Кјобе: Независноста и кредибилитетот на Народната банка се предуслов за стабилноста

„Во неодамнешната мисија за процена на заштитните механизми го нагласивме доброто работење на Народната банка – нејзината независност, доброто управување, како и солидната финансиска рамка и рамката за управување со ризиците. Ова се основите врз кои се гради кредибилитетот на централната банка, што е клучот за стабилноста на цените и на девизниот курс, коишто мора да бидат заштитени“, изјави Кјобе.
ММФ исто така го истакна усогласувањето на Народната банка со највисоките меѓународни стандарди во однос на транспарентноста, отчетноста и комуникациските практики. Овие стандарди беа потврдени и со високите оценки во Извештајот за оценување според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ за 2022 година.
ММФ искажа задоволство и од пристапувањето на земјава кон Единственaтa облaст за плаќања во евра (СЕПА) од март 2025 година – значаен чекор за земја што не е членка на ЕУ. Ова членство претставува резултат на успешната регулативна и законска хармонизација, спроведена под водство на Народната банка. ММФ го оценува процесот како сложен и интензивен, со што дополнително се нагласува стратегиската посветеност на централната банка кон високи регулативни стандарди и финансиска интеграција.
„Овие реформи не само што го зголемуваат кредибилитетот на финансискиот систем, туку и ја поставуваат Северна Македонија како лидер на Западен Балкан во областа на финансиската интеграција. Членството во СЕПА ќе овозможи побрзи, поевтини и побезбедни прекугранични плаќања во евра, што е од особено значење за земја со високи приливи на дознаки“, додаде Кјобе.
Статијата е прочитана 37 пати.