„Л&Н&T Диагностик“ - Промотор на револуционерни иновации во регенеративата медицина во земјава

Интервју со Наташа Паунова-Блажевска, генерална менаџерка на „Л&Н&T Диагностик“ - Скопје. Компанија која речиси две децении работи со најреномирана медицинска опрема и помагала и ги носи во земјава наjсовремените производи од врвни производители. Неодамна компанијата организираше работилница на тема „Иднината на регенеративната медицина“ каде беа презентирани производите на светски познатиот турски бренд Т-Lab, специјализиран за регенеративна медицина – област која се фокусира на обновување на оштетените ткива и органи со употреба на напредни технологии и биоматеријали. 

По трагедијата во Кочани, „Л&Н&T Диагностик“ - Скопје и сопственикот на Т-Lab, одлучија да донираат китови за ПРП, ПРФ и егзозоми на ЈУ Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и ЈУ Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, со цел да придонесат за враќање на насмевките на пациентите.

МАРИЛИ: Неодамна „Л&Н&Т Диагностик Скопје“ одржа работилница на тема „Иднината на регенеративната медицина“. Накратко, кажете ни за што станува збор?

ПАУНОВА - БЛАЖЕВСКА: На 22 март 2025 година, „Л&Н&Т Диагностик Скопје“ организираше работилница на тема „Иднината на регенеративната медицина“ во хотелот Парк&СПА.

На настанот беа презентирани производите на светски познатиот турски бренд Т-Lab, специјализиран за регенеративна медицина – област која се фокусира на обновување на оштетените ткива и органи со употреба на напредни технологии и биоматеријали.

Како генерални застапници, ние ги презентиравме автологните производи, односно производи добиени од сопствената крв на пациентот, како што се егзозомите, ПРП (плазма богата со тромбоцити), ПРФ (фибрин богат со тромбоцити) и биофилерите.

Овие производи претставуваат новитети и за медицинските професионалци и за пациентите, истакнувајќи ја нашата посветеност кон транспарентност во обезбедувањето информации за користењето на природни или на синтетички производи.

МАРИЛИ: Што претставуваат егзозомите кои не се добиени по синтетички пат? За какво револуционерно откритие станува збор?

ПАУНОВА - БЛАЖЕВСКА: Егзозомите се мали везикули ослободувани од клетките кои играат клучна улога во меѓуклеточната комуникација.

Тие содржат биомолекули, како што се протеини, липиди и нуклеински киселини, кои влијаат на функцијата на целните клетки.

Егзозомите добиени природно се сметаат за револуционерно откритие, бидејќи овозможуваат природен начин за регенерација на ткивата и на органите.

Во регенеративната медицина, овие егзозоми се користат за пренос на терапевтски молекули до оштетените клетки, овозможувајќи третман на заболувања како невродегенеративни болести, кардиоваскуларни проблеми и канцер.

На пазарот, 222 компании произведуваат синтетички егзозоми, а само две компании, вклучувајќи ја Т-Lab од Турција, произведуваат природни автологни егзозоми.

МАРИЛИ: Дали планирате да се вклучите во акцијата „Донирање за Кочани“ и како вашите производи би помогнале во ублажување на болката?

ПАУНОВА - БЛАЖЕВСКА: Како компанија, длабоко сме погодени од случувањата и посветени на помагање на заедницата.

Презентацијата на нашите производи се совпадна со вистинскиот момент.

Во договор со дерматолози и пластични хирурзи, заклучивме дека автологните производи на Т-Lab, како ПРП, ПРФ и егзозомите, се идеални за подоцнежните фази на лекување, без несакани дејства.

Во договор со сопственикот на Т-Lab, одлучивме да донираме китови за ПРП, ПРФ и егзозоми на ЈУ Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и ЈУ Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, со цел да придонесеме за враќање на насмевките на пациентите.

МАРИЛИ: Како го следите технолошкиот развој и ги донесувате новитетите на македонскиот пазар?

ПАУНОВА - БЛАЖЕВСКА: Технолошкиот развој во медицинската опрема постојано отвора нови можности за унапредување на здравствената заштита.

Нашата компанија активно работи на имплементација на напредни технологии, како минимално инвазивни техники и современи дијагностички алатки.

Ние внимателно ги следиме меѓународните конгреси и саеми и ги презентираме новитетите на македонскиот пазар кога за тоа ќе се создадат услови.

МАРИЛИ: Што значи континуитетот во квалитетно и успешно менаџирање?

ПАУНОВА - БЛАЖЕВСКА: Континуитетот во квалитетно менаџирање е клучен за стабилноста и за развојот на компанијата. Тоа подразбира јасна визија, дефинирани цели и способност за адаптација кон пазарните промени.

Успешното раководство создава тимска култура, доверба и професионализам, што е основа за успешна меѓународна соработка.

МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер, што би им порачале на младите генерации?

ПАУНОВА - БЛАЖЕВСКА: Врската помеѓу успешна жена менаџер и нејзиниот приватен живот  често е длабоко инспиративна и двонасочна. Жените лидери честопати служат како пример за своите деца, покажувајќи им дека посветеноста, напорната работа и упорноста можат да водат кон големи успеси.

Од друга страна, децата, со својата енергија, радост и љубопитност, знаат да бидат огромен извор на мотивација и инспирација, поттикнувајќи континуиран развој и напредок.

На младите генерации би им го пренела следното: бидете храбри, поставувајте си високи цели и никогаш не се плашете од предизвици. Успехот е резултат на страст, посветеност и верба во сопствените способности.

Исто така, важен е балансот меѓу личниот и професионалниот живот—грижете се за вашето ментално здравје и за луѓето околу вас.

Во свет каде што промените се брзи, најголемата сила лежи во способноста да учите и да се адаптирате.

 Инспирацијата секогаш е на повидок, а најубавото е што секој може да биде инспирација за некој друг. 


Статијата е прочитана 187 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско