Охридско лето 2025 - Монодрамата „Сите најубави нешта“ ја разнежи, ја насмеа, но и ја замисли публиката за најубавите нешта во животот

Во автентичен и уникатен простор во Форт кафе во Охрид, во рамките на фестивалската програма на Охридско лето, синоќа беше изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ работена според мотиви на Данкан МекМилан, во режија на Дејан Пројковски, a во продукција на ОХО.

Игор Ангелов пред публиката на „Охридско лето“ покажа дека со право го носи епитетот на еден од нашите најдобри актери преку улога која има големина и важност оти зборува за тоа како да се постигне надеж во животот со фокус на најмалите нешта.

Публиката преку задачи беше активно вклучена во самата изведба. Повеќето збунети но и поттикнати да размислуваат за среќата, низ смеа но и солзи доживеа посебно интимно театарско искуство.

Ангелов преку директна комуникација со публиката успеа да ја разнежни, да ја насмее, но истовремено да ја замисли за најубавите нешта во животот.

„Прекрасен амбиент, на многу интересно место, на несекојдневно место ја играм претставата, а што се однесува до реакциите секаде се исти без разлика дали ја играм во театар или надвор. Претставата ги допира луѓето. Пораката пред се е дека треба да се разговара, особено за работите за кои ни е најтешко да зборуваме“, вели Ангелов.

Монодрамата е приказна за тоа како е да се биде дете на родител кој поминува низ тешки животни моменти и колку сме потребни за оние што ги сакаме, за менталното здравје, за децата соочени со тешките животни моменти низ кои минуваат родителите, за механизмите на справување кои ги развиваме низ животот и за случките кои оставаат белези на растењето и на животот како возрасни.

Оваа монодрама потенцира колку е важно да остане надежта во фокусот и колку најмалите нешта на животниот список се причина за радување.

Запознавајќи ја публиката со неговото милениче, неговата најголема љубов, неговото семејство, психичките проблеми на неговата мајка и  траумите кои доаѓаат со тоа, протагонистот го руши четвртиот ѕид на еден досетлив, скокотлив начин  и почнува да ги меша реалноста и фикцијата, потенцирајќи дека сѐ убаво и сѐ лошо што ни се случува е природно, ни припаѓа на сите подеднакво, суптилно прелевајќи го животот во театар и обратно.

Низ музиката како емотивен музички џубокс ликот не води низ претставата во разни ситуации обидувајќи се  да ја спаси мајка си, но и да ја врати  надежта во нејзиниот живот.

„Ако му се насмееш на светот и тој тебе ќе ти врати со насмевка“, вели Ангелов.

Игор Ангелов е еден од најпознатите македонски актери, кој својот неверојатен актерски потенцијал го има потврдено во многу театарски и филмски проекти, како во Македонија, така и во Бугарија и Србија. Дел е од ансамблот на Драмски театар  Скопје. Ова е негова прва монодрама за која изведбите се распродаваат со неверојатна брзина, со што се потврдува нејзината уметничка, естетска и перформативна вредност.  

 

Дејан Пројковски е еден од најдобрите и најзастапените режисери на Балканот и пошироко. Во неговиот професионален опус, не постои претстава која ја има режирано, а која има поминато незабележително и без награда на некој од најзначајните регионални фестивали.


Статијата е прочитана 17 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско