Промоција на „Rock N` Beat“ - првата книга на рок-критичарот Михајло Грбевски-Мишко

Книгата со наслов „Rock N` Beat“, на авторот Михајло Грбевски-Мишко, ќе биде промовирана в петок на 18 јули, со почеток во 12.00 часот. Промоцијата ќе се одвива под отворено небо, на платото пред музичкиот салон „До Ре Ми“, кој е во рамките на Младинскиот културен центар во Скопје. Ова е дел од настаните од културната манифестација „Скопско лето“.

Оваа публикација на музичкиот новинар Михајло Грбевски-Мишко, содржи 48 интервјуа, што тој ги правеше во изминативе 18 години, додека активно работеше како новинар во различни македонски медиуми, како што се неделникот „Екран“, дневниот весник „Време“ и неговиот неделен прилог „Ритам“, како и во весникот „Нова Македонија“. Инаку, освен како музички рок-критичар, Мишко е познат и како организатор на фестивалот за „Рок Фест“, кој за жал веќе неколку години не се одржува, но според најавите, може повторно да се реобнови.

„Книгата e мој прв пубицистички обид, кој верувам дека ќе биде добро прифатен од страна на стие кои се занимаваат со музика, со музичко новинарство, но и од сите луѓе што се интересира за рок-музика. Сакам „Rock N` Beat“ да допре до секој дом, до секој човек што има барем некаква допирна точка со рокенролот“ - вели Михајло Грбевски-Мишко.

Промоцијата на книгата ќе биде збогатена и со куса музичка програма со настапот на Јаков Дренковски, кој ќе отсвири некои од неговите најголеми хитови, но ќе вметне и неколку песни од светската музичка сцена.

Книгата „Rock N Beat“ е поделена на четири поглавја: Рок-пролет, Вечен Бунтовник, Валкан Балкан и Звукот на подземјето. Во првиот дел се вклучени музичари од постарата генерација, кои практично го трасираат патот на македонската рок сцена, како Армен Сурмејан, Гарабет Тавитјан, Влатко Стефановски, Горан Трајковски...

Делот Вечен бунтовник, вклучива интервјуа со светски музички ѕвезди од калибарот на Рони Ротен од групата Sex Pistols, потоа Јан Гилан од Deep Purple, Дејвид Ковердејл од Whitesnake, Били Гибонс од „ZZ Top“, џез гитаристот Ал ди Меола и многу други. Интервјуата со музичарите од нашето блиско соседство може да се прочитаат во делот Валкан Балкан. Тука се Душан Којиќ-Која од „Дисциплина кичме“, Зоран Предин од „Лачни Франц“, Милан Фрас од „Лајбах“, Давор Гобац од „Психомодо поп“ и други.

Послениот дел Звукот на подземјето е резервиран за македонските андерграунд бендови како „ТБ Трачери“, „Културно Уметнички Работници“, „Суперхикс“, „Санаториум“, „Смат“, „Верка“. Но освен рокерите тука има и рапери и џезери како што се „Чиста околина“ и Владан Дробицки од џез-составот „Сетстат“.

 

 

Фото: Димитар Петровски


Статијата е прочитана 266 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско