„Прилепска Пиварница“ - 100 години синоним за истрајност, континуитет и квалитет
Интервју со Панде Самарџиоска, заменик генерален директор на „Прилепска пиварница“ од Прилеп, во кое говори за тоа што значи обврската да се води компанија со 100-годишна традиција со која може да се пофалат многу малку компании во нашата земја. Како се создаваше брендот „Златен Даб“ чијшто еден од креаторите е и самата Самарџиоска која е врвен технолог. Зборува и за современите технологии кои ги користи компанијата во креирањето на производите, за заштитата на животната средина и еко проектите што ги поддржува компанијата. Заменик генералната директорка Самарџиоска, испраќа и порака до младите, зошто треба да останат да работат во татковината и да ја градат домашната економија....
МАРИЛИ: Госпоѓа Самарџиоска, што значи да се води компанија со 100-годишна традиција? Каква е обврската кон минатото, но и кон сегашноста, во однос на задржувањето на добриот имиџ на брендовите, како и грижата за вработените во актуелното економско опкружување?
САМАРЏИОСКА: Да се биде современик во кој било од процесите во една компанија, која успешно опстанала во период од еден век, е посебна реткост, оттука и голема чест. Верувам дека на прстите од рацете може да се набројат такви компании и брендови во нашата земја, кои одговориле на предизвиците на времето, општествените контексти и потребите на потрошувачите во толкав голем период.
Од идејата на двајца браќа, печалбари во Америка, да купат земја од турски земјопоседник и да изградат мануфактурна пиварница, низ потресите од големите економски кризи и Втората светска војна, последователната национализација, трансформацијата во завиден индустриски капацитет благодарение на новиот универзитетски образовен кадар, процесите на приватизација во изменетото општествено уредување и етаблирањето во рамките на новата самостојна држава како модерен индустриски капацитет со најсовремени, автоматизирани технолошки процеси, најблаго речено, е импозантно и за почит.
Почит кон стотиците што го вткајувале својот работен век со дела, знаење, посветеност и одговорност во развојот на оваа компанија. Во речиси една третина од нејзиното постоење и лично сум го вложила своето професионално дејствување на различни работни позиции и активен сведок сум на нејзината трансформација во модерен, современ и респектабилен ентитет во нашата земја и надвор од неа.
Имајќи го предвид овој континуиран вековен влог на плејада врвни професионалци и, особено влогот на Кирил Самарџиоски, нашиот родител, кој најголем дел од својот живот беспоштедно им го посвети на опстанокот и развојот на оваа фирма, раководењето во сегашноста за мене и мојот брат, Сашко Самарџиоски, е траен залог кон минатото и фундаментален поттик за нови. следни дострели во сите сегменти на дејствување на компанијата. Вредна, обврзувачка и инспиративна одговорност за нас, кои сме на чело на компанијата од 2007 година, е да ги потврдиме континуитетот, стабилноста, развојната компонента, имиџот на фирмата и производите, одговарајќи на потребите и задоволството на вработените, потрошувачите, консументите, институциите и животната средина.
МАРИЛИ: Како врвен технолог, еден од креаторите на висококвалитетното домашно пиво „Златен Даб“, што е потешко, да се произведе еден производ или да им се пласира на потрошувачите и да им стане омилен бренд?
САМАРЏИОСКА: „Златен Даб“ е мој миленик. Се роди во екот на технолошкиот „бум“ во фирмата, со инсталирањето на најсовремената опрема од врвни светски производители (GEA, Krones...) што овозможи автоматизација, а со тоа и стандардизација на технолошките процеси. Таа овозможи широки можности за воведување на најсовремените научни и технолошки достигнувања во областа на пиварството за кои универзитетски сум се образувала и постојано се надградувам на низа европски конгреси (EBC-European Beer Conventions), саеми, литература и соработки.
Воведувајќи прецизно и детално фина, деликатна и суптилна технологија за производство на пивски квасец и пиво, употребувајќи висококвалитетни и стандардни суровини и воведувајќи модерен дизајн на амбалажа, „Златен Даб“ си отвори светла и стабилна иднина. Се претстави на пазарот еден ден пред раѓањето на мојата втора ќерка, така што нема да му го заборавам роденденот! Се разбира, ова е една убава приказна за создавањето на еден квалитетен производ. Но создавањето и градењето на еден бренд, кој стана префериран избор на младите, авангардните, модерните и претендира да го одржи и проширува таргетот на консументи, е постојан, одговорен, посветен, креативен и иновативен ангажман не само на реализаторите на производните процеси туку особено на армијата вработени во областа на маркетингот, логистиката и продажбата.
Така што, нема ниту полесно ниту потешко! Секој сегмент во синџирот на активности и процеси, за „Златен Даб“ да биде избор и да ги задоволи потребите и очекувањата на консументите, е еднакво енормно важен. Во денешно време на слободни и висококомпетитивни пазари, предизвиците и борбата се постојани!
МАРИЛИ: Колку „Прилепска Пиварница“ ги следи современите процеси на модернизација на опремата, но и во делот на автоматизацијата и дигитализацијата во областа на човечките ресурси?
САМАРЏИОСКА: Веќе претходно говорев за модернизацијата и автоматизацијата на опремата со која се произведуваат производите во „Прилепска Пиварница“ и овде само ќе истакнам дека фирмата е во континуиран инвестициски циклус на осовременување и модернизација на процесите и производите, со што ги гарантира безбедноста и квалитетот на своите производи и наедно ги подобрува своите перформанси, ефикасноста и ефективноста.
Кога велам модернизација на процесите, не мислам само на технолошките процеси туку на сите други процеси преку дигитализација во сите сегменти на дејствување, на сите организациски нивоа.
Се грижиме за вработените и за нивното континуирано усовршување, усвојување нови знаења и компетенции и го поттикнуваме нивниот континуиран личен развој.
МАРИЛИ: Кои се визијата и целите на „Прилепска Пиварница“ по вековниот јубилеј?
САМАРЏИОСКА: Стратегиски цели на компанијата се да го продолжи својот зацртан развоен пат преку збогатување на своето производно и продажно портфолио и да го зацврсти и прошири својот извозен потенцијал, постојано унапредувајќи ги односите со сите заинтересирани страни, креирајќи партнерски однос и квалитетна соработка заради заедничко задоволство и постигнување долгорочен прогрес, почитувајќи ги етичките и правните начела.
Грижата за своите вработени и исполнувањето на барањата и задоволството на потрошувачите и консументите останува да биде постојан приоритет на компанијата. Без мегаломанија и распламтени апетити, фокусирано и одговорно да чекори по својот етаблиран развоен пат, зачувувајќи ги својот интегритет и реноме на препознаена и ценета општествено одговорна компанија.
МАРИЛИ: Како компанијата се грижи за здрава животна средина, со оглед дека сте голем производствен капацитет и колку ги поддржувате екопроектите во Вашиот регион?
САМАРЏИОСКА: Континуирано инвестирајќи во производна опрема од светски реномирани производители, пиварницата едновремено вложува во современи зелени технологии. На пример, уште пред повеќе од десетина години процесот на филтрација го осовремени со таканаречената „kiselgur free“ технологија, со која филтрацијата на пивото не се врши со помошни филтрациски и стабилизациони средства што дополнително би се исфрлале како отпад, туку се изведува со мембранската технологија „ecology friendly“.
Пред две години направивме значителен прогрес на патот на зелената трансформација, работејќи интензивно на подобрување на нашата енергетска ефикасност, реализирајќи голем проект со поставување фотоволтаици на целата расположлива кровна површина, со што ја користиме сончевата енергија за производство на 38 % од нашите потреби за електрична енергија.
Исто така, компанијата инвестираше и во опрема за мерење и мониторинг на потрошувачката на електрична енергија, со што се очекува дополнително подобрување во енергетската ефикасност. Но не само во однос на користењето енергија од обновливи извори, грижата за животната средина е и преку рационалното користење на водата како ресурс и намалување на употребеното количество вода по единица производ, така што во 2023 година заштедена е количина од 34.000 м3 во однос на 2022 година. Минатата година воведен е проект за намалување на грамажата на пластичните шишиња, со што значително ќе се намалува пластичниот отпад.
Независно од проектите, веќе со години компанијата има своја детална програма за контролирано управување со отпадот од сите видови (стакло, пластика, лим, масти и масла, електронски отпад) и исполнување на националните цели за рециклирање отпад, преку колективен постапувач со отпад од пакување. Како општествено одговорна фирма, таа е редовен поддржувач и на екопроектите во нашата средина. Минатата година имавме проект за подигнување на свеста кај младите „Trash for art“, во кој тие изработуваа уметнички дела од амбалажен отпад.
МАРИЛИ: Како успешен менаџер, што ќе им порачате на младите генерации, зошто треба да останат во татковината и да ја градат домашната економија?
САМАРЏИОСКА: Веќе со години трендот на иселување на младите генерации во потрага по пошироки перспективи и поголеми можности за свој личен развој и поуредени општествени услови е евидентен и на долги патеки загрижувачки.
Тажно е што го губиме нашиот најработоспособен и, генерално, најобразуван и перспективен потенцијал, без стратегиски, долгорочни дејствувања во сите сегменти на целокупното општествено уредување, со кои би го забавиле овој бран на иселување. Во земјата има многу светли примери на модерни компании што континуирано вложуваат во својот техничко-технолошки развој и човечки потенцијал, во кои младите би можеле професионално да се пронајдат себеси и да го реализираат својот личен развој, наедно и за благосостојбата на фирмите и општеството во целина.
Во современоста на слободен проток на луѓе и стоки, забрзан трансфер на знаења и информации, би сакала да ги вложат својата младешка храброст, снага, иницијатива, креативност, капацитет и наместо својот образовен капитал стекнат овде да го носат надвор од земјата, дури и да појдат во светот да се дообразуваат и да впијат глобални искуства, да се вратат назад и себеси да се реализираат во татковината! Зашто има каде! А за тоа дека има „зошто“ знаат и самите!
Статијата е прочитана 5634 пати.