„Технолаб“ – 24 години лидери во унапредување на квалитетот на животната средина, и заштита и безбедност при работа

Интервју со Магдалена Трајковска Трпевска, основач и генерален менаџер на „Технолаб“ ДОО Скопје, во кое говори за 24-годишната успешна работа на компанијата да даде придонес во утврдување на професионалната и на интелектуалната свест за неопходноста од оптимален квалитет на животната средина и безбедна работна средина. Трајковска Трповска зборува за лабораторијата на „Технолаб“ која е прва акредитирана лабораторија во Македонија и вклучува дури 92 акредитирани методи за испитување на воздух, вода, почва, работна средина и отпад. Освен лабораторијата, во состав на „Технолаб“ функционираат и секторот за консалтинг во животна средина, секторот за консалтинг во областа на безбедност при работа и едукативниот тренинг центар.

МАРИЛИ: „Технолаб е една од првите приватни лаборатории со речиси 2,5 децениско искуство во делот на заштита на животна средина и безбедност и здравје при работа. Накусо, наведете ги сите дејности со кои се занимавате?

ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА: Лабораторијата на „Технолаб“ е само еден од секторите во рамките на компанијата Технолаб која е формирана во 2000 година со цел да биде поддршка на македонската економија во насока на исполнување на стандардите за квалитет во областите на заштита на животната средина и безбедноста при работа. 

Точно е дека лабораторијата на „Технолаб“ е првата македонска акредитирана лабораторија за испитување на животната и работната средина согласно меѓународниот стандард за акредитација на лаборатории за тестирање ISO 17025. Денес опсегот на акредитирани методи во лабораторијата на Технолаб вклучува вкупно 92 акредитирани методи за испитување на воздух, вода, почва, работна средина и отпад. Освен лабораторијата, во состав на Технолаб функционираат и секторот за консалтинг во животна средина, секторот за консалтинг во областа на безбедност при работа и едукативниот тренинