Алтернативните форми на туристичка понуда се клучот за успех во регионот и голема можност за македонскиот туристички сектор

На конференцијата на тема„ Здравствениот туризам и неговите препознатливи форми“ којашто неодамна се одржа во Бања Лука, учествуваа голем број експерти од областа на туризмот, воздушниот сообраќај и делот на естетската и дентална медицина од регионот. Здравствениот туризам преставува двигател за одредени дестинации земајки во предвид бројот на остварени ноќевања во Република Српска како дел од БИХ од кои 1/3 се во бањските и спа центри додека во Република Србија преставуваат 1/5 од вкупниот број на ноќевања во 2024 година. Основно во здравствениот дел на туризмот, препознаваме три категории на посетители од корисниците на здравствените услуги кои најголемиот дел од времето го поминуваат во хотелските капацитети, постоперативните третмани кои имаат режими на храна и ограничено движење и трошат, како и првата група, минимално време надвор од пансионот,  и третата група на туристи кои се за одмор и релаксација со неколкудневни посети на бањите и спа центрите користејќи ги нивните услуги и истражувајки ја дестинацијата.

Оваа група на туристи се најпосакувана за локалната заедница бидејки 70% од потрошувачката е вонпансионска и во локалната заедница на дестинацијата. Во последните неколку години голем број на бањи во регионот претрпуваат позитивни промени преку инвестициски бум, израснувајќи во модерни спа центри кои нудат различни здравствени, медицински и спа услуги за сите заинтерсирани клиенти без разлика дали се на кратки, неколкудневни посети или здравствени пакети од недела или двонеделен период. Оваа туристичка форма е во експоненционален раст кој се предвидува да продолжи и во следниот пет годишен период создавајки стабилност на остварените ноќевања во текот на целата година поради ниската сезоналност и исполнетост на хотелските капацитети.

Доколку ги споредиме нашите бањски центри со регионалните без многу двоумење можеме да констатираме и покрај природните ресурси, тие се во длабока старост и потребни се инвестиции кои би овозможиле полека но сигурно да се приближиме со регионот. Знаејќи ги перспективите и придобивките од здравствениот туризам, во стратегијата за туризам на Македонија оваа селективна форма што поскоро потребно е да заземе една од поважните улоги кои со применети регионални практики може да генерира значителен број на ноќевања и да отвори нови работни места во микро дестинациите каде се лоцирани. 

Регионалното поврзување е неизбежно доколку сакаме да фатиме приклучок со нашиот соседи Албанија и Србија, кои во последните години доживуваат туристичка ренесанса и бележат светски рекорди по бројот на странски посети, ноќевања и остварен туристички промет. Овие позитивни промени не се случија преку ноќ, туку се дел од долгорочните економски и туристички стратегии на овие земји преку кои се овозможија зголемен број на авионски летови од нови дестинации, инфраструктурни вложувања, инвестиции во хотелски и други видови сместувачки капацитети и флексибилна визна либерализација која не смета на нивниот пат кон европската унија. Од досега кажаното доволно е да ги примениме овие точки а тоа е единствено можно преку државни политики фокусирани силно кон развој на оваа економска гранка и создавање на долгорочна државна стратегија во туризмот која како краткорочни цели ќе ги интегрира овие повеќе останати точки за подобрување во законска  легислатива. 

Се дотогаш ќе гледаме како соседите кои како брза локомотива ќе итаат напред,  а ние ќе бидеме на слеп колосек, односно нема да креираме туристичка понуда или градиме одржливост во дестинацијата туку ќе ни се случува туризмот како во 2024 година и ќе се радуваме на растот од 1-2% ноќевања споредбено со најдобрата 2019 година. Тенденцијата на опаѓање на домашнте туристи и ноќевања и скратување на просечниот престој во дестинацијата ме загрижува бидејќи тоа се првите показатели на стареење на туристичката дестинација, нејзината неконкурентност и недостатокот на нови туристички производи. На ова поле е потребно долгорочно да се работи бидејќи не смееме да ги губиме домашните туристи, а да се трудиме на секој начин да донесеме странски гости, за кои трошиме многу повеќе ресури и туристички субвенции. Затоа се потребни професионални човечки ресурси на клучните места кои во срж го разбираат туризмот и имаат стратешки пристап, а не кариеристи кои единствена цел им е да си ја збогатат својата професионална биографија со уште една престижна позиција. Во туризмот многу повлечени потези веднаш не се видливи или логични, но резултатите секогаш го објаснуваат нивното стратешко одигрување. 

Алтернативните форми на туристичка понуда се клучот за успехот во регионот и голема можност за македонскиот туристички сектор кој многу брзо треба да започне со градење на одржлива дестинација и дестинација за четири сезони во регионални и европски рамки. За да можат истите да се применуваат и развиваат потребно е многу повеќе да се создава од страна на локалната самоуправа и националните паркови кои е потребно да понудат сместувачки капацитети, спасителна служба, поголем број на туристички водичи во планина и сѐ тоа во симбиоза со локалнто население кое преставува мотор за примена и развој на овие туристички форми. Градење на домашни туроператори кои ќе бидат носители на аранжмани за алтернативни форми на туристичка понуда во согласност со сите светски стандарти.

За ова да може да се примени во пракса потребен е интегриран пристап од страна на државата и државните политики започнувајќи со стратегија за развој на руралниот туризам која заврши во 2017 година, национална стратегија за развој на туризмот во која ќе бидат јасно прикажани патоказите за развој на алтернативните форми на туризам во Македонија преку акциски и мастер планови, опфаќајќи ги сите засегнати страни.

Мора да се признае дека Министерството за култура и туризам во периодот којшто претстои има голем број на предизвици пред себе, но силно верувам дека ќе изгради капацитети и одговори на потребите на сѐ попребирливиот туристички пазар и новите времиња во туристичката индустрија. 


Статијата е прочитана 286 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско