Интервју со врвната оперска певица Ана Дурловски: „Професионалниот успех не е една голема победа, туку збир од илјадници мали дисциплинирани чекори“

Ексклузивно интервју со м-р Ана Дурловски, сопран, првенка на Македонската опера и балет, реномирана солистка со меѓународна кариера и настапи во најпрестижните оперски центри во светот.

Добитничка е на највиското признание во областа на културата за Национален уметник за 2015 година, наградена за најдобро европско остварување во 2011/2012 во земјите од германско јазично подрачје и носителка на титулата „Европска личност на Република Македонија“ за 2013 година. Ана Дурловски ја гради кариерата од 1999 година која е во континуиран раст и пример за посветеност, труд, истрајност, пожртвуваност и врвен квалитет.  

Непосреден повод за интервјуто се и настапите на македонската оперска дива по повод 35 годишнината од независноста на современата македонска држава.

МАРИЛИ: Почитувана г-ѓа Дурловски, Вие сте дел од одбележувањето на 35 години независност на Македонија. Што претставува за Вас оваа укажана чест и како ја доживувате битката на нашата земја за развој и трасирање на европски пат, со оглед на тоа дека сте уметник со меѓународна кариера?

М-Р ДУРЛОВСКИ: Независноста ја разбирам како историски процес на создавање сопствен идентитет, вредносен систем и општество кое има самодоверба да ја препознава сопствената вредност, но истовремено и зрелост да учи, да се менува и да комуницира со светот така што за мене претставува голема чест што сум дел од прославата за 35 години независност на Македонија.

Мојот професионален пат ми овозможи повеќе од две децении да работам во некои од најзначајните европски и светски оперски институции. Токму затоа, од една страна, имам можност да ја согледам Македонија однатре, а од друга да ја гледам и од перспектива на човек кој долго време живее во европскиот културен простор.

Она што за мене е особено важно е да престанеме да ја доживуваме Европа како географска или политичка дестинација. Европа е пред се’ систем на вредности, професионализам, институционална одговорност, почитување на знаењето, културата, различноста и достоинството на човекот, тие вредности треба да ги градиме секојдневно, дома. Уметноста тука има особено значајна улога. Кога македонски уметник настапува во Виена, Берлин, Њујорк, Бајројт, Мадрид или Минхен, тој не носи само лична биографија. Тој, сакал или не, ја претставува и земјата од која доаѓа. За мене тоа отсекогаш било и привилегија и обврска.

МАРИЛИ: Каде е денес Македонија од културен аспект особено во делот на класичната музика и какво значење за промоција на најдоброто од земјава има музичкиот фестивал „Охридско лето“ кадешто настапивте и Вие?

М-Р ДУРЛОВСКИ: Македонија има огромен културен потенцијал. Тој потенцијал не е само во нашето богато наследство, туку и во луѓето, во музичарите, актерите, режисерите, ликовните уметници, композиторите и младите кои имаат амбиција да создаваат.

Ние треба да усовршиме институционален систем во кој талентот ќе може непречено да се развива. Врвната уметност бара континуитет, образование, сериозна продукција, финансиска стабилност и пред сè, критериуми.

„Охридско лето“ е една од ретките институции преку која Македонија со децении комуницира со највисоките европски и светски културни стандарди. Тоа не е само фестивал на кој гостуваат странски уметници. Тој е своеобразен културен прозорец на Македонија кон светот и истовремено, простор преку кој македонските уметници можат да се претстават пред домашната и меѓународната публика.

Мене лично ми беше особено драго што годинава, заедно со Игор и со камерниот оркестар „Ајга“, настапивме на „Охридско лето“ со програма во која македонската музичка традиција беше во центарот. За мене тоа е еден од највредните начини на кој можеме да ја претставиме Македонија, не само да кажеме кои сме, туку преку уметноста да покажеме кои сме. Концертот беше посветен на музичкото наследство и токму затоа имаше посебна емотивна тежина.

МАРИЛИ: Што значи за македонската класична музика минатогодишниот настап на Македонската филхармонија во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена?

