И покрај последователните кризи, задржан континуитетот на стабилноста и реформските процеси

Интервју со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Гувернерката говори за сите преземени мерки од страна на НБ за време на неколкуте последователни кризи, ковид и постковид периодот, енергетската и прехранбената криза, ценовните шокови и преземените мерки за намалување на високата инфлација. Исто така, Ангеловска-Бежоска зборува и за новиот Закон за платежни услуги и платни системи кој стапи на сила од јануари годинава, за поттикнувањето на зеленото финансирање, заштититата на корисниците на банкарски услуги, како и за ризикот од деглобализација.

 

МАРИЛИ: Македонската економија се соочила со повеќе кризи во минатото, што е специфично за последнава и како глобалните ценовни шокови се одразуваат на нашата економија, која е увозно зависна?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Како што посочувате, македонската економија како мала транзициска економија се соочила со повеќе шокови со кои успешно сме се справиле задржувајќи ја мароекономската стабилност како резултат на институционалниот капацитет на централната банка, широкиот монетарен инструментариум, поддршката и добрата координација со другите макроекономски политики, како и од експертската јавност, којашто била особено важна за справување со бројните шпекулации поврзани со девизниот курс, банкарскиот систем и сл., коишто како по правило се јавувалe во сите кризни епизоди, дополнително  обременувајќи го и онака тешкиот амбиент. 

Нема дилема дека справувањето со секоја криза е голем предизвик, но она што е специфично во тековниот контекст е дека зборуваме не за една, туку за неколку последователни кризи коишто траат подолго време, кризи од досега невидени размери. Станува збор за шокови коишто во голема мера се на страната на понудата и оттаму, едновремено предизвикуваат забавување на економскиот раст, но и на забрзување на инфлацијата. Штом забрзува инфлацијата, се стеснува просторот за поддршка на економијата од страна на носителите на макроекономски политики. Ова е многу поразлично  во споредба со кризни епизоди кога во услови на ниска инфлација има простор за спроведување полабава монетарна и фискална политика со цел да се ублажи ударот врз реалната економија.

Имајќи предвид дека сме мала и отворена економија, којашто е значително зависна од увоз, а посебно во делот на снабдувањето со енергенти, се разбира дека актуелните геополитички случувања, нарушувањата во снабдувањето и неизвесноста коишто ја зафатија глобалната економија и коишто имаат силен одраз на меѓународните пазари, се пренесуваат и врз нашата економија. Светските цени на храната достигнаа историски највисоко ниво во март минатата година (60% раст во однос на претпандемичниот период), а на енергентите во август, минатата година кога цената на електричната енергија беше 650%, а на гасот 250% повисока од крајот на 2021 година. Сѐ повисоките цени на енергентите на светските пазари многу брзо се пренесоа и кај нас и ја придвижија домашната инфлација, а воедно предизвикаа значително проширување на трговскиот дефицит. Минатата година, просечната инфлација достигна 14,2%, од која околу три четвртини се директен ефект од увозните притисоци врз цените на прехранбените и енергетските производи. Истовремено, дефицитот на трговската сметка значително се прошири, главно од енергијата, чиј увоз вредносно се зголеми за околу 2,1 пати во 2022 година, во споредба со претходната година. Ваквата состојба уште повеќе ги исфрли на површина децениски присутните структурни слабости во домашната економија и потребата за забрзано спроведување на структурните реформи со кои ќе се зајакнат фундаментите и ќе се зголеми отпорноста на надворешните шокови.

МАРИЛИ: Што презема НБ за зауздување на инфлацијата и за одржување на монетарната стабилност?

АНГЕЛОВСКА - БЕЖОСКА: По подолг период на ниска глобална инфлација, минатата година инфлацијата достигна историски високи нивоа, а особено кај помалку развиените економии. Така во  регионот на Централна и Југоисточна Европа годишната инфлацијата е околу 13%, во просек. Ова наметна потреба од реакција на централните банки.

Во услови на нeстабилно надворешно окружување и сѐ повисоки ценовни притисоци, Народната банка уште од крајот на 2021 година започна со промени во монетарната политика. Најпрво, започнавме со соодветни промени во ликвидноста, а од април лани, па досега и преку зголемување на каматните стапки. Затегнувањето на монетарната политика има за цел да ги стабилизира инфлациските очекувања и со тоа да придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок. Исто така, беа преземени и дополнителни мерки како на пример инструментот задолжителна резерва, преку коишто се зајакнуваат монетарните сигнали, а истовремено му се дава поддршка на процесот на денаризација на економијата и се поттикнува штедењето во домашна валута. Со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарна политика  ги одразуваат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, иако нашите реакции започнаа порано во однос на ЕЦБ ‒ ЕЦБ го направи првото зголемување на каматната стапка во јули минатата година, а намалување на ликвидноста најави за март 2023 година. Народната банка донесе и дополнителни системски мерки,  заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, којшто е стожер на финансиската стабилност на нашата економија.

МАРИЛИ: Дали се преземаат стимулативни мерки за енергетска трансформација на економијата и кои се конкретните чекори што ги прави НБРМ за поттикнување на зеленото финансирање?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Значителен дел од домашната инфлација минатата година се должи на растот на цените во енергетската компонента, којашто ги опфаќа цените на струјата за домаќинствата, горивата, топлинската енергија и сл. Во однос на цените на струјата, во оваа компонента е опфатен само директниот ефект од промените на цените на струјата на регулираниот пазар за потрошувачите, но не индиректните ефекти од порастот на трошоците за електрична енергија за компаниите, коишто се пренесуваат врз финалните цени на останатите производи и услуги.

Нема дилема дека со подлабоките и побрзи реформи и со зајакнувањето на одржливоста на домашниот енергетски сектор може да се постигне значително ублажување на ценовните притисоци од енергетската криза, но и да се ублажат притисоците кај трговскиот дефицит и девизниот пазар. Централните банки, со својот мандат, немаат директна улога во овој процес. Сепак, Народната банка прави напори да обезбеди поповолен амбиент за инвестирање во обновливи извори на енергија. За таа цел се и промените кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон поттикнување на финансирањето инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска одржливост. Станува збор за нестандардна мерка со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори.

Исто така, би посочила дека сме во завршна фаза на изготвување и на Стратегија за поттикнување „зелени финансии“ и нивен системски пристап од аспект на одржување и на финансиската стабилност. Стратегијата ќе опфати системски мерки за подигнување на свеста за климатските промени и потребата за нивно намалување преку активности на финансискиот сектор, водејќи сметка истовремено за одржување и на неговата стабилност и непречена кредитна поддршка на економската активност.

МАРИЛИ: Минатата година одбележавте 30 години монетарна самостојност. Со изложбата „В/редности и вредности“ во Музејот на НБ , Банката покажа дека го негува културното наследство. Колку, според Вас, македонскиот бит е внесен во нашите пари, кои се со специфичен дизајн во кој културното наследство е универзална карактеристика што им дава бесценета вредност на банкнотите?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Народната банка е институција што повеќе од две децении е вклучена во собирањето, зачувувањето и заштитувањето на македонското културно наследство, поточно на еден сегмент од раскошната културна ризница на нашата држава.

Музејот на Народната банка има многу важна улога во заштитата на нашето нумизматичко културно наследство, коешто не само што е особена, заедничка културно-историска вредност, туку е неодминлив извор за осознавање и веродостојно толкување различни аспекти од нашето долго монетарно и економско минато.

Изложбата којашто ја организиравме минатата година со цел да одбележиме еден важен државотворен настан од поновата македонска историја, имаше навистина голем одглас во пошироката јавност. Тоа е веројатно така бидејќи изложбата многу непосредно ни ги откри реалните културно-историски и уметнички вредности коишто служеле како инспирација за создавањето на дизајнот на современите македонски пари. Всушност, имавме можност на едно место да видиме дел од артефактите коишто се отсликани на нашите банкноти.

Во целиот период на нашата монетарна независност, Народната банка беспоштедно и посветено работи на градење на довербата во нашата национална валута, така што можам да кажам дека со минатогодишната изложба покажавме и дека денарот е навистина прекрасен спој на исклучителни културни орнаменти, а истовремено и валута којашто овозможува економска сигурност за нашите граѓани. Или со зборовите на бесмртниот Виргилиј од Енеида, „decus et tutamen“, денарот е наш украс и заштита во економска, социјална и културна смисла.

МАРИЛИ: Новиот Закон за платежни услуги и платни системи стапи на сила од јануари. Како еден од важните сегменти во законот се посочува заштитата на потрошувачите. Што е она што е поразлично во овој закон во однос на заштитата на потрошувачите?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Отворањето на пазарот за нови даватели на платежни услуги и проширувањето на сетот на платежни услуги коишто ќе се нудат се значајни придобивки за нашата економија од новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Со тоа се создаваат предуслови за понуда на нови, иновативни платежни услуги и производи, коишто на граѓаните и на фирмите ќе им овозможат побрзо и поефикасно извршување на плаќањата, а по поволни финансиски услови.

Но, овие измени се проследени и со соодветни регулаторни барања заради овозможување заштита на потрошувачите. Така, постои обврска за давателот за задолжително информирање на потрошувачот за условите под кои може да користи платежни услуги, пред склучувањето на договор, како и информирање за надоместоците за најчесто користените, односно најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка. Воедно, Народната банка издаде листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги и ќе ги објавува на својата интернет-страница во компаративен контекст. Првото објавување на надоместоците на интернет-страницата на Народната банка е предвидено за крајот на септември оваа година. На овој начин, граѓаните ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат кај кој давател да користат платежни услуги.

Исто така, новина во Законот е дефинирањето сметка со основни функции за граѓаните, преку која ќе може да вршат редовни платежни трансакции со готовина, трансакции со дебитни картички и со кредитен трансфер, во рамките на средствата со кои располагаат на таа сметка. За овие услуги надоместокот којшто ќе се наплаќа од давателите на платежни услуги ќе биде ограничен на 0,1% од просечно исплатената нето-плата, или околу 31 денар. Покрај ова ограничување на трошокот за одржување на платежната сметка, Законот предвидува банките и штедилниците да не наплаќаат надоместоци за користење на сметката со основни функции за потрошувачите од ранливите категории (корисници на издршка, парична помош од социјална заштита, привремена невработеност, додаток за дете и слично). Законот предвидува други видови заштита на потрошувачите, како на пример доколку настане случај на неавторизирани платежни трансакции и слично.

МАРИЛИ: Кои други активности ги презема Народната банка за поголема заштита на корисниците на банкарски услуги?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Последниве години, Народната банка постојано работи на зајакнување на активностите во доменот на заштита на корисниците на банкарски услуги, како и натамошно зајакнување на финансиската едукација на населението како важен предуслов за поголема финансиска инклузија и истовремено поголема свесност за предностите и ризиците при користењето на финансиските услуги. Од минатата година, во Народната банка започна да функционира посебна организациска единица – Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, што ги потврдува нашите заложби за натамошна финансиска едукација и поголема заштита на потрошувачите – физички лица кои се корисници на услуги од банкарскиот сектор.

Во првата година од работењето, Дирекцијата работеше на разгледување и дополнување на постојната регулатива од доменот на заштита на потрошувачите, прибирање податоци и анализа на поставеноста на банките во доменот на заштита на потрошувачите, а во текот на оваа година ќе започнат и редовни наменски контроли над банките во овој домен. Во завршна фаза е подготовка на циркулар за банките којшто ги содржи најдобрите практики од оваа област, којшто треба да овозможи натамошно унапредување на транспарентноста и пристапот на банките и штедилниците кон своите клиенти, вклучително и пристапот кон поплаките примени од нив.

Од 2021 година, заради зголемување на транспарентноста, банките започнаа со објавување стандардни табели со основните податоци за кредитите и депозитите што ги нудат, коишто се достапни и на интернет-страницата на Народната банка.

Народната банка, во соработка  со другите финансиски регулатори, веќе одреден период работи на подготовка на Предлог-закон за финансиски омбудсман, со што се регулира решавањето на евентуалните спорови помеѓу физичките лица како корисници на финансиски услуги и финансиските институции. Сите овие активности треба да овозможат значително унапредување на рамката за заштита на потрошувачите во финансискиот сектор.  

МАРИЛИ: Постојат одредени мислења дека тековно се соочуваме со ризик од  деглобализација. Како овој процес би се одразил на малите и трговско зависни економии како нашата држава?

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Одредени знаци за забавена глобализација имаше и во периодот пред пандемијата кога беше видливо забавување на светската трговија. Сепак, пандемијата и војната во Украина се сметаат за најголем стрес-тест за натамошниот тек на овие трендови. Индексот за глобална поврзаност којшто го мери нивото на глобализација преку трговијата со стоки и услуги, преку меѓународните финансиски текови, но и протокот на технологија и луѓе покажува надолно поместување во периодот на пандемијата, но потоа има одредено унапредување. Во секој случај, не може да се занемари ризикот дека последователните кризи со кои се соочуваме, на среден рок може да доведат до промени во обемот, структурата и географската димензија на глобализацијата.

Штетите од евентуалното назадување во овој процес може да бидат значителни, со подолгорочни последици, посебно кај помалку развиените, отворени држави (како што е нашата земји и земјите од регионот), бидејќи трговската, финансиската и технолошката фрагментација може да ги зголеми трошоците, да ја намали ефикасноста и да го забави растот на овие економии. Впрочем, сѐ поголемата трговска и финансиска интеграција на регионот во европската економија во изминативе декади се смета за еден од клучните фактори на економски раст. Ова е особено релевантно за македонската економија којашто има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западен Балкан од 140% од БДП.

Во тековниот контекст на веќе забавен економски раст како последица на последователните глобални шокови и при акутна потреба да им се одговори на новите предизвици поврзани со дигиталната трансформација, енергетската ефикасност и диверзификација и со климатските ризици, за земјите од регионот повеќе од неопходно е натамошно зајакнување, а не намалување на врските со развиените економии.

МАРИЛИ: Во пресрет на празникот на жената, да се осврнеме на состојбите на економското учество на жените во нашата држава. Во јули 2022 година, британскиот тинк-тенк ОМФИФ објави дека Народната банка е прва во светот меѓу централните банки и финансиските институции според застапеноста на жените на раководни позиции. Дали тоа е предност во водењето на политиките на Народната банка и дали преземате активности за поголема вклученост на жените во економијата?

АНГЕЛОВСКА - БЕЖОСКА: Со гордост можеме да истакнеме дека Народната банка се залага за еднакви можности и зајакнување на улогата на жените. Во вкупниот број вработени во Народната банка, жените се застапени со 55,9%, додека, пак, во раководната структура со над 70%. Ова беше забележано и од страна на британскиот тинк-тенк ОМФИФ којшто посочи на ова достигнување на Народната банка имајќи предвид дека во светски рамки, жените се застапени со 29%, во просек, на раководни позиции во управните одбори на финансиските институции.

Тука би нагласила дека основата за вработување и учество во раководната структура на Народната банка е пред сѐ стручноста, знаењето и подготвеноста да се даде максимумот во работата, независно од полот на вработениот.

Во ваквиот систем на еднакви можности, дојдоа до израз природните предиспозиции на жените за поголема прагматичност, поголема внимателност за ризици, изразена темелност, што е значаен придонес кон успешноста на политиките.

Состојбите во економијата се малку поразлични. Според последните податоци, процентуалното учество на жените во вкупниот број вработени во државата изнесува незадоволителни 42%. Слични состојби се забележуваат и во финансиските институции, каде што жените се застапени само со околу 28% во органите на раководење.

Но, би било еднострано доколку родовата рамноправност ја согледуваме само низ призмата на застапеноста на вработените жени во управувачките функции. Уште побитно е да се овозможи зајакнување на капацитетите на жените за финансиско управување, соодветен пристап до финансискиот систем и да им се даде неопходна поддршка за да ги зголемат своите можности за социјална вклученост. За жал, податоците покажуваа дека сѐ уште значителен дел од женската  популација не е активно вклучена на пазарот на трудот (само 41% од жените, наспроти 59% од мажите), а околу 45,4% од жените се јавуваат како корисници на кредити, наспроти 54,6% кај мажите. Треба да се потенцира дека Народната банка работи засилено и на ова поле, при што финансиската едукација и инклузија на жените е еден од приоритетите и дел од нашите стратегиски цели.


Статијата е прочитана 734 пати.

Сподели: