Државата треба со секаков вид поддршка да ги мотивира младите да останат и да работат земјоделие

Интервју со Васка Мојсовска, сопственичка, генерален менаџер на „Агро Калем“ Тимјаник и претседателка на Националната федерација на фармери (НФФ). Мојсовска говори за почетоците на компанијата, за одлуката да се почне семеен агробизнис, за макотрпната работа, вложените труд и финансии, само за да се дојде до висококвалитетни производи кои ќе ги задоволат барањата на клиентите.
Мојсовска во интервјуто зборува за семејниот бизнис, за вклученоста на помладата генерација во сите сегменти на работењето, но и за потребата од мерки за надминување на проблемите во агробизнисот, како би ги задржале младите во земјава и сериозно би се занимавале со земјоделска дејност.
МАРИЛИ: „Агро Калем“ Тимјаник минатата година одбележа 15-годишен јубилеј. Што е базично во Вашето производство, со колкави лозови насади располагате и колку грозје произведуваде на годишно ниво?
МОЈСОВСКА: Самите почетоци на нашата работа беа во 1997 година, односно кога јас и мојот сопруг баравме решение за издржување на нашето семејство и така почнавме да работиме лозарство. Но, на самиот старт знаевме дека со 1,5 хектар лозов насад ништо нема да направиме и решивме секоја година да инвестираме во купување ниви и подигање на лозови насади. Лошото искуство што го имавме во првите години од посадување на лозови насади со купени садници од соседна Србија, каде ниту беа сортно чисти, ниту здраствено исправни, нѐ натераа да почнеме да го учиме занаетот „калемење“ и сами да почнеме да калемиме лозови садници за нашите лозови насади.
Калемењето на лозовите садници е многу специфична, напорна многу скапа инвестиција која бара усовршување на занаетот, максимална посветеност, учење и многу труд за да имате квалитет. Но, за да можеме да продаваме на други лозари, ние требаше да исполниме многу стандарди за квалитет кои подлежат на многу закони, односно Законот за семе и саден матерјал, Законот за здравје на растенијата, Законот за фитофармација, Законот за земјоделство и рурален развој и други закони. Дури потоа, во 2009 година ја отвориме нашата семејна фирма „АГРО КАЛЕМ“ која е со шифра и дејност „Производство на саден матерјал“.
Почнавме да инвестираме во квалитетот на здравјето на нашите садници и затоа моравме да Холандија да набавиме безвирусни матични растенија за производство на калем гранки, и ги посадивме на површините кои што се наменети за матични насади. Таа инвестиција нѐ чинеше многу скапо, но ние знаевме дека само здраствено чисти, безвирусни растенија за калем гранки можат да донесат уште подобар квалитет на нашите садници. Таа инвестиција ја продолжувавме секоја година, а бидејќи е многу скапа, постепено инвестиравме, година за година, и така посадивме 10 хектари матични безвирусни растенија за производство на здраствено исправна дива подлога за калемење на лозови садници и оматичивме неколку сорти од лозовите насади за производство на калем гранки.
Сите овие насади со безвирусни растенија се пријавени во Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, односно во Управата за семе и саден матерјал и во Фитосанитарната управа, каде што самото Министерство го контролира производството и на дивата подлога, и на калем гранките, и на лозовите и овошните садници, која контрола верувајте е исто така е финансиски многу скапа, но целата оваа сертификација придонесува за квалитетен, здрав и сортно чист саден матерјал, којшто нашите земјоделци можат да си го купат овде кај нас, без да увезуваат од европските земји.
Производството на лозови садници беше најпрво за сопствени потреби за нашите ниви, а потоа прерасна во инвестиција која бара континуирано вложување во напредна технологија, напредна механизација и секоја година учење и усовршување, со цел нашите клиенти да имаат што поквалитетен саден матерјал.
Кога после неколку години ќе слушнам од нашите клиенти како имаат добар насад благодарение на нашите садници, тоа нас како семејство не прави среќни, но истовремено и горди, што таков редок и тежок занает кој бара 24 часовна посветеност во текот на производството, во Македонија го има токму нашето семејство.
Основна дејност на АГРО КАЛЕМ е производство на лозови и овошни садници, но ние како семејство 28 години коинтинуирано, секоја година, садиме нови лозови насади од трпезно грозје и секој насад е посаден со сопствени раце.
Ние не наследивме комбинат со насадени површини од лозови насади каде што не е потребно инвестирање во подигање на насадот, туку само одржување, и тука има голема разлика кога вие имате готов насад и само продолжувате со работа, и празни површини коишто бараат многу инвестирање и многу работа да се направат, затоа ние постепено садиме секоја година до 5 хектари максимум и така за овие речиси три децении стигнавме до 35 хектари лозови насади со трпезно грозје на систем одрина.
МАРИЛИ: Освен на домашниот пазар, каде сѐ сте присутни со лозовите и овошните садници, но и со трпезното грозје?
МОЈСОВСКА: Лозовите и овошните садници ги продаваме овде во Македонија. Имаме клиенти коишто купуваат од 3 до 30 000 садници, од сите краеви на татковината, од земјоделци, од големи земјоделски стопанста, винарии, земјоделски аптеки, па дури и хобисти коишто имаат мерак да посадат за своја душа.
Трпезното грозје исто така бара голема посветеност и пожртвуваност за да извадите квалитет, но само со целосна посветеност може да се постигне и квалитет и квантитет, и нашето грозје последните неколку години се извезува и во балканските и европските земји.
МАРИЛИ: Последниве години сте посветени на производство и пласман на маџун. Што претставува маџунот и на каков начин го пласирате до потрошувачите?
МОЈСОВСКА: Маџунот се прави од грозје, а само од неговиот сок се добива производ со карактеристичен мирис, слатко-кисел вкус и арома – чудото од лек кој поттекнува од Тиквешијата – неговото височество МАЏУНОТ.
Научно е докажано дека МАЏУНОТ се наоѓа на прво место како лек за регенерација на црниот дроб, а болните од жолтица и цироза имаат доста полеснотии во лекувањето со маџун.
Маџунот е полн со хранливи материи и спаѓа меѓу најздравите природни сирупи кои што можат да се внесат во човечкиот организам. 100%природен без додаден шеќер.
Придобивки од маџунот: го зајакнува имуниетот кај деца и возрасни, ја зајакнува крвта, го намалува воспалението, го намалува холестеролот, помага при варењето на храната во организмот, помага во борбата против инфекции, ги прочистува токсините од телото, го регулира крвниот притисок и ги ублажува симптомите на надуеност.
За маџунот се вели дека е хранлив како мајчиното млеко.
Овој гроздов засладувач е густ како сируп или мед и е моќен напиток за јакнење на имунитетот Минерали (калиум, натриум, калциум, фосфор, железо) - Енергетски супстанци - Танини - Антиоксиданси - Флавоноиди - Гроздов и овошен шеќер Маџунот е природен производ добиен од гроздов сок (шира). Изобилува со минерали, витамини, енергетски супстанции, танини, флавоноиди, органски киселини, гликоза и фруктоза од шеќерите што се застапени во ширата како неопходни елементи што ја овозможуваат неопходната енергија за работа на мускулите, а посебно на срцевиот мускул.
Токму овој еликсир веше 5 години го произведува нашата ќерка Ангела Јовановиќ, која е дипломирам земјоделски инженер во нашата семејна фирма и е задолжена за продажбата на ДОМАШЕН НЕГОТИНСКИ МАЏУН - името на Маџунот.
Можете да го најдете во поголем дел од маркетите и продавниците за здрава храна, а од оваа година нашиот МАЏУН можат да го вкусат и потрушувачите во Австрија односно Виена, затоа што Неготински Маџун доби сертификат за квалитет за извоз во ЕУ и веќе се наоѓа во центарот на Виена во продавница за здрава храна Олимпија гер.
МАРИЛИ: Колку е важна поддршката на државата за регулурање на продажбата од куќен праг и колку тоа им помага на малите земјоделски производители?
МОЈСОВСКА: Правилниците за продажба од куќен праг значително ја олеснија работата на дел од нашите земјоделци коишто прават свои преработки од своите земјоделски производи, така што сега се регистрираа како мали оператори на храна и слободно можат да си ги продаваат своите преработки кои се направени со сите анализи за квалитет и за продажба.
Па така, почнаа да се раѓаат нови брендови во многу рурални средини, каде што можат да ја раздвижат руралната економија.
МАРИЛИ: Како претседателка на Националната федерација на фармери (НФФ), какви се Вашите сознанија, колку е распространет руралниот туризам во земјава и какви се можностите на развој на овој тип на алтернативен туризам?
МОЈСОВСКА: Ние имаме потенцијал за развој на руралниот туризам, но кај нас сѐ уште не е застапен во толкава мера како што е во соседна Србија.
Слабата развиненост на руралниот туризам се должи на многуте предизвици и недостатоци со кои се соочуваат тие кои што сакаат да инвестираат во рурален туризам. Тука недостасуваат Локалните урбанистички планови, и луѓето не можат да добијат градежна дозвола за градба или доградба, потоа недоволното инвестирање на поголем дел од Локалните самоуправи, во инфраструктурата во селата која е една од пречките за развој на руралниот туризам, односно потребни се патишта, вода, атмосферска и канализациона инфраструктура, струја и многу други услови за живот и работа.
МАРИЛИ: Вашиот бизнис е семеен и ја вклучува и помладата генерација. Колку е ова важно за континуирано да се развива еден агробизнис?
MOЈСОВСКА: Вклучувањето на помладата генерација во земјоделското производство е многу значајна за една фамилијарана земјоделска фирма да напредува. Вклучувањето на младите од најрана возраст каде дирекно можат да ја видат и научат работата во земјоделското производство придонесува во иднина, тие млади да го продолжат тоа што го работеле родителите и да го надоградат и модернезираат, односно да го усовршат.
Но секако, треба и желба и интерес од страна на младите за земјоделството, бидејќи тоа е професија којашто нема работно време и бара многу посветеност и пожртвуваност, за да извадиш квалитет.
Нашите деца од мали се вклучени во земјоделското производство и кога дојде време да бираат што ќе работат во иднина и која ќе биде нивна професија, тие одлучија да ја продолжат нашата работа и да останат во земјоделското производство, а ние како родители треба да сме им „ветер во грб“ и постепено да им ги предаваме одговорностите на работата, како и да дозволиме сами да ги носат одлуките во работата.
Само кога ќе имате потполна доверба во своето дете кое што сака да ја продолжи твојата работа, само тогаш ќе имаш ангажираност и одговорност од младите, а секако тука треба и услови за живот, односно исто како што имаат услови за живот и работа младите во урбаните, подеднакви услови треба да имаат и децата во руралните средини.
МАРИЛИ: Што треба да направи нашето општество за да ги задржи младите да работат во оваа област, со оглад на тоа дека производството на храна станува глобален проблем?
МОЈСОВСКА: Секој млад човек што сака да продолжи или да почне со земјоделско производство, треба да се детектира и да му се дадат поддршки со значителна сума на грантови коишто ќе ги инвестира во земјоделското производство, услови за работа, а тоа се патишта до фарма, вода, струја и да нема административни пречки од типот на градежни дозволи.
Субвенциите да бидат насочени кон оние што професионално се занимаваат со земјоделство, односно само оние земјоделци кои што единствена професија и егзистенција им е земјоделството.
Затоа што оној кој што работи 8 часа во некоја институција или приватно, и да сака, не може професионално да се занимава со земјоделство, затоа што земјоделството бара посветеност а не рекреација.
Сите оние луѓе кои што земјоделството им е дополнителна дејност и да сакаат не можат да го прошират и да го модернизираат затоа што земјоделството во денешно време не е викенд работа како што беше во минатото, бара прилагодување на климатските промени, бара секојдневно учење и надоградување и исполнување на сите услови за добра земјоделска пракса за здравјето на растенијата, со цел на помали површини да се добијат поголеми приноси. Кога ќе собереме храброст како држава и ќе ги разграничиме професионалците во земјоделството и хобистите, ние ќе имаме зголемено производство.
Професионалното земјоделско стопанство со текот на годините инвестира и вложува и го зголемува производството и со површини и со капацитети и со вложување во модернизација на своето стопанство и тие земјоделци освен финансии, го имат вложено и својот живот во земјоделството и со поддршките од државата, уште повеќе ќе инвестираат и модернизираат додека оние кои што со години имаат исто производство или намалено немаат мотив за инвестирање.
Кога младите што се занимаваат со земјоделство ќе ги видат предностите од професионалното земјоделство и ќе имаат заработка од истото, нема ниту да размислуваат да работат нешто друго.
Статијата е прочитана 655 пати.