М-Р ДУРЛОВСКИ: Настапот во Златната сала на Музикферајн има симболична и суштинска вредност, затоа што Виена е еден од историските центри на европската и светската музичка култура. Кога македонски национален оркестар настапува во таков простор, тоа значи дека македонската музичка институционална култура се појавува во контекст во кој критериумите се исклучително високи. Тоа е можност да покажеме дека Македонија е консумент на европската култура, но има и свои уметници, институции, ансамбли кои можат да бидат активен дел од европскиот културен простор.

Би сакала ваквите настапи да станат дел од континуирана стратегија македонските институции почесто да настапуваат надвор, македонските уметници да добиваат можност за меѓународна соработка, а младите музичари да имаат причина да останат и професионално да се развиваат тука.

МАРИЛИ: Вашата меѓународна кариера е импресивна. Во 2006 година дебатиравте во Државната опера во Виена како Кралица на ноќта во „Волшебната флејта“, улога за која добивте извонредни критики и Ве вивна на интернационалната сцена. Каде сѐ настапувавте со оваа ролја?

М-Р ДУРЛОВСКИ: Кралицата на ноќта е улога која на некој начин ја одбележа мојата меѓународна кариера, преку 250 изведби, иако со текот на годините станав свесна дека најважно е еден пејач да не остане заробен во една единствена улога или вокална категорија.

По дебито во Виенската државна опера во 2006 година, ја пеев Кралицата на ноќта во повеќе значајни оперски куќи и фестивали: во Баварската државна опера во Минхен, во сите три државни опери во Берлин, во Мадрид, Дрезден, на фестивалот во Баден-Баден со Берлинската филхармонија под диригентството на Сер Сајмон Ратл, како и на фестивалот во Брегенц.

Посебно значајно беше дебито во Метрополитен операта во Њујорк со оваа улога. Тоа беше момент кој професионално многу ми значеше, но и потврда дека еден македонски уметник може да стигне до највисоките светски сцени.

МАРИЛИ: Можете ли да ги издовите вашите најзначајни улоги и настапи во земјава и ширум светот?

М-Р ДУРЛОВСКИ: Многу е тешко да се издвојат неколку моменти од кариера која трае повеќе од 25 години, затоа што секоја улога во одреден период од животот носи различно значење. Секако, почетната точка е моето деби во Македонската опера во 1999 година како Лучија во „Лучија ди Ламермур“. Потоа следуваа улоги како Адела, Розина, Дона Ана, Џилда и Кралицата на ноќта.

Многу значаен период беше мојот ангажман во Мајнц од 2006 до 2011 година, каде што ги интерпретирав Лучија, Софи во „Кавалерот со розата“, Музета во „Боеми“ и Манон. Од 2011 година сум дел од ансамблот на Државната опера во Штутгарт, каде што реализирав голем број значајни улоги.

Особено важна за мене беше Амина во „Месечарка“ на Белини. За оваа улога во 2012 година ја добив германската театарска награда DER FAUST за најдобра женска изведба во музичкиот театар, а „Opernwelt“ ме прогласи за откритие на годината. Од другите улоги би ги издвоила Виолета во „Травијата“, Цербинета во „Аријадна од Наксос“, Олимпија во „Хофманови приказни“, Норина во „Дон Пасквале“, Елвира во „Пуританци“, Моргана во „Алчина“, Фоли во „Плате“, Гиневра во „Ариоданте“, како и Маргарита во „Хугеноти“.

Меѓу највредните нешта што остануваат зад една кариера се и снимките. Имам пет DVD изданија, меѓу кои „Волшебната флејта“ од Брегенц и Баден-Баден под диригентството на Сер Сајмон Ратл, како и „Пуританци“, „Месечарка“ и „Беренике“ од Штутгарт.

МАРИЛИ: Како успешна жена со меѓународна кариера која е прогласена и за национален уметник во Македонија, кажете нѝ, според Вас, кои лични карактеристики се пресудни за успех во професијата? Кој дел од вашиот пат беше најтрнлив?

М-Р ДУРЛОВСКИ: Талентот е предуслов, но никогаш не е доволен. Во професија како мојата, во која постојано се соочувате со врвни уметници, со различни школи, традиции и критериуми, успехот бара дисциплина, истрајност, интелектуална љубопитност и способност постојано да се преиспитувате. Можеби најважната особина е истрајноста. Не постои кариера без периоди на неизвесност и моменти кога човек се прашува дали вреди да продолжи.

Во оперскиот свет не е доволно само да имате добар глас. Мора да знаете да работите во тим, да го почитувате диригентот, режисерот, колегите, оркестарот, сценските работници. Мора да знаете да го чувате гласот како и да го развивате својот актерски и интелектуален капацитет. Најтрнливиот дел од патот веројатно е токму периодот кога треба да се докажете надвор од сопствената средина. Кога доаѓате од мала земја, никој однапред не ви подарува статус. Мора секогаш повторно и повторно да го потврдите она што го знаете и умеете.

Но, денес кога ќе погледнам наназад, мислам дека токму тие тешкотии биле неопходни. Тие ме научија дека професионалниот успех не е една голема победа, туку збир од илјадници мали дисциплинирани чекори.

МАРИЛИ: Вие сте и семејна жена и во вашето семејство музиката е на пиедестал. Како успевате да ги балансирате приватните и работните обврски, со оглед на тоа дека често сте отсутни поради работата, а сте мајка на три деца и сопруга на опрески певец - врвен македонски бас?

М-Р ДУРЛОВСКИ: Ова е веројатно најголемиот предизвик, но и најубавиот дел од мојот живот. Професијата на оперски пејач подразбира многу отсуства, патувања, проби, претстави и периоди во кои целиот живот се организира според календарот на театарот. Кога двајцата партнери се професионални музичари, тоа дополнително ја усложнува организацијата.

Но, истовремено, мислам дека тоа ни овозможува да се разбираме на едно ниво кое е тешко да се објасни на човек кој не живее со оваа професија. Игор знае што значи премиера, знае што значи да се биде на сцена кога сте уморни или кога имате огромна одговорност. И јас го разбирам истото за него.

Најважно е семејството да не стане жртва на професијата. Кариерата е важна, но таа е само еден дел од животот. Децата не треба да растат со чувство дека се втори на листата на приоритети. Затоа, кога сме заедно се обидуваме вистински да бидеме заедно. Не е секогаш лесно, но мислам дека токму тоа е суштината на балансот односно не, совршено да ги поделите сите обврски, туку да знаете што е навистина важно во секој конкретен момент. Нашите деца пораснаа во најразлични театри и беа многу често со нас, но истовремено се трудевме да имаат свои интереси, сопствени избори и слобода да го пронајдат својот пат.

МАРИЛИ: Што планирате на професионален план во блиска иднина и имате ли закажано позначајни настапи за 2027 година?

М-Р ДУРЛОВСКИ: Во блиска иднина продолжувам со меѓународните ангажмани, но и со настапите во Македонија. Следна премиера ми е во театарот во Мунстер каде ќе настам во Хофманови приказни а веќе во почеток на 2027 година имам потврдени меѓународни ангажмани во Хамбуршката државна опера во продукцијата „Die große Stille“, а во април 2027 го имам и моето деби во Theater Basel во новата продукција „Himmelwärts“ на Кристоф Марталер.(!)

Но, она што можеби ми е уште поважно од конкретните датуми е желбата следниот период да биде период на ново уметничко истражување. По толку години на сцена, човек почнува поинаку да ги гледа улогите.

Почнувам да откривам нови аспекти од веќе познатиот репертоар и да продолжам да работам на проекти кои имаат уметничка, но и културна вредност и секако, сакам да продолжам да се враќам на македонската сцена. Мислам дека тоа е важна одговорност на секој македонски уметник кој имал можност да изгради меѓународна кариера. Најголемата смисла не е само да успееме надвор, туку дел од тоа искуство да го вратиме дома.

За мене, иднината на македонската култура треба да се гради токму на таа врска, корените да останат македонски, а хоризонтите да бидат светски.

 


Статијата е прочитана 317 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete