Security Management System) и нашиот труд го потврдивме со добивање на сертификатот ИСО 27001 таа година.

Бидејќи ние сме дел од групација што работи по европски стандарди, по воведувањето на „GDPR“ на ниво на ЕУ веднаш почнавме со усогласување со него, иако законски немавме таква обврска. Следејќи ги европските стандарди и практики, почнавме со воведување на Систем за управување со лични податоци (PIMS) веднаш кога ИСО 27701 стана достапен. Нашата визија се потврди со добиениот сертификат за ИСО 27701 во 2022 година. Особено задоволство ни е што нашата компанија е единствена во финансискиот сектор што е сертифицирана со овие стандарди. Ова докажува дека ние навистина правиме сѐ за заштита на податоците што ги обработуваме. 

МАРИЛИ: ЕОS ја поддржува циркуларната економија преку имплементација на модел за корпоративна одговорност и „ЕСГ агенда“. Конкретно, на кои начини ја поддржувате циркуларната економија?

Д-Р БОШЕВСКА: Нашата главна цел ја изразуваме во тврдењето: Ги менуваме финансиите кон подобро (Changing finances for the better). Принципите на циркуларната економија ги применуваме преку нашето секојдневно работење, иновирање и наоѓање решенија и неуморно се трудиме да ги менуваме нештата кон подобро за индустријата и општеството. Дел од нашите активности во рамките на нашиот модел за корпоративна одговорност се нашата „KYC“ - процедура за запознавање на својот клиент и иницијативата „Paperless Office“ - Канцеларија без хартија.

Процедурата за запознавање на својот клиент служи за внимателна процена на партнерствата преку оценување на клиентите, партнерите и набавувачите врз основа на нивната посветеност на принципите на одржливост и следствено на оваа процена се донесуваат одлуки околу изборот на соработници и партнери.

Активно се залагаме да придонесеме и во заштитата на животната средина. Голем чекор беше трансформацијата на начинот на кој работиме во Канцеларија без хартија, каде што преку дигитализација на работните процеси значително ја намаливме употребата на хартија во ЕОЅ и го минимизиравме отпадот во форма на физички документи. Во недостиг на соодветно решение на пазарот, создадовме сопствен дигитален систем за електронско управување со документи од секаков вид. Овој процес го усовршуваме и денес целосно го смени работењето во секој од секторите на компанијата.   

МАРИЛИ: Што е пресудно за да напредува жената во кариерата? Дали тоа се личните карактеристики, образованието, поддршката од тимот, поддршката од семејството или, пак, нешто друго?

Д-Р БОШЕВСКА: Голем е предизвикот една жена да изгради успешна кариера. Патот на жената кон успехот е под континуиран притисок и постојано исполнет со предизвици. Сето тоа е особено изразено кога ќе почне да работи. Но главната пресвртница се јавува во моментот кога жената одлучува да изгради семејство. Тогаш жената одлучува како ќе продолжи понатаму, а тоа директно зависи од условите што ги ужива и поддршката од околината.

Токму тоа е и мојот став, колку и како ќе напредува жената одлучува сама, а колку и да звучи нелогично, кај нас таа одлука е многу полесна затоа што е сосема нормално жената да има кариера, да придонесува во општеството и да биде поддржувана во тој процес.

Оттука, личните карактеристики на една жена ги дефинираат нејзиното однесување и нејзините ставови. Потребна е храбра жена за успех, исполнета со амбиција, жена што верува во сопствените можности и ослободена е од предрасуди. Но, залудно е да веруваме дека само ова е доволно за успех на жената. Колку и да зависи успехот од личните карактеристики на жената, општеството треба да создаде предуслови за такво остварување.

Ова е потребно токму поради мајчинството, една фаза од животот на жената во која инстинктот за заштита е доминантен. Тогаш жената е најактивна, но за да може целосно да се изрази во сите полиња, треба да се најде во систем што ќе ја поддржува.

Сите околу жената треба да го прифатат овој нејзин пристап, сите треба да бидат ослободени од предрасуди и сите да придонесат во остварувањето на таа цел на жената.

И денес сме сведоци на општества што сѐ уште не успеале да ја интегрираат жената во доволна мера, а има и такви што воопшто не ја интегрираат. Тоа не е неуспех на жената, тоа е неуспех на цивилизацијата, неуспех на тие општества. Една образована жена, една жена што негува вредности, може да биде и добра мајка, но и да придонесе во развојот на општествата многупати повеќе од сите други. 

МАРИЛИ:  Вие сте успешна жена менаџер што постојано е активна и во движење. Како успевате да се справите со работните и приватните обврски? Која е Катерина Бошевска приватно и што Ви дава „ветер в грб“?

Д-Р БОШЕВСКА:  Работните и приватните обврски мора да бидат балансирани. Јас верувам во рамнотежа и сметам дека ниту едното не треба да трпи од другото. Изборот и одлуката се кај секоја жена и каква и да биде таа одлука треба да се почитува. Јас се определив да градам кариера во еден сегмент од финансиите што кај нас сѐ уште не е доволно развиен и од аспект на практика и од аспект на легислатива, што наметнува потреба за многу анализа, борба и докажување. За тоа се потребни дополнителна енергија и вложување.

Водена со мотивот за континуирано учење и усовршување јас, сепак, туркам напред и се трудам да бидам позитивен пример за моите деца, генерално, за младите. Отсекогаш сум се разликувала од мeинстримот, сум имала различни, честопати спротивни ставови од генерално прифатените.

Верувам во совршенство, ред и дисциплина, прецизност. Не прифаќам стереотипи и предрасуди. Сакам секому да му помогнам да успее, да биде подобар и, генерално, се радувам на успехот на другите луѓе. Мојот пристап е искрен, отворен, сакам да се шегувам и смеам.

Функционирам во хармонична средина, дома и на работа, а токму тоа ме прави успешна. Моето семејство е моја огромна поддршка, но и мотивација. Тоа што ме движи, тоа што ми дава мотив е потребата за промена кон подобро во секој сегмент.

Мојот оптимизам доминира и ме води низ животот. Токму тоа е мојот ветер во грб, тоа што ме мотивира да работам и придонесувам за бизнисот во кој работам, но и за општеството во целина. 

 


Статијата е прочитана 1207 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско