„Златна арена“ за Никола Ристановски на фестивалот во Пула

На првенецот на Македонскиот народен театар, Никола Ристановски, на престижниот Филмски фестивал во Пула му беше врачена престижната награда „Златна арена“ за споредна машка улога во филмот „Меѓу боговите“ во режија на Вук Ршумовиќ. За истиот филм со „Златна арена“ за главна женска улога се закити и неговата партнерка во филмот, Ферештех Хосеини.
Како што изјави Ристановски за време на работата на филмот, сценариото на Ршумовиќ е прекрасно, а работата на него била специфична, и покрај тоа што му биле дадени 40 дена за да се подготви. Куриозитет е што во филмот нашиот актер зборува на фарси (персиски), за што исклучително напорно се подготвувал, бидејќи во филмот игра преведувач за бегалците од Истокот.
Големата Златна арена за најдобар филм, во главната конкуренција за хрватски филм, ја доби „Миротворец“ на Иван Рамљак.
Премиерата на „Меѓу боговите“ беше лани на Филмскиот фестивал во Сараево. Во Македонија, ќе игра на 4. издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ од 7 до 12 август во Дојран.
Фото: Pula Film Festival
Статијата е прочитана 69 пати.