Националната галерија е стожер во културата и во уметноста кај нас

Интервју со Дита Старова Ќерими, директор на НУ Национална галерија на Македонија во кое говори за предизвикот да се биде на чело на една таква институција, за напорите насочени кон реставрација на објектите кои се заштитено културно наследство, но и за реализираните специјални проекти за организирање голем број настани функционално приспособени за децата со посебни потреби.
МАРИЛИ: Повод за ова интервју е наградата „13 Ноември“ за посебен придонес во областа на културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје. Како се чувствувате како добитник на ова високо признание и што значи тоа за Вас?
СТАРОВА ЌЕРИМИ: Се чувствувам посебно задоволна и горда што ова значајно признание дојде токму на крајот од четирите години водење на една од најзначајните институции од областа на уметноста и културата кај нас. Станува збор за висока награда на Град Скопје, со долга традиција, која ја добиле големи уметници. Можеби најрадосниот миг во сето тоа беше фактот што добив и сѐ уште добивам искрени честитки. Од личности од јавниот, културниот и од секојдневниот живот, од личности за кои не се надевав дека ме следат и го поддржуваат тоа што го правиме во Галеријата. На сите искрено им се заблагодарувам. Тие ме исполнуваат со надеж и со нови сили за решавање на новите предизвици, лично мене и релативно младата генерација што работи во Националната галерија и која е соочена со голема одговорност.
МАРИЛИ: Веќе четири години менаџирате со Националната галерија, но и со Даут-пашин амам и со Чифте-амам. Какви промени и новини внесовте во текот на досегашното раководење со овие значајни институции?
СТАРОВА ЌЕРИМИ: Секогаш е голем предизвик да се застане на чело на една институција. Прво, институцијата да стане втор „личен дом“ преку запознавањето на сите вработени што со години се дел од институцијата, да се разговара со нив секојдневно и заеднички да се работи со цел да се прикаже тоа што му е потребно на нашето општество за да продолжи да се запознава и да се гордее со ликовните уметници што биле пионери во своето време. Грижата за домот што ти е даден од државата за раководење ми беше голем предизвик. Главна појдовна идеја ми беше љубителите на уметноста да бидат секојдневно дел од нашата програма и редовно да ја посетуваат, при што ќе понудиме солидна изложбена програма, целисходна едукативна програма во која ќе сакаат да се вклучат сите деца, со размислување и со творење преку уметноста. Сето ова нема да биде можно ако не преземевме некои активности за обновување на просториите во кои се одвиваат нашите програмски активности.
Со помош на грандот добиен од Американската амбасада, конечно, во Чифте-амам имаме простор што не е опфатен со влага, во кој можеме да отвораме изложби без да стравуваме дека не ги исполнуваме основните стандарди за нивна реализација. Во светските галерии овие секојдневни проблеми се непознати бидејќи владите вложуваат огромни средства во културното наследство. Се надевам дека во скоро време и кај нас ќе настанат значајни промени во таа насока, со цел презентирање и едуцирање на објектите и на историско-уметничките дела што ни се дадени како музеи за чување. Во условите во кои ги чуваме делата не може да дадеме гаранција дека уште 70 години ќе можеме да ги презентираме како што се насликани и создадени. Се радувам што заедно со мојот тим во Галеријата ја зголемивме свеста за значењето на нашата Галерија како стожер во културата и во уметноста кај нас.
МАРИЛИ: Дали посебно обврзува менаџирањето со институција што бележи повеќе од 70 години традиција? Колку е тешко да се биде на чело на ваква национална установа и како се справувате со предизвиците?
