Интервју со Весела Честоева, директор на УЗКН:„ Промоцијата на богатото културно-историско наследство е од есенцијално значење за зачувување на македонскиот идентитет, јазик и историска вистина“

Интервју со Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културно наследство, во пресрет на 35-годишнината од независноста на македонска современа држава. 

Честоева во интервјуто говори за двата музејски проекти на Кале кои се во завршна фаза, за активностите во Старата скопска чаршија, за Скопскиот аквадукт, за заштитата на материјалното и нематеријалното културно наследство, како и за надлежностите и активностите на Управата за заштита на културно наследство.

МАРИЛИ: Со Вашето доаѓање на чело на Управата за заштита на културното наследство започна активното обновување и ревитализација на археолошките објекти на скопското Кале, односно на два нови музеи. Колку и какви артефакти ќе бидат изложени и кога ќе бидат отворени за посетители?

ЧЕСТОЕВА: Двата музејски проекти на Кале се во завршна фаза и особено ми е драго што за краток временски период на работа, планирање и реализација конечно влеговме во фаза кога резултатите веќе се видливи за јавноста.

Имено, станува збор за значајни проекти не само од аспект на културното наследство, туку и за развојот на музејската понуда и туристичкиот потенцијал на Скопје. Би сакала хронолошки да потенцирам дека во 2011 почнале да се градат три музеи – за праисторија, за османлиски и за средновековен период, но тие беа за жал оставени во заборав сѐ до пред две години. Морам да истакнам дека приоритет на оваа влада беше овие музеи да се стават во целосна функција, и затоа јас уште минатата година доставив информација на влада за обезбедување на финансиски средства. Станува збор за поправка, тековно одржување, санација и адаптација.

Управата за заштита на културно наследство, преку Владата, обезбеди финансиски средства  и врз основа на тоа, влезе во тој процес да ги заврши овие два музеја и да ги стави на располагање на посетителите коишто, како што можеме да забележиме, ги има во голем број.  Во моментот се финализираат последните активности поврзани со уредувањето на  поставките и техничката опременост заедно со Археолошкиот Музеј на Македонија. Нашата цел не е само да ги завршиме објектите, туку да создадеме современи музејски простори во кои културното наследство ќе биде презентирано на професионале, современ и достапен начин. Над 5.800 артефакти кои беа пронајдени за време на капиталните истражувања на Калето во Скопје ќе бидат дел од поставката во Музејот на праисторијата и Музејот на отоманското наследство.

Она што сепак е најважно е дека Кале повторно ќе добие уште поголемо значење како простор на културата, историјата и наследството. Очекувам двата музеи да станат места кои ќе ги посетуваат не само граѓаните од Македонија туку и голем број на странски туристи.

За мене како институција која се грижи за заштитата и унапредувањето на културното наследство, ова е особено значаен момент – наследството не треба само да го чуваме, туку треба да го направиме достапно, видливо и разбирливо за идните генерации. Особено значајно е што Кале ќе биде ставено во функција во  рамките на ЕПК (Европска престолнина на културата) како еден од клучните простори каде што ќе се презентира историјата, културата, и современите културни содржини, место што ќе ги поврзува минатото сегашноста и иднината.

МАРИЛИ: Колку е скопското Кале богато со историја која вреди да се види и чуе?

ЧЕСТОЕВА: Скопското Кале е едно од најзначајните места во Скопје, но и простор кој во себе носи неверојатно богатство од различни историски периоди. Тоа не е само тврдина што ја гледаме денес. Кале е  своевидна книга на историјата на Скопје напишана низ векови. На овој простор се испреплетуваат различни цивилизации, култури и историски настани. Археолошките истражувања сведочат за живот на Кале уште од праисторискиот период, а низ вековите просторот го менувал својот изглед и функција оставајќи траги од различни епохи. Со археолошките истражувања од 2007-2014 се овозможи појасна слика за развојот на населбата.

Најинтересно е што на Кале се откриени траги од населување уште од 5-от милениум пред нашата ера. Истражувањата покажаа повеќе праисториски населби од енеолитот, преку бронзеното и железното време, до раната антика. Пронајдени се остатоци од куќи, објекти, керамички садови, метални предмети, оружје, монети. Археолошките истражувања открија и остатоци од градби, улици, одбранбени структури и предмети од средновековниот период на Кале.

Во отоманскиот период османлиите ја користеле тврдината, биле доградувани бедемите, кулите. Кале бил важен стратешки воен пункт во османлискиот период. Затоа османлиската приказна на Кале е приказна за секојдневниот живот за архитектурата, занаетите, трговијата, културата што се случувале во текот на речиси сите 5 века.

МАРИЛИ: Под надлежност на Управата се и Старата скопска чаршија и Скопскиот Аквадукт. Што се презема во однос на зачувување и ревитализација на овие културно-историски и археолшки пронаоѓалишта? 

ЧЕСТОЕВА: Аквадуктот и Старата Скопска чаршија се две исклучително значајни точки на културното наследство на Скопје и на државата. За нас во Управата нивната заштита не е само законска обврска, туку и огромна одговорност. Кога зборуваме за Аквадуктот зборуваме за споменик со исклучително значење кој во 2021 беше прогласен за културно наследство од особено значење во поткатегорија исклучително значење. Со тоа се создадоа услови за трајно зачувување на неговите историски, архитектонски, едукативни и туристички вредности. Аквадуктот исто така треба да биде дел од културната и туристичкатаа понуда на Скопје, но притоа мора да биде направена со почитување на неговата автентичност и историска вредност.

Старата Скопска чаршија, пак е посебна приказна. Таа е прогласена за културно наследство од особено значање и претставува жива историска целина. Нејзината вредност не е само во старите објекти, туку и во урбаната структура, дуќаните, верските објекти, традиционалните занаети и начинот на кој наследството и денес е дел од животот на градот. Токму затоа, заштитата на Чаршијата мора да биде интегрирана. Не можеме да заштитиме само една фасада а да го занемариме просторот околу неа.

Не можеме да ги зачуваме само објектите, а да исчезнат старите занаети и духот на чаршијата. Улогата на Управата е да обезбеди системот на заштита да функционира преку стручни постапки, валоризација, утврдување режим на заштита, координација со надлежните установи и надзор над спроведувањето на мерките. Непосредната конзервација и реставрација се реализира со стручните конзерваторски установи , особено НУ Конзерваторски центар – Скопје. Она што сакам да го потенцирам е дека заштитата не значи наследството да го ставиме под стаклено звоно. Напротив, треба да го зачуваме, но и да му овозможиме да живее со современиот град.

МАРИЛИ: Управата е надлежна и за Охридскиот регион кој е заштитен од УНЕСКО. Кои активности се актуелни во моментов во тој регион?

ЧЕСТОЕВА: Во средината на месец јули делегација на Република Македонија отпатува во Бусан,  Јужна Кореја на 48. сесија на Меѓувладиниот комитет на  УНЕСКО. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО согласно принципите на Конвенцијата 1972, одлучи „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион во кој партиципираат како што знаете Република Албанија и нашата земја, да добие уште 5 години за да ги спроведе забелешките на мониторинг комисиите на УНЕСКО. Со оваа одлука беше одложено впишувањето на Охрид на Листата на светско наследство во опасност, додека Владата и засегнатите општини (Струга, Охрид и Дебарца) врз основа на потпишано писмо, презедоа обврски со назначени приоритети што ќе треба да ги спроведат во назначениот период. Многу е важно да нагласиме дека за одлуката што е донесена на седницата во Бусан, Јужна Кореја, гласаа 16 земји од вкупно 21 членка на Комитетот за светско наследство.

Македонската делегација од која бев дел ја водеше амбасадорот во Париз, Игор Николов, а имаше претставници и од Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина. Така што тимската работа, навистина вроди со позитивни резултати. Впрочем, тоа е наследен проблем од порано и ние во последниве две години презедовме активности како ниту една влада претходно, за да покажеме сериозност во намерите и да го убедиме Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да ја донесе оваа одлука.  Од 2024 година кога Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, и дека од 456 решенија за уривање ниедно не е спроведено, постојано работиме со новоформираниот Кризен штаб при Министерството за култура и туризам на подигање на свеста на локалното население, на мониторирање на активностите на сите засегнати страни (локалната самоуправа, бизнис заедницата и сл.) и секако на развивање механизми за секој констатиран прекршок и дивоградба да се решат во законска процедура и во рамки на надлежноста која е поделена помеѓу централната власт и локалната власт.

Во таа смисла, кон средината на јуни, во Охрид организиравме работна средба на 14  амбасадори од УНЕСКО кои го посетија заштитениот регион. Имаа работен викенд, ги посетија сите општини, разговараа со сите релевантни чинители.

Не треба да заборавиме дека овој процес не зависи само од Македонија, туку и од Република Албанија, бидејќи Охридското Езеро е заедничко природно наследство. Оваа одлука на УНЕСКО е значаен чекор, но не и крај на процесот. Заедно со Албанија треба да подготвиме временски ограничена рамка за спроведување на стратегискиот план до 2030 година, а до 1 февруари 2027 година треба да биде доставен нов извештај за постигнатиот напредок. Дел од тие одлуки се навистина комплексни, бидејќи статусот кој го имаат општините Охрид, Струга и Дебарца во УНЕСКО, не треба да наштети на развојот на целиот туристички регион. Ќе мора набрзо да ги отвориме прашањата поврзани со некои клучни инфраструктурни проекти, дел од Коридорот 8 кој поминува во дел од тие реони.

Така што, работиме и на координација во рамки на земјава, но и билатерално со институциите во Р. Албанија во креираањето јасен план за понатамошно делување. Како статистика ќе ви наведам дека за „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион“ единственото впишано добро  согласно Конвенцијата за светското културно наследство (1972) само во последниот период се подготвија повеќе документи кои недостасуваа во досегашните извештаи, се коригираа сите фактички грешки со што се затворија некои од прашањата поставени во Извештајот од последната Реактивна мониторинг мисија на УНЕСКО; одржани се  неколку онлајн состаноци за заедничка координација со претставнци од Р. Албанија за заштитата на „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион“ заседаваше најмалку четири пати Националниот Совет за заштита на културното наследство по различни прашања поврзани за Охрид, така што оваа посветеност и тимска работа вродија со плод.

МАРИЛИ:  Каква е улогата на УНЕСКО во заштитата на нематеријалното културно наследство и колку добра од нашата земја се досега заштитетни? Што е следно на листата за впишување во списокот на УНЕСКО на заштитени нематеријални добра од нашата земја?

ЧЕСТОЕВА: По однос на активностите поврзани со Конвенцијата за нематеријално културно наследство од Париз 2003, таму немаме  никаков проблем, остваруваме крупни успеси. Имено, за првпат нематеријалното културно наследство е дел од поголемата Владина програма и засега сите предвидени активности го следат тој акциски план. Јавноста веќе знае дека во УНЕСКО се впишани 6 нематеријални добра еве да ги повториме за вашите читатели, тоа се орото од с. Драмче, делчевско „Копачката“, Гласоечкото пеење од Долни полог, тетовско, потоа штипското „Четрсе“, македонската гајда, како заедничка номинација со турскиот тулум од регионот на Карадениз, потоа мултинационалните номинации на „Х’д’рлез/Ерделези“ и Мартинките или официјално именувано како „Празнувањата на 1ви март“. 

Овие мултинационални соработки се од големо значење за нас, бидејќи добрата кои се веќе впишани во УНЕСКО, давааат повод и за конкретна билатерална и мултиратерална соработка со државите со кои сме аплицирале, па така остварената долгорочна соработка со турската Управа за заштита на културното наследство резултираше со научна трибина во Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, Р.Турција, на тема идна соработка меѓу носителите на  „Македонска гајда и турскиот тулум“. Минатата година ја одблележавме и десетгодишнината од впишувањето на „Гласоечкото пеење“ со трибина во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Република Хрватска.

Секако дека не застануваме тука, активно работат три работни групи паралелно за подготовка на нови досиеја, еве ќе откриеме нешто ново, за вашиот медиум, дека за следниот циклус номинации, предвидени се впишувањата на „Етноастрономската карта на Македонскиот народ“ (2026), „Чалгиската традиција од Македонија“ и номинацијата на „Ајварот од Македонија“ (2027 – 2028)  на Репрезентативната листа, со што бројот на впишани добра набрзо ќе се зголеми. 

Со тоа и обврските на државата нараснуваат, бидејќи новите насоки кои ги добивме на 11. Генерално собрание на Конвенцијата 2003 која се одржа овој јуни во седиштето на УНЕСКО во Париз, велат дека се заоструваат критериумите за впишуваање, но и се олеснуваат процедурите за отпишување на нематеријални добра од листите на УНЕСКО.

Генералните политики на УНЕСКО во заштитата на нематеријалните добра од 2027 година одат во насока на голема промена во пристапот кон овој вид наследство и негово вклучување во одржливиот економски развој на заедниците/носителите на голема врата.

МАРИЛИ: Каде и на кои начини Македонија го промовира своето културно - историско наследство во светот и колку е тоа есенцијално за зачувување на историјата, јазикот и идентитетот на нашата земја?

ЧЕСТОЕВА: Непрестано делуваме на планот со отворање на нови соработки како онаа на пример со Одделот за култура на Обединетите Арапски Емирати за номинација на различни видови традиционална исхрана во УНЕСКО, со цел наше вмрежување во големиот дигитален светски атлас кој се изработува во моментов. Исто така, работиме на Твининг проект за „Зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина“  како дел од интензивната соработка со Република Албанија.

Во овој проект главни партнери се Министерството за внатрешни работи и италијанските карабињери, но во него медијација се токму нашите инспекциски служби на Управата. Оттаму, во рамките на активностите поврзани со овој проект, УЗКН во изминатиов период беше дел од четвртиот и петтиот управен комитет од каде произлезе еден многу интересен документ именуван како „Меморандум за разбирање“.Управата по службена должност уште е дел и од Заедничкиот мониторинг комитет (ЗМК) за следење на ИПА 3 програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, па во тек се активности поврзани со проектите кои се реализираат во рамки на периодипната 2021-2027 програма.

Секојдневно се случуваат бројни активности на план на промоција на културното наследство во кои Управата за заштита на културното наследство партиципира некогаш со поголеми, некогаш со помали активности. На овој начин помагаме на нашата татковина во  промоцијата на нејзиното богато културно-историско наследство низ светот преку неколку клучни канали, што е од есенцијално значење за зачувување на македонскиот идентитет, јазик и историска вистина во глобален контекст. Нашата поддршка ја даваме и на процесот на Дигитализација и новите креативни решенија за виртуелен туризам; или преку присуство на научни собири; истотака без дозволите кои ги издава Управата не би можеле да се реализираат и бројните изложби на кои вредни артефакти се изложуваат  по светот.

Еве последниот и највпечатлив пример за претставување на македонското движно културно наследство во светски рамки беше големата изложба „Атила – Хоризонти на сеќавањето“ на Националниот Музеј на Унгарија во Будимплешта, кој беше домаќин на оваа голема доцноантичка изложба каде Археолошкиот музеј од Скопје рамноправно учествуваше со ексклузивни и богати наоди пронајдени во гробницата во Таранеш, Дебарско. Со моето присуство на оваа изложба ја дадов поддршката и на оваа промоција на културното наследство. Преку овие изложби македонските артефакти се рамноправен дел од светската цивилизациска ризница.

Инаку, на Меѓународниот саем за медитеранско културно наследство во Пестум, Република Италија, нашата Управа за заштита на културното наследство со години успешно го презентира македонскиот културен трезор на оваа Берза. Посетителите и светските експерти преку специјализирани материјали и монографии се запознаваат со ранохристијанските мозаици, античките градови (Стоби, Хераклеја) и македонските византиски цркви. Преку онлајн платформи се овозможуваат виртуелни тури низ локалитетите како Хераклеја, Стоби, Кокино и преку 1.000 цркви и манастири со уникатен фрескоживопис.

Промоцијата не е само туристичка алатка, туку и одбранбен механизам за опстанок на нацијата. Во услови на геополитички негирања и присвојувања од соседите, меѓународната промоција нуди научно засновани докази за континуитетот на македонскиот народ на овие простори.

Кога светот гледа материјални докази, просторот за политички манипулации се стеснува. Исто така, промоцијата на културата ги поврзува и нашите иселеници со нивната матична земја, со корените.  На тој начин се спречува и асимилацијата на помладите генерации.

Знаете, малите нации опстојуваат во глобализираниот свет само доколку се препознатливи по нешто уникатно. А нашата култура (бројните археолошки наоди, византиското сликарство, современото уметничко сликарство, автентичниот фолклор, специфичниот мелос со 7/8 такт) е нашата „мека моќ“ со која рамноправно се позиционираме на светската мапа.

МАРИЛИ: Можете ли да наведете што се спаѓа под надлежности на Управата за заштита на културно наследство?

ЧЕСТОЕВА: Под надлежност на Управата спаѓаат особено: Заштита на недвижното културно наследство – археолошки локалитети, цркви и манастири, стари градски јадра, чаршии, тврдини, споменици, меморијални објекти и други историски градби.

Заштита на археолошкото наследство – следење и заштита на археолошките локалитети, давање услови и мерки за заштита и следење на археолошките истражувања во рамките на законските надлежности.

Заштита на движното културно наследство – предмети, археолошки наоди, уметнички дела, етнолошки предмети и други културни добра, во делот што го опфаќа системот на заштита.

Прогласување и утврдување статус на културно наследство, односно постапки за утврдување, категоризација и заштита на културните добра.

Изработка и донесување акти за заштита – решенија, заштитни режими, мерки и услови за заштита. Конзервација, реставрација и санација на заштитени добра, преку утврдување на условите и мерките под кои може да се изведуваат интервенции.

Контрола и надзор над спроведувањето на мерките за заштита, во рамките на законските овластувања.

Заштита на културното наследство при урбанистичко планирање и изградба – особено кога се работи за заштитени подрачја, објекти и локалитети.

Заштита од нелегални интервенции, оштетување, уништување и нелегална трговија со културни добра, во соработка со други надлежни институции.

Меѓународна соработка и спроведување на меѓународни конвенции во областа на културното наследство, вклучително и обврските поврзани со UNESCO.

Евиденција и документација на културното наследство и водење на соодветни регистри согласно закон.

Координација со националните установи за заштита – заводи и музеи, конзерваторски центри и други институции што вршат стручна заштита.

Важно е да се направи разлика: Управата не е сопственик на сите културни добра и не ги извршува сите конзерваторски и музејски работи непосредно.

Нејзината улога е првенствено управна, регулаторна, координативна и надзорна, додека стручните установи – заводи, музеи и конзерваторски центри – вршат конкретни стручни работи според своите надлежности.

МАРИЛИ: Кога треба да биде усвоена Националната стратегија за заштита и користење на културното наследство за периодот 2026 -2030 година,  и накусо, што опфаќа истата? 

ЧЕСТОЕВА: Националната стратегија за заштита и користење на културното наследство за период 2026-2030 за првпат се носи во нашата држава и претставува резултат на стручна анализа, институционална координација и потребата од усогласување со меѓународните стандарди и добри практики во областа на заштитата, управувањето со ризици, дигитализацијата и одржливото користење на културното наследство.

Во фокусот на документот се: Анализа на состојбата со културното наследство, Унапредување на нормативната и институционалната рамка, Зајакнување на капацитетите за заштита и конзервација, Интегрирање на културното наследство во развојните политики, Поттикнување на јавната свест и едукација, Развој на одржливи модели на користење и валоризација, и Примена на современи технологии и дигитални алатки.

Нацрт- стратегијата е изработена од страна на стручна работна група формирана со решение на УЗКН, составена од претставници на релевантни институции од областа на заштитата на културното наследство, експерти, научни работници и практичари во соработка со Министерството за култура и туризам. Работната група во текот на изработката спроведе анализа на постојната состојба , ги согледаа предизвиците во системот на заштитата и управувањето како и потребата од усогласувањето со меѓународните стандарди и добри практики.  Овој стратешки документ е во владина постапка и за кратко време треба да влезе во собраниска процедура.

МАРИЛИ: Низ годините бевте на чело на поголем број на институции и бевте  дел од креирањето на неколу музеи. За кои музеи станува збор и колку беше важна вашата храброст и посветеност за водење на пороектите за зачувување на културното благо на земјата?

ЧЕСТОЕВА: Кога зборувам за моето професионално искуство, со особена гордост се навраќам на институциите на чие чело сум имала можност да застанам – меѓу кои и Археолошкиот музеј и Винскиот музеј, кој го водев уште од неговото основање.

За мене, раководењето со една институција никогаш не било само функција или титула. Тоа пред сè значи одговорност, посветеност и храброст да се носат одлуки, особено кога се работи за културата, историјата и наследството на една држава. Секогаш сум верувала дека институциите не се само згради и административни структури – тие се живи места кои ја чуваат меморијата на народот и ја пренесуваат на идните генерации.

Во секоја институција што сум ја водела сум се трудела да оставам свој печат, но уште повеќе – да создадам услови таа да се развива и да има поголемо значење во општеството. Тоа бараше многу работа, истрајност, но и храброст да се преземат одговорности и да се направат промени кога сум сметала дека се неопходни.

Особено сум горда што сум била дел од создавањето и развојот на Винскиот музеј уште од неговите почетоци. Да се започне нешто од нула е голем предизвик, но токму таквите предизвици ме мотивирале. А водењето на Археолошкиот музеј ми даде можност уште подлабоко да се посветам на нашето културно и историско наследство.

И денес, кога ја водам Управата за заштита на културното наследство, ја носам истата определба – да работам одговорно, храбро и посветено. Знам дека секоја одлука во областа на културното наследство остава трага за иднината.

Затоа не се плашам од предизвиците. Напротив, верувам дека функцијата има смисла само тогаш кога човек има храброст да преземе одговорност и посветеност да го доврши она што го започнал.

Мојата најголема мотивација отсекогаш била чувството дека работам нешто што е поголемо од мене – дека со мојата работа придонесувам да се зачува дел од македонската историја, идентитет и култура за оние што ќе дојдат по нас.

 

 


Статијата е прочитана 411 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete