Народната банка - стожер на макроекономската стабилност и поддржувач на засилувањето на структурните реформи

Интервју со Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка во коешто говори за најновите макроекономски проекции за растот на македонската економија, макроекономската стабилност, дали се очекува забавување на инфлацијата, забрзување на кредитниот раст, но и за тоа што значи за граѓаните и банките тоа што нашата земја официјално стана дел од Единствената зона за плаќање во евра (SEPA), потврдувајќи ја финансиската интеграција на земјата во Европската Унија.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска говори и за поддршката за женското лидерство, како и за потребата од надминување на родовиот јаз којшто е висок и во светски рамки.
„Периодот во кој јас ја извршувам функцијата на гувернер се одликува со исклучителни предизвици, но ме радува што заедно со посветениот тим успеавме да ја задржиме и да ја зајакнеме макроекономската стабилност, којашто е јавно добро. Всушност најголемиот дел од тимот во Народната банка, вклучително и од лицата на раководни позиции се жени (околу 65%).“, вели Гувернерката во интервјуто.
МАРИЛИ: Почитувана, дали според најновите макроекономски проекции се предвидува дека растот на македонската економија ќе се движи паралелно со закрепнувањето на светската економија? Дали се очекува забрзан економски раст во 2025 година?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: По повеќето шокови, светската економија закрепнува бележејќи стабилни стапки на раст, во околности на постепено смирување на инфлациските притисоци и олеснување на глобалните финансиски услови. Последните проекции на Меѓународниот монетарен фонд од јануари 2025 година покажуваат дека светскиот економски раст од 3,2% во 2024 година благо ќе забрза и ќе се задржи на 3,3% во 2025 и 2026 година. Сепак, ваквите остварувања сѐ уште се под историскиот просек, покажувајќи потреба од подлабоки структурни реформи и во светски рамки за поттикнување на динамиката на раст. Покрај ова, надолните ризици за економијата и натаму постојат, при натамошни зголемени геополитички тензии и нестабилности.
Со оглед на тоа што ние сме мала и отворена економија, се разбира дека и патеката на раст на нашата економија во голем дел е условена од надворешните случувања.
Оттука, со оглед на очекувањата за натамошно закрепнување на надворешното окружување, коешто може позитивно да се одрази на странските директни инвестиции и трговското салдо, како и за забрзување на започнатите домашни инфраструктурни проекти, економскиот раст умерено би забрзал искачувајќи се на 3,3% во 2025 година, а на среден рок уште повеќе би забрзал.
Сепак, зголемената геополитичка неизвесност, којашто е постојано присутна, а во последниов период може да предизвика и нарушувања на глобалните пазари на примарни производи, како и сѐ поголемиот протекционизам во меѓународната трговија се ризиците коишто може да влијаат врз патеката на растот. Од друга страна, растот може да биде и побрз од очекувањата доколку се засилат потребните структурни реформи. Во оваа смисла, новиот план на Европската Унија за раст на земјите од Западниот Балкан може да ги поддржи овие реформи и да ги подобри економските изгледи на земјата.
МАРИЛИ: Се очекува ли забавување на инфлацијата на кус, но и на среден рок?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Гледано во светски рамки, и во 2024 година инфлацијата забавуваше и според оцените на ММФ изнесува 5,7%. Оваа патека на намалување на инфлацијата се очекува и во текот на следните две години, при што според последните проекции од почетокот на годинава, во 2026 година светската инфлација би изнесувала 3,5% во просек.
Смирување на инфлациските притисоци се забележува и кај нас. Инфлацијата за целата 2024 година изнесуваше 3,5%, во просек, што во целост соодветствува со октомвриските согледувања на Народната банка, според кои за годинава се очекува нејзино сведување на 2,5% и постепено натамошно нормализирање близу до историскиот просек од 2% на среден рок.
Овие проекции се засноваат на очекувањата за стабилизирање на цените на храната и енергијата на светските пазари, како и за отсуство на поголеми притисоци врз цените од растот на платите, апсорбирање на дел од трошоците преку профитните маржи и натамошни ефекти од мерките за стабилизирање на цените спроведени досега.
Сепак, морам да нагласам дека и понатаму има ризици околу движењето на инфлацијата. Како фактори коишто би можеле да предизвикаат нагорни притисоци врз инфлацијата и натаму се геополитичките тензии и зголемената примена на затегнати трговски политики, климатските промени, но и растот на платите за сметка на продуктивноста.
МАРИЛИ: Се очекува ли кредитен раст и какви се плановите на банкарскиот систем во однос на обезбедување кредитна поддршка, особено за малите и средните претпријатија и во однос на зеленото кредитирање?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: И минатата година, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува солидна кредитна поддршка за економијата.
Главниот извор за финансирање на кредитите се депозитите коишто исто така остваруваат солиден раст во услови на доверба на јавноста во банкарскиот систем и во политиките коишто ги води централната банка.
Така, кредитниот раст во 2024 година изнесуваше 11,2%, поддржан од солидниот раст на депозитите од 11,7%, но и од зајакнувањето на нивните капитални позиции преку растот на капиталот, резервите и задржаната добивка. Слични се трендовите и во корпоративното портфолио, во кое кредитите на микро, малите и средните претпријатија зафаќаат околу две третини од вкупните кредити на банките одобрени на претпријатијата и нивниот раст е солиден, но малку побавен отколку растот на вкупното корпоративно кредитно портфолио. Исто така, според анкетите за согледувањата на банките за нивните идни деловни активности, најголемиот дел од банките очекуваат раст на кредитирањето на овој сегмент од претпријатијата.
Што се однесува до зеленото кредитирање, последните податоци за зелените кредити покажуваат натамошен напредок во поддршката на зелената и одржлива економија во нашата земја. Според последните расположливи податоци (септември 2024 г.), растот на зелените кредити на годишна основа изнесува 1,4 милијарди денари, или 7,4%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија.
МАРИЛИ: Како Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го оценува финансискиот развој на земјава во однос на регионот, но и во однос на Европската Унија?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Според индексот на финансискиот развој на Меѓународниот монетарен фонд, нашата земја е меѓу најдобро рангираните во регионот на Западен Балкан. Индексот на финансискиот развој на ММФ којшто ги отсликува опсегот, пристапот и ефикасноста на финансиските институции и финансиските пазари, за нашата земја изнесува 0,26, што покажува забележителен напредок во нивото на финансиското посредување и неговото унапредување. Сепак, сѐ уште постои значителен јаз во однос на земјите од Европската Унија, што укажува на потребата од понатамошно финансиско продлабочување.
И кај нас, но и во земјите од регионот, сѐ уште се бележи ниска стапка на домашното штедење и недоволно финансиски инструменти на пазарите на капитал, што ја нагласува потребата за натамошно поттикнување на домашното штедење, искористување на готовината во оптек за продуктивни цели, а по потреба и меѓународно финансирање. Понатамошната консолидација и дигитализацијата на банкарскиот систем, како и понатамошното усогласување со европските стандарди ќе ја зголеми неговата конкурентност, овозможувајќи побрза интеграција со финансиските системи на ЕУ. Оттука, нашиот влез во платежната област СЕПА може значително да ги придвижи овие позитивни процеси во финансискиот систем.
МАРИЛИ: Нашата земја и официјално стана дел од Единствената зона за плаќање во евра (SEPA), потврдувајќи ја финансиската интеграција на земјата во Европската Унија. Што значи овој значаен чекор за граѓаните и за компаниите? Каква е сега постапката, банките имаат период на приспособување, па оттука кога се очекува граѓаните и компаниите да ги почувствуваат придобивките?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Пристапот кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) е историски исчекор којшто ќе овозможи нашите банки, и покрај тоа што не сме членки на ЕУ, да пристапат на европските платежни системи. Се очекува дека овој процес ќе донесе повеќе придобивки за целокупната економија, коишто сигурно ќе бидат највидливи во однос на заштедата на трошоци и време при вршењето плаќања кон земјите од Европската Унија. Ако се земе предвид дека во моментов, за плаќањата од ЕУ кон земјите од Западен Балкан трошоците се повисоки за 12 пати во однос на трошоците за плаќање помеѓу земјите од ЕУ, СЕПА би требало да доведе до поефикасни, исплатливи и побрзи прекугранични плаќања.
Поконкретно, за граѓаните, членството во СЕПА е особено значајно во делот на намалувањето на трошоците за дознаките од странство. Според, процените на Светската банка, трошоците за дознаките би се намалиле за околу 3 отсто, што ќе доведе до заштеда од половина милијарда евра на ниво на регионот на Западен Балкан. Инаку, трошоците за дознаки во моментов се проценуваат на околу 6,71 отсто од вкупната трансакција.
Исто така, членството во СЕПА би придонесло за побрза дигитална трансформација на нашиот финансиски сектор. Со намалувањето на зависноста од готовинските трансакции и застапувањето на дигиталните начини на плаќање, ќе се поддржи развојот на помодерен, побезбеден, флексибилен и инклузивен финансиски екосистем.
Сепак, за да се искористат овие можности, од голема важност е банките да се подготват оперативно. Заедно со банкарскиот сектор, Народната банка посветено ќе работи на обезбедувањето целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА до октомври 2025 година, што е првиот можен датум за влез на банките од земјите од Западен Балкан коишто се членки на СЕПА.
МАРИЛИ: Во време на брза дигитализација, колку граѓаните ги познаваат финансиските производи и услуги и што презема Народната банка за да ја зголеми финансиската писменост и за да ги заштити од евентуални ризици?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Во услови кога имаме сѐ пософистицирани финансиски производи, граѓаните навистина имаат потреба од финансиско предзнаење за да можат да ги користат овие финансиски производи без преземање прекумерни ризици.
Народната банка во изминатиов период вложи значителни напори во подготовката на регулативна рамка со која се предвидуваат зајакнати механизми за заштита на граѓаните корисници на финансиските производи. Тука, особено би сакала да го споменам новиот Закон за платежни услуги и платни системи којшто обезбедува голема заштита при користењето на платежните услуги. Исто така, во Народната банка е основана посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, којашто минатата година за првпат започна со наменски контроли на банките токму во овој сегмент. Овие активности се дел од првата национална Стратегија за финансиска писменост и финансиска инклузија, којашто во соработка со останатите финансиски регулатори беше донесена во 2021 година.
Еден од приоритетите на оваа стратегија е и создавањето услови за пристап до финансиските услуги за сите граѓани, вклучително и за лицата кои имаат одредена попреченост. Во 2024 година, во овој домен спроведовме анкета којашто покажа дека се потребни поголем број шалтери и банкомати приспособени за лицата со попреченост, како и рампи за пристап до банкарските објекти. За надминувањето на овие состојби, Народната банка изработи Брошура и Насоки за постапување на банките.
Голем број активности се посветени и на зголемувањето на финансиската писменост на жените, што е предуслов и за нивниот полесен пристап до финансиите.
МАРИЛИ: Како прва жена гувернер која одлично се справува со големите предизвици обременети со многу кризи, сметате ли дека придонесовте да се зголеми свесноста за женското лидерство во нашето општество?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Мислам дека успехот на секоја жена е инспирација за друга. Драго ми е што денес сме опкружени со бројни примери на успешни жени кои секојдневно докажуваат дека посветеноста, упорноста и трудот се вреднуваат во општеството.
Периодот во кој јас ја извршувам функцијата на гувернер се одликува со исклучителни предизвици, но ме радува што заедно со посветениот тим успеавме да ја задржиме и да ја зајакнеме макроекономската стабилност, којашто е јавно добро. Всушност најголемиот дел од тимот во Народната банка, вклучително и од лицата на раководни позиции се жени (околу 65%). Народната банка долги години наназад е институција којашто го поттикнува и го овозможува кариерниот напредок без оглед на родот, туку исклучиво врз основа на образованието, посветеноста на извршувањето на работните задачи, компетенциите. Според одредени научни истражувања[1], жените на лидерските позиции во централните банки претставуваат значаен столб во справувањето со бројните предизвици, вклучително и предизвиците поврзани со климатските промени, зголемената нееднаквост и геополитичката фрагментација.
МАРИЛИ: Години наназад е евидентна поддршката што му ја давате на женското претприемаштво, менаџерство и лидерство. Сметате ли дека жените напредуваат и дали треба уште да се работи за надминување на родовиот јаз? Кои конкретни мерки се неопходни за напредок на жените во бизнис-сферата?
АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Родовиот јаз во светски рамки и натаму е висок, а процените говорат дека ако не се зголемат активностите, ќе бидат потребни дури 152 години за да се затвори овој јаз. Учеството на жените на извршни позиции во компаниите на светско ниво е зголемено за 7,7% во последната половина декада, што сепак е бавно за постигнување рамноправност. Податоците покажуваат дека во 2023 година, во земјите на Западен Балкан само околу една третина од високите раководни функции во компаниите биле извршувани од жени, а слична е состојбата и во нашата држава.
Ова упатува на фактот дека се потребни сеопфатни реформи во делот на институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, а од суштинско значење е зголемувањето на финансиската писменост и примената на дигитализацијата од страна на жените претприемачи, но и зголемување на пристапот до финансии за жените и развојот на женското претприемаштво. Поголема финансиска вклученост на жените претприемачи е основна цел и на пилот-проектот со кој раководи Народната банка со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во согласност со Меморандумот за соработка за примената на глобалниот кодекс за финансирање на жените претприемачи во нашата земја.
Предизвиците со кои се соочува нашето општество на патот кон постигнување на родовата еднаквост, како предуслов за поголемо вклучување на жените во економските текови сѐ уште се големи, но ние, жените, по природа сме исклучително трпеливи, темелни и упорни за да го постигнеме тоа што го сакаме.
[1] Empowering women in central banking, Journal of European Public Policy.
Статијата е прочитана 250 пати.