СТАРОВА ЌЕРИМИ: Како дете израснато во фамилијарна атмосфера во која културата е примарна за интелектуалната изградба на една личност, преку иницирање секојдневни прошетки низ културните установи што се непроценлива инвестиција, ми беше огромен предизвик тој дух да се внесе во целото општество, како еден докажан модел за успешно растење на едно семејство. Ја имав и среќата преку дипломатските ангажмани на моите родители детството да го поминам во земји во кои традицијата е примарна, на пример, во Тунис (со музејот на мозаиците „Бардо“ со светско значење и монументите на античката цивилизација) и посебно во Франција, која има долга традицијата во негувањето на уметноста. Светската метропола Париз е средиште на светските уметнички текови и ризница на светското уметничко богатство, во таа насока доволно е да се спомене, на пример, само музејот „Лувр“.
Можам да кажам дека уште оттогаш примарен животен мотив ми беше мојата определба кон уметноста. Секако, по тој период следуваше и мојата едукација во дополнување на уметничкиот порив преку Средното уметничко училиште, Факултетот за ликовни уметности, магистерските студии на овој факултет и докторската титула од областа на историјата на уметноста. Сето ова придонесе мошне сериозно да го сфатам и со поинаков поглед да гледам на значењето на прославата на 70 години од постоењето на една од нашите први институции.
.jpg)
МАРИЛИ: Дали и колку Вашата професионална ориентација како академски сликар Ви помогна да ги препознаете и да им излезете во пресрет на потребите на уметниците што се претставуваат во Вашите галерии?
СТАРОВА ЌЕРИМИ: Секако, мојата уметничка едукација и дејствувањето во уметноста ми помогнаа да знам што точно е потребно за да се развива една институција по теркот на светските институции. Ние сме своевиден дом на уметниците, тие секојдневно се дел од нашето опкружување во просториите на Националната галерија. Тие се мои колеги, пријатели, професори, така што секојдневните разговори и блискоста со нив секако дека создаваат флуид на добра организација.
МАРИЛИ: Која е сликарката Дита Старова Ќерими? Кажете ни нешто накратко за Вашиот уметнички опус и искуството со светската ликовна уметност?
СТАРОВА ЌЕРИМИ: Јас сум академска сликарка и педагог, професор на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Своето прво сликарско образование го добив во Париз, во раните школски денови во лицејот „Жансон де Саjи“ (Lycée „Janson de Sailly“), а по четирите години школување во познатото ателје на Ирене Деларојер во овој град ја имав и својата прва изложба. Во родното Скопје со одличен успех го завршив Средното уметничко училиште за применети уметности „Лазар Личеноски“. Дипломирав сликарство со графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и магистрирав во областа на ликовната уметност на овој факултет.
.jpg)
На Универзитетот „Евро-Балкан“ во 2014 година докторирав на тема „Муралното сликарство во исламските сакрални градби во Република Македонија низ практична анализа на човековиот придонес“, под менторство на проф. д-р Мехмет Ибрахим-Ѓил од Факултетот „Гази“ при Универзитетот во Анкара (Турција). Моите трудови од оваа област се објавени во домашни и во странски изданија, а докторската дисертација е во процес на издавање.
.jpg)
.jpg)
МАРИЛИ: Вие сте уметник, менаџер, но и семејна жена. Како успевате да ги усогласите сите обврски, кога сликате?
СТАРОВА ЌЕРИМИ: По природа сум голем оптимист, можеби затоа и најтешките препреки ги совладувам полесно. Доколку обврските се поделат временски и се организираат, сметам дека може да се успее во сѐ, ако постои крајна цел. Секако, имам многу обврски како мајка на две мали деца на кои сѐ уште им е потребна мојата физичка помош. Но најважни од сѐ се семејната поддршка и разбирањето на мојот сопруг кој, исто така, има раководна функција. И покрај нашите активности, ние секогаш, заедно, се трудиме по завршувањето на работата да најдеме време да бидеме со нашите деца. Децата се тие што ни влеваат позитивна мисла за иднината, за нив треба да се вложиме, да им бидеме пример што ќе го следат.
Моја животна вокација е сликарството, само кога сликам наоѓам целосен мир. Тие мигови на инспирација и создавање ми се секојдневни и неодминливи за да го совладам успешно денот.
Статијата е прочитана 1667 пати.
Сподели: