Независен осигурителен брокер е препознатлив бренд на осигурителниот пазар

Интервју со Александра Поп Василева, извршен член на Одборот на директори во НОБ - Независен осигурителен брокер и Маја Ноневска, директор на продажба во НОБ - Независен осигурителен брокер. Поп Василева говори за преземањето на брокерското друштво и осигурителниот бизнис, образовната наобразба во Австралија и Шведска, тамошните практики како и за искуствата како предавач на универзитети во овие две држави. Ноневска се осврнува на нејзиното дводецениско работно искуство во осигурителниот бизнис, предизвиците но и за карактеристиките кои треба да ги поседувате за да бидете успешни и ефикасни во овој сектор

МАРИЛИ: Вие сте член на Одборот на директори во НОБ. Каква е Вашата функција и колку ја негувате развојната компонента во брокерското друштво?

ПОП ВАСИЛЕВА: Мојата функција извршен член во Одборот на директори е најмногу како поддршка на семејната инвестиција во која мојата мајка, Виолета Поп Василева, со својата истакната кариера во осигурувањето, уште еднаш се потврди како менаџер и експерт во осигурителниот бизнис и го презеде ова брокерско друштво, кое денес, 10 години по формирањето, е препознатлив бренд помеѓу многуте осигурителни брокерски друштва што работат на осигурителниот пазар.

Првенствено како академски работник со над 15-годишно искуство мојата поддршка во работата на брокерското друштво е во неговиот развој и стратегија, каде што на некој начин се обидувам да пренесам дел од тоа што фактички го предавав и го предавам на универзитетите во Сиднеј (Macquarie University) и во Мелбурн (Monash University) во Австралија и сега на Stockholm School of Economics во Стокхолм, Шведска, како доцент. Мојата експертиза се однесува на менаџментот на резултатите и контрола (performance management & control), кај нас попознато како менаџмент сметководство, област што ги опфаќа сите важни аспекти за успехот на еден бизнис и се заснова врз соодветното користење и толкување на финансиските и на нефинансиските информации на начин со кој го подобрува менаџерското одлучување.

Имено, кога станува збор за економијата и за економските закономерности на пазарно ориентираните општества, секаде има заеднички правила и закони, но, за жал, политичките состојби најмногу влијаат врз разликите во економиите на државите.

МАРИЛИ: Повеќе години сте дел од бизнисите на странски компании надвор од нашата земја, бевте во Австралија, а сега сте во Шведска. Кажете ни на кои позиции работевте и какви искуства пренесувате од тие земји за развој на семејниот бизнис?

ПОП ВАСИЛЕВА: По завршувањето на високото образование на Економскиот факултет во Скопје, мојата кариера започна во Сиднеј на Универзитетот „Маквари“, каде што ги продолжив студиите и магистрирав и докторирав на Катедрата за сметководство во рамките на Факултетот за Бизнис и Економија. Во текот на студиите ми беше овозможено да се вклучам и во предавањата и покрај тоа што бев вонреден студент, а тоа не беше вообичаен тек за повеќето докторанди и придонесе за долгиот стаж во однос на предавачката страна на работата. Во моментов работам како доцент во Стокхолм (Stockholm School of Economics) и директор на Научниот центар за блиска соработка со бизнис-партнерите на факултетот (Accounting & Financial Management Center of Excellence). 

Во однос на специфичноста на пазарот во Австралија и таа регулатива во споредба со европската, може да се користат одредени искуства конкретно за осигурувањето, како групирање на одредени ризици како посебни продукти што не е практика на европските пазари и уште помалку на нашиве простори. Секако, како искуство, ова може да им се предлага на осигурителните компании што одредуваат и одлучуваат какви видови ризици покриваат, а ние како нивен дистрибутивен канал во продажбата само учествуваме во продажба на нивните полиси за осигурување.

Австралија има многу широка мрежа на дистрибутивни канали за продажба на осигурителни полиси од најразлични видови услуги што во корелација со нивната основна дејност го вклучуваат и осигурувањето. Сепак, на тој пазар акцентот првенствено е ставен на автоматизацијата и дигитализацијата на осигурителните услуги, при што практично, како нивен клиент, не се доаѓа во личен контакт со осигурителната компанија, а секако се добиваат сите потребни покритија за осигурениот.

Изборот на осигурителната компанија му се пренесува на корисникот и постои поголема информативна асиметрија, каде што голем број од условите се пренесуваат на висок правен јазик што секогаш не му е достапен на секој поединец и многу од тие услови остануваат непознати при склучувањето полиса. За клиентите се појавуваат поголеми предизвици во процесот на остварување надоместок на штета, каде што при склучувањето на полисата играат улога голем број од непознатите услови, а во исто време пристапот до комуникацијата со поединци во осигурувањето е отежнат и долготраен како резултат на високата дигитализација.

Во такви случаи од непроценлива вредност е да се има брокерско друштво како НОБ, каде што корисникот може да се обрати за стручен совет и при изборот на компанија, како и при процесот на надоместок на штета и тоа без дополнителен трошок.

Инаку, осигурувањето како концепт е секаде ист и политиките на надоместок на штета практично се исти доколку се следат дадените инструкции каде што клиентот треба да се обрати. Ова го согледав со мојот личен пример при што заедно со мајка ми Виолета го решивме надоместокот за штета што ми следуваше за осигурениот случај што го имав и тоа согласно политиките за решавање на штети во компанијата во која мајка ми тогаш беше извршен директор. Имено, по идентични осигурителни практики го остварив максималното право за надоместок на штета што како ризик го имав платено во мојата полиса за осигурување. Но овој пример повеќе е исклучок отколку правило бидејќи повеќето осигурителни корисници на тој пазар немаат таква експертиза во осигурувањето и, за жал, не се во можност да ги остварат своите кориснички права.

Во Шведска сум помалку време во споредба со Австралија, па сега ги осознавам разликите во европската регулатива и конкретно во економијата и во образованието што таму се на многу високо ниво на префинетост и квалитет. Бизнис-практиката и образованието се во корелација заради постојаното унапредување со сите нови сознанија до кои се доаѓа при таа соработка.

МАРИЛИ: Како различните култури каде што престојувавте влијаеја врз Вас како личност, приватно и професионално? Што најмногу Ви недостасува од Македонија?

ПОП ВАСИЛЕВА: Животот и постојаното приспособување на различни култури, традиции, системи, стандарди на однесување и размислување дефинитивно ме надградија како личност и на некој начин придонесоа да се чувствувам како граѓанин на светот. Секако најтешки беа првата промена и селењето, но сега навистина можам да кажам дека би можела секаде да се адаптирам. Богатството од искуства и од луѓе што ми го овозможи живеењето и работењето во странство навистина е од непроценлива вредност и придонесе да се здобијам со широки погледи на животот и да бидам исполнета како личност. Од друга страна, иако можеби постои очекување дека секое ново место на живеење ни дава можност да се редефинираме како нова личност - кај мене се случи обратното. Во текот на последниве 15 години имав слобода да дојдам поблиску до себе и самостојно да одлучам кои се моите лични вредности, принципи, граници, мислења  и автентичност - а на мое изненадување тоа ме однесе и подалеку во мојата кариера, односно токму каде што сум денес. Единствено ми недостасуваа моите родители што мораа да се адаптираат на временските зони и на новите технологии за да бидат во тек со случувањата и со моите предизвици. За среќа, Стокхолм не е далеку и сега многу почесто сум во Скопје и, секако, во НОБ.

МАРИЛИ: Вие сте на позиција директор на продажба. Кажете ни во што се состои Вашата менаџерска работа и колку долго сте во осигурувањето?


НОНЕВСКА:
Со осигурување се занимавам уште од 2001 година кога првпат се вработив во осигурителната компанија „Макошпед Осигурување АД“. Голем дел од моето знаење за осигурувањето го стекнав од искусните колеги што ги имав таму. Во однос на моето работно искуство, 16 години работев во оваа компанија која во 2008 година стана дел од „Еврохолд Групацијата“ и беше ребрендирана во „Евроинс Осигурување АД Скопје“.

Започнав така што една година бев приправник, па продолжив како референт за осигурување во секторот продажба. По неколку години станав заменик на директорот за продажба и на крајот стигнав до директор за продажба, функција што ја имав 10 години.

Во 2018 година отидов во брокерското друштво НОВ Осигурителен Брокер АД Скопје кај мојата драга долгогодишна извршна директорка Виолета Поп Василева, каде што продолжив да работам како директор за продажба. Тука ги проширив моите знаења, најпрво од директорката Виолета, од моите ценети соработници од осигурителните компании, како и од колегите од хрватскиот брокер „Фортиус“, чии застапници сме во нашата земја.

Како директор за продажба цел ми е да постои хармонична работна атмосфера помеѓу вработените каде што постои професионална тимска работа за да се завршуваат задачите навреме, со една цел нашите клиенти да бидат услужени квалитетно и навреме.

МАРИЛИ: Многу години сте рамо до рамо со госпоѓа Виолета Поп Василева во однос на стекнувањето искуства во осигурителниот бизнис и нејзина силна поддршка во брокерското друштво НОБ. Во што е спецификата на работењето на ова брокерско друштво во однос на другите осигурителни компании?

НОНЕВСКА: Како што споменав, госпоѓа Виолета Поп Василева ја познавав од претходно, многу години, а од неа научив за продажбата во осигурувањето, како и за оштетните побарувања од нашите клиенти. Откако дојдов во брокерското друштво, кое се ребрендираше во јануари 2022 година во НОБ Независен Осигурителен Брокер АД Скопје, до ден-денес се трудам да ѝ бидам достојна замена на директорката Виолета во моментите кога не е присутна во друштвото, да биде спокојна дека сите обврски ќе бидат навреме завршени.

Со моето доаѓање во брокерското друштво, тоа започна со учество како овластен брокер на јавните претпријатија што учествуваа во јавни набавки. Со нашата стручност и професионализам докажавме дека максимално се грижиме за сите нив и тоа е причината што имаме клиенти што веќе со години веруваат во нас.

МАРИЛИ: Освен стручноста, кои квалитети треба да се поседуваат за да се менаџира добро продажбата и кое е Вашето мото што Ве води во работата? 

НОНЕВСКА: Покрај стручноста, за да бидеш добар менаџер, пред сѐ, треба да имаш почитување од колегите, а за да го добиеш тоа треба да знаеш како ефикасно да се однесуваш со нив.

Во менаџирањето најпрво треба да се планираат обврските, да се организираат и екипираат со наши 20 вработени, со кои располага брокерското друштво, како во нашата дирекција во Скопје, така и во нашите продажни места во населба Драчево во Скопје, Прилеп, Делчево, Алдинци, Тетово, граничен премин Богородица-Гевгелија и да се знае што е итно и која обврска е приоритет.

Вештиот менаџер умее да го препознае проблемот пред да стане очигледен за да може да се отстрани навреме.

Важна е благодарноста кон моите колеги за постигнатите резултати, на секој посебно треба да му се признаат заслугите за успешно завршената задача. Јасно е дека добрата комуникација е од особено значење и затоа треба да сме јасни и прецизни.

Јас сакам да развијам тим што секогаш ќе ми помага во достигнувањето на моите планови и визии.

Со развојот на слободниот пазар конкуренцијата е сѐ поголема и поостра, а тоа создава поголеми обврски за еден директор. Поради таквото работење на пазарот нашето брокерско друштво за осигурување мора континуирано да се развива и приспособува за да се опстане на осигурителниот пазар.

За да бидеме конкурентни, главен ресурс, пред сѐ, се знаењето и иновативноста што претставуваат клуч за постигнување конкурентска предност на пазарот.

Планирам и понатаму да продолжиме со исто темпо, да вложуваме во развојот на нашите вработени и добрите односи, како со нашите соработници, така и со нашите клиенти, со цел да се задржи квалитетот на нашето работење.


Статијата е прочитана 1453 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско