„Технолаб“ – 20 години посветеност на унапредувањето на квалитетот на животната и на работната средина

Интервју со Магдалена Трајковска Трпевска, основач и генерален менаџер на „Технолаб“ во кое говори за дведецениската успешна мисија на компанијата да даде придонес во утврдување на професионалната и на интелектуалната свест за неопходноста од оптимален квалитет на животната средина и безбедна работна средина, за лабораторијата на „Технолаб“ која е прва акредитирана лабораторија во Македонија со најголем број акредитирани методи за тестирање во животната и во работната средина, но и за тоа како успешно се балансира меѓу приватниот и професионалниот живот.

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е јубилејот што го одбележувате - 20 години посветеност на унапредувањето на квалитетот на животната и на работната средина. Кажете ни накратко како се одвиваше развојот на „Технолаб“ од идеја до компанија што нуди услуги со највисок квалитет и по меѓународни стандарди?
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:
Заштитата на животната средина и безбедноста при работа станаа моја професионална определба уште со моето прво вработување. Мојата работа како хемиски инженер, а подоцна и магистер по хемиски науки, пред сѐ, беше насочена кон лабораториските испитувања што се основа за изработка на квалитетни проекти во делот на заштитата и унапредувањето на воздухот, водите, почвите, работните услови и на безбедноста и здравјето. Така, мојата експертиза во делот на хемијата се насочи кон областа на заштитата на животната средина и заштитата при работа.
Мојата посветеност на унапредувањето на квалитетот на животната и на работната средина беше основна причина и поттик пред 20 години да зачекорам по сопствен пат и да формирам своја фирма. Така, во 2000 година ја формирав ТЕХНОЛАБ како приватна компанија со основна дејност работа на проекти од областа на заштитата на животната средина и безбедност при работа и лабораториски испитувања во животната и во работната средина. Всушност, мојата визија и цел, пред сѐ, беше и сѐ уште е со своето знаење да дадам придонес во утврдувањето на состојбите со квалитетот на средината во која живееме и работиме бидејќи квалитетните решенија за подобрување зависат од точно утврдените состојби на медиумите на животната и на работната средина и од утврдувањето на главните причинители на таквата состојба.
Од самите почетоци во 2000 година, па до денес, развојот на „Технолаб“ ги следеше потребите и барањата на нашите клиенти инкорпорирани во визијата „Технолаб“ да биде компанија што ќе нуди услуги со највисок квалитет во согласност со меѓународните стандарди. Перципирајќи ги потребите на пазарот започнавме со развој на нашата лабораторија за испитувања во животната и во работната средина, со особен акцент на делот за мерење на емисиите во воздухот. 

Во оваа смисла, со имплементацијата на ISO 9001, во 2005 година започнавме со воведување на системите за квалитет во нашето работење, по што произлезе идејата за воведување и на други системи за квалитет, со кои ќе ги гарантираме квалитетот и компетентноста во текот на целиот процес на давањето услуги. Во 2008 година го имплементиравме основниот систем за квалитет на лабораториите за тестирање ISO 17025, со што станавме прва акредитирана лабораторија во Македонија за вршење испитувања во животната и во работната средина. Развојот на лабораторијата на „Технолаб“ се одвива континуирано и паралелно и во делот на теренската и во делот на аналитичката лабораторија.
Денес со особена гордост можеме да се пофалиме дека лабораторијата на „Технолаб“:
- има најголем број акредитирани методи за тестирање во животната и во работната средина (опсегот на акредитација вклучува 82 методи),
- е прва лабораторија за испитувања во животната средина во Македонија со имплементирани барања за техничка спецификација за мерење на емисија на загадувачки супстанции од стационарни извори МКТС CEN/TS 15675:2009,
- е прва и единствена лабораторија во Македонија што врши испитувања во делот на карактеризација и категоризација на отпад,
- е лабораторија што врши акредитирани испитувања на тешки метали во примероци од животната средина.
Паралелно со ова постојано работиме на одржување на интегрираниот систем за квалитет ISO 9001, ISO 14001 и OHSAS.

Одржливоста на „Технолаб“ како компанија што нуди услуги во областа на заштитата на животната средина и заштитата при работа, пред сѐ, е резултат на исклучителната посветеност на нашата развојна стратегија што се базира врз развојот на ресурси -компетентен персонал и опрема во согласност со меѓународно прифатените стандарди.

МАРИЛИ: Колку е тешко да се опстане две децении на лидерската позиција во својата област, особено што конкуренцијата се зголемува од ден во ден? Со какви предизвици се соочувавте во текот на сите овие години?
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:
Обезбедувањето раст и развој на компанијата, само по себе, е тешка задача за секој менаџер. Во овие 20 години постоење на компанијата „Технолаб“ наидував на голем број предизвици, но во секој предизвик гледав нова можност и нов потенцијал. Успешното справување со предизвикот секогаш било мотив и енергија плус за достигнување на следниот успех. Позиционирањето на лидерската позиција и одржувањето на таа позиција низ годините е резултат на начинот на кој ѝ пристапувам на секоја професионална задача: со ист ентузијазам и проектиран краен успех. Конкуренцијата секогаш ја доживувам како двигател кон нови достигнувања и нови успешни бизнис-решенија.
Предизвикот да се биде пионер и лидер во областа во која дејствува „Технолаб“ е моја секојдневна движечка енергија, особено затоа што заштитата на животната средина и безбедноста при работа се од исклучителна важност за сите. Позицијата што ја имамe само ја зголемува нашата индивидуална општествена одговорност, но и колективната одговорност што ја има „Технолаб“ како компанија што работи во областа на заштитата на животната средина и безбедноста при работа.

МАРИЛИ: Колку во Вашата дејност е важно следењето на иновациите и колку сте подготвени за нивна имплементација?
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:
Следењето на техничките и на технолошките иновации за компанија како „Технолаб“ е од особена важност бидејќи нашата дејност подразбира користење софистицирана опрема за мерење и тестирање што, пак, од друга страна бара големи инвестиции. Исто така, дејноста на „Технолаб“ подразбира континуирана примена на интернационални методологии и стандарди што континуирано се менуваат и се ажурираат во согласност со барањата, потребите и прописите за нивно транспонирање, за што се потребни и дополнителни ресурси. Развојната стратегија на „Технолаб“ секогаш е насочена кон следење и имплементирање на иновативните решенија во областа на заштитата на животната и на работната средина.
„Технолаб“ со својот стручен и компетентен тим целосно е посветен на спроведувањето на дефинираната стратегија за инвестиции во сопствените ресурси преку константен развој и усовршување на персоналните квалитети и техничко опремување во согласност со најновите технологии. Ова, секако, претставува предуслов за осигурување на квалитетот, но и влог за остварување на нашата визионерска цел - секогаш да сме лидери во областа на заштитата на животната средина. Истовремено, наша мисија е да дадеме придонес кон утврдувањето на професионалната и на интелектуалната свест за неопходноста од оптимален квалитет на животната средина во која живееме и безбедна работна средина во која работиме затоа што животната и работната средина не само што се заеднички за сите, туку се и наследство за идните генерации.
Лидерската улога на „Технолаб“, исто така, подразбира и континуиран развој и унапредување на квалитетот на услугите што ги нудиме и препознавање на барањата на клиентите, со цел да дадеме навремен, квалитетен и компетентен одговор. Во изминативе две децении успеваме да ја следиме нашата визија, а осигурениот квалитет и утврдената и препознатлива компетентност ни дава право да очекуваме дека во следниот период ќе бидеме уште подобри. 

МАРИЛИ: Заштитата на животната средина е можеби едно од најважните прашања во светот денес. По кои методи работи „Технолаб“ на ова поле?
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:
Методите и методологиите во областа на заштитата на животната средина се дефинирани со националните законски решенија од областа во кои се имплементирани и европските директиви за животна средина. Заштитата на животната средина секогаш почнува со тестирање, за што се усвоени меѓународни стандарди за лабораториски тестирања и обезбедување квалитет. „Технолаб“ целосно ги применува пропишаните стандарди, методи и методологии, како во делот на консалтинг поврзан со заштитата на животната средина, така и во делот на лабораториските тестирања на медиумите и областите на животната средина, а тоа, пак, е потврдено со Сертификатот за акредитација на лабораторијата за тестирање на „Технолаб“, издаден од Институтот за акредитација на Република Северна Македонија.

МАРИЛИ: Колку кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19 придонесе да дојдете до нови искуства во Вашето работење што би ги имплементирале во иднина како трајни решенија?
 ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА: Одржувањето на работниот процес во услови на прогласена пандемија од заразна болест ја истакна потребата од приспособување и наоѓање оптимални решенија со кои целосно беа почитувани издадените препораки за заштита на здравјето на вработените во „Технолаб“, на соработниците и на нашите клиенти. Решенијата со кои го оптимизиравме работниот процес во овој период овозможија компанијата непречено да ја извршува својата дејност и да ги реализира барањата и потребите на клиентите во областа на заштитата на животната средина и заштитата при работа. Искуствата од новата организациска поставеност продуцираа идеи и решенија што во периодот што следува ќе покажат дали треба да ги користиме како трајни решенија.

МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена менаџер, како го правите балансот меѓу деловните и домашните обврски?
ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:
Бизнисот е уште една област во која жените сакаат да ја покажат својата успешност, особено што сѐ уште се смета дека бизнисот е првенствено наменет за мажите. Во текот на мојата кариера, мојот пристап кон бизнисот не се разликувал од пристапот што го применувам во другите сегменти на животот. Мора да го додадам и тоа дека моите достигнувања и успеси ги доживувам и како успеси на тимот на „Технолаб“ со кој чекоревме и се искачувавме заедно овие 20 години. Всушност, остварувањето успешен баланс меѓу приватниот и професионалниот живот е најголем предизвик за секоја жена менаџер. Задоволството и исполнетоста во приватниот живот е постојан извор на енергија за справување со бизнис-проблемите. Ако сум задоволна во приватниот живот, на работа доаѓам со огромна сила и енергија. Исто така, ако сум среќна на работа, дома се враќам исполнета со голема енергија! Моето семејство е моја поткрепа и движечка сила. Без нивната поддршка, разбирање и толеранција сигурно нема да можеше да се постигнат сите успешни резултати во работењето досега. Секако, и негувањето на сопствената ментална, духовна и емоционална страна, исто така, е од огромна важност за успешноста во животот воопшто.

 


Статијата е прочитана 1034 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско