Академскиот вајар Никола Смилков со самостојни изложби успешно чекори на интернационалната сцена
Интервју со д-р Никола Смилков, академски вајар и редовен професор по методика на ликовното образование и вајарство на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Непосреден повод за интервјуто е најновата самостојна изложба на проф. д-р Смилков која се одржа на 18-ти октомври во Офицерскиот дом во Битола, но исто така проф. Смилков зборува и за најважните настани кои ја одбележаа годинава, кои се плановите до крајот на годината, за професорската работа, за идните проекти и за неговата вечна инспирација.
Проф.Смилков е автор на статуeтката „Жена водилка“ која им се доделува на лауреaтките на регионалната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Непосреден повод за интервјуто е Вашата најнова самостојна изложба „Фигурации“ во Офицерскиот дом во Битола. Како поминавте и какви се вашите импресии? За каква изложба станува збор и како реагираше публиката? Дали со изложбата ќе гостувате и надвор од границите на државата?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Благодарам за поканата. Ова е мое прво интервју по најновата самостојна изложба и со големо задоволство сакам да ги споделам моите импресии за ова, и мое последно претставување во 2024 година, кое претставува своевидно финале на уште една успешна година.
Изложбата се одржа во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола, еден извонреден изложбен простор, кој дише со префинетост и елеганција.
Токму затоа го избрав, бидејќи почувствував дека тука одлично ќе се вклопат делата кои се дел од мојот циклус на тема Емоции.
Темата на изложбата е Фигурации, претставена со 18 скулптури, изработени во мермер и во бронза. Со овој избор на скулптури, прикажана е женската фигураво различни емотивни движења, заедно со избор од неколку женски фигурации од новиот циклусна кој работам, кој повторно е поврзан со емоциите, а го нареков Емотивни патувања, кој во целост е планиран да биде презентиран следната година, на повеќето самостојни изложби кои ги планирам.
Од изложбата имам исклучителни, позитивни импресии од причина што не само што добив позитивни критики од познавачи на уметноста, особено во врска со синергијата на скуптурите и просторот, туку и од целиот настан, кој беше одлично организиран од Културно-информативниот центар во Битола и поддржан од Министерството за култура.
Уште повеќе ме воодушеви големата посетеност на изложбата. Присутни беа колеги-уметници, но уште повеќе, бројни љубители на уметноста од сите возрасти, што уште еднаш ми ја потврди големата почит што битолчани ја имаат кон ликовниот израз и уметноста, воопшто. На мое лично задоволство, имаше публика од Прилеп, и од Скопје, луѓе кои дојдоа специјално за отворањето на изложбата.
МАРИЛИ: Кои се вашите најзначајни настани и гостувања кои ја одбележаа оваа година?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Оваа година, како и претходните, мојата творечката работа не намали со интензитет, а еднакво и ликовните претставувања.
Имав неколку домашни и меѓународни претставувања на групни изложби, а неодамна, и поставување на монументална скулптура во центарот на Штип, мојот роден град, за што имам посебни емоции.
Од групните изложби, би ги издвоил групната изложба „Зимски салон“организирана од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), на која беа претставени одлични ликовни дела од македонски ликовни уметници во националната галерија Чифте амам, потоа претставувањето на Шестото меѓународно биенале на акт „Марко Крстов Греговиќ“ во Петровац, Р. Црна Гора во организација на Музеј и галерија - Будва, каде пред неколку години освоив „Гран при“ и прва награда за скулптура.
Тука ќе го спомнам и учеството на Фестивалот на светлината, „Zasjače palace“во Котор, Р. Црна Гора, како еден необичен формат на изложување на уметнични дела, каде уметнички фотографии на делата се претставуваат на средновековните фасади на градбите во центарот на Котор. Се претставив и на меѓународната групна изложба организирана од Културен центар од Нови Сад и комплексот Краљеви Чардаци во Копаоник, Србија.
Претставувањето на групната меѓународна изложба под наслов „Beyond borders“ во Европскиот музеј на модерна уметност во Барселона, Шпанија беше исто така извонредно изненадување и убаво искуство, поради строгата селекција на дела од европски уметници, меѓу кои беше и мојата скулптура. Во галеријата Victor Gallery во Њујорк, оваа година исто така беа изложени мои скулптури.
Непосредно пред самостојната изложба во Битола, беше откриена монументалната скулптура „Зашиени емоции“ изработена во мермер и бронза,во централното подрачје во Штип, т.е во паркот пред училиштето Ванчо Прке, со поддршка и организација на здружението „Гласен текстилец“ од Штип. Оваа скулптура беше поставена во чест на текстилните работници од нашиот град. Иако не е фигурација, оваа скулптура изобилува со емоции. Таа претставува стилизирана флуидна ткаенина изработена во бел мермер-сивец, прободена со бронзена игла со златна патина, која асоцира на шиење на платно, на креативност и истрајност.
МАРИЛИ: Не може а да не се забележи дека жената зазема централно место во Вашето творештво? Исто така, вие сте и идеен творец на статуетката „Жена водилка“ која агенција „Марили“ ја доделува на најуспешните жени менаџери. Дали емоциите, нежноста и убавината на жената се несцрпна инспирација и за вашите вајарски дела?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Емоцијата е двигател на секоја креација. Инспирацијата и поттикот за работа во моето творештво доаѓа од жената, од нејзината моќ за трансформација.
Жената впрочем, е и вечна инспирација низ историјата на уметноста, како симбол за носител на животот, на љубовта, убавината, привлечноста, хармонијата, способноста да ги надмине тешкотиите, да го создаде и одржи семејството; симбол на рамнотежата, правдата, истрајноста.
Мојата долгогодишна работа, анализа и ликовно толкување на жената и нејзините емоции како централна тема во моите скулптури, ја роди идејата и скицата за статуетката „Жена водилка“.
На статуетката е претставена жена, со подигната рака со факел со пламен, кој ја претставува моќта, топлината, светлината и издржливоста. Огнот што таа го држи го осветлува патот напред, симболизирајќи го излезот од темнината.
Огнот е симбол на исконскиот горечки порив за жената за трансформација, а жената која го носи, со него демонстрира моќ, сила, знаење, но и топлина, и заштита. Ми претставува особена гордост што сум автор на ваква статуетка, бидејќи симболиката која ја претставува е во целост својствена за жените менаџерки на кои им се доделува.
МАРИЛИ: Покрај тоа што сте академски вајар, Вие сте универзитетски професор? Колку работата со студенти и желбата да им го пренесете знаењето Ве исполнува? Колку е важно за младите да имаат ментор кој ги инспирира, охрабрува и поддржува во остварувањетона соништата? Како Ве доживуваат студентите?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Работам како редовен професор на Факулетот за образовни науки на Универзитетот„Гоце Делчев“во Штип, каде предавам на група предмети од Ликовно образование и воспитание.
Задоволството од педагошката работа е посебно, необјасниво, затоа што имам уникатна можност да им пренесам знаење, желба за уметност и почит кон уметноста на идните генерации, затоа што денешните студенти сеидните наставници и воспитувачи кои ќе бидат задолжени за поставување на темелите на образованието и воспитанието и културата на децата од предучилишна возраст и во основното образование. Се надевам дека и моите студенти ја разбираат и ја препознаваат оваа моја мисија и ова мое залагање.
МАРИЛИ: Дали вашето искуство потврдува дека таленот, големата посветеност и работа ги отвораат портите кон успехот, не само во татковината, туку и во меѓународни рамки?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Континуираните залагања и работа, фокусирањето на работата која ја сакате и искрениот однос кон себе и кон публиката, љубовта кон работата и истрајноста се дел од формулата за успех, и иако мора да постои талент, истиот не е ништо без работа.
Успехот на меѓународен план, каде што патот е подолг и потежок, сепак е достижен, но со големи себевложувања и континуитет во претставувањето на меѓународната сцена.
Ова е од причина што меѓународната сцена бара константа присутност, константна инвентивност и креативност, затоа што конкуренцијата е навистина голема.
МАРИЛИ: Кои се плановите за 2025 година? Дали има на повидок нови изложби, гостувања во земјава и надвор?
ПРОФ. Д-Р СМИЛКОВ: Планот за моите активности следната година полека се оформува.
Добив неколку покани од реномирани галерии во странство за да ги претставам моите дела на самостојни изложби, што е поттик повеќе, но и одговорност да се создадат дела кои што подобро ќе го репрезентираат моето творештво, но и нашата земја.
Како и претходно, и оваа година нема да ги изоставам конкурсите на традиционалнитемеѓународниизложби во Европа и на Балканот, а секако ќе се трудам да бидам присутен и на домашните изложби, особено оние во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, каде сум активен член.
Статијата е прочитана 374 пати.