Кроација Осигурување Живот - лидер на пазарот за животно осигурување

Интервју со Маја Станковска Костова, генерален менаџер на Кроација Осигурување Живот – Скопје во кое говори за почетоците на пазарот за животно осигурување кое во нашата држава стартува токму со оваа компанија. Станковска Костова вели дека Кроација Осигурување Живот претставува стабилен и сигурен партнер кому граѓаните му довериле да управува со повеќе од 60 милиони евра. Според Станковска Костова за напредок во кариерата потребни се соодветно образование, континуиран личен раст, но и поддршка од семејството.

МАРИЛИ: Кроација Осигурување Живот е авангарда во животното осигурување во нашата земја. Кажете нѝ од кога постои, со какви капацитети располага и каква е нејзината пазарна позиција денес?

СТАНКОВСКА КОСТОВА: Пазарот за животно осигурување во нашата држава почна да се развива во 2005 година со основањето на Кроација Осигурување Живот. Ние сме прва компанија со добиена дозвола од Министерството за финансии за продажба на полиси за животно осигурување. Кроација е дел од моќна групација Croatia Osiguruvanje dd. Zagreb, со традиција од 1884 година.

Кроација Осигурување Живот е лидер на пазарот за животно осигурување и лидерската позиција ја потврдивме и во 2022 година со најголем пазарен удел. Во работењето се водиме од стремежот за извонредност, општествена одговорност, иновативност, развој на знаењето, вештини и висок квалитет на сите програми за осигурување што ги нудиме, со цел континуиран раст и висок квалитет на услуги кон клиентите.

Кроација е стабилен и сигурен партнер на граѓаните што ни дадоа доверба да управуваме со повеќе од 60 милиони евра средства акумулирани по основа на договорите за осигурување живот. Веќе седум години редовно ги исплаќаме акумулираните средства по основа на договори за осигурување. Овие исплати се зголемуваат од година во година: од 2,2 милиона евра во 2020 година, 2,5 милиони за 2021 година, а за 2022 година исплатени се средства во износ од 2,8 милиони евра. Ова значи уверување и потврда за добрата работа, како и за надминување на поставените деловни цели.

Договорите врз чија основа се врши исплата на акумулирани средства се со траење од 10 до15 години, што зборува за степенот на заемна доверба што ја градиме со нашите осигуреници. Ова резултира со тоа голем број наши клиенти да ги продолжат договорите за осигурување или да ги прошират на други членови на семејството, на следното поколение, со што се гради една убава и вредна традиција на вистинско ценење на животот.

МАРИЛИ: Какви се искуствата на работењето на компанијата во услови на пандемија, но и денес во услови на континуирана криза, колку беше важна личната трансформација во тимот на менаџментот за брзо приспособување на новонастанатата состојба?

СТАНКОВСКА КОСТОВА: Кризата носи неизвесност, но во исто време претставува предизвик и налага потреба од брзо приспособување и препознавање на можностите. Сметам дека нема напредок доколку не се соочиме со пречки и предизвици што нѐ вадат од удобната зона и нѐ тераат да се подобриме за да станеме поотпорни на непредвидливата средина.

Тимот на менаџментот на Кроација ја препозна новонастанатата ситуација како можност за промени, забрзан развој и напредок. За краток период ја прифативме новата реалност и целосно се приспособивме на состојбите, со еден голем исчекор нудејќи дополнителни услуги за клиентите приспособени на нивните потреби. Континуирано работиме на иновации, промени, унапредување на квалитетот на услугите што ни овозможува да градиме долгорочни партнерски односи со осигурениците и деловните партнери. Ова придонесува да ги реализираме поставените цели како компанија и дополнително да му враќаме на општеството преку хуманитарни активности.

МАРИЛИ: Колку денес е променето сфаќањето за животно осигурување во нашата земја, особено кај бизнис-заедницата, што беше пресудно за овие промени и какви се плановите за во иднина?

СТАНКОВСКА КОСТОВА: Работејќи 14 години во Кроација Осигурување Живот јас сум активен учесник во развојот и промените што се случуваат на пазарот на осигурување живот. Во споредба со изминатиот период, пазарот на осигурување живот доживеа динамичен раст и развој. Доколку, пак, се споредиме со регионот, сѐ уште бележиме низок степен на развој со стапка на пенетрација од 1,6 % (2021). Полисата за осигурување живот обезбедува финансиска сигурност, финансиска заштита на семејствата, а потребата и придобивките од поседување полиса за осигурување живот нашите граѓани сѐ почесто ја препознаваат.

Особено е значајно што бизнис-заедницата ја интегрира полисата за осигурување живот во компензационите пакети за вработените. Преку бенефициите на осигурувањето живот, компаниите ја зајакнуваат мотивираноста на клучните кадри, ги стимулираат лојалноста и посветеноста на целите на компанијата, истовремено обезбедувајќи им врвна осигурителна заштита и покритие.

Кроација Осигурување Живот нуди производи за секој осигуреник во согласност со потребите, преференциите за ризик, финансиската моќ, возраста, итн., од класично осигурување живот, ризик осигурување, осигурување поврзано со вложување во инвестициски фондови, до можност за избор на ризици од осигуреникот. Кроација Осигурување Живот и понатаму останува посветена на развојот на висококвалитетни услуги во интерес на постигнувањето повисоко ниво на корисничко искуство.

МАРИЛИ: Што е пресудно за да напредува жената во кариерата?

СТАНКОВСКА КОСТОВА: Особено ме радува што сѐ почесто гледаме успешни жени менаџери. Се надевам дека набрзо жените ќе бидат еднакво вреднувани во согласност со способностите за управување и организација. Сметам дека факторите за напредок во кариерата се исти за жените и мажите. Се разбира, потребно е соодветно образование, но и континуиран личен раст и развој преку усвојување современи техники и вештини, напорна работа и мотивација. Секако, речиси секогаш успехот е резултат на здружени напори и ретко може да се постигне без поддршка од семејството и тимот во компанијата.

Мои основни правила за успех се: сонувај големи нешта, работи напорно, биди фокусиран и дозволи да бидеш опкружен со добри луѓе.

МАРИЛИ: Како успешен тим лидер, но во исто време и сопруга и мајка, како успевате да ги балансирате сите обврски, дали имате слободно време и како го исполнувате?

СТАНКОВСКА КОСТОВА: Секоја улога, лидер, сопруга и мајка, носи свои предизвици и придобивки и потребно е да одвоите време и внимание одделно. Работните обврски бараат голема посветеност.

Со добра организација и поддршка од семејството успевам да го организирам времето и да минувам квалитетно време во улогата сопруга и мајка.

Слободното време го минувам со семејството шетајќи во природа, во посета на музеи, историски знаменитости во земјата и во странство, а речиси секој нов филм го гледаме заедно во кино. Пред спиење најчесто читам книга, а особено ме исполнува цртањето на платно.


Статијата е прочитана 1458 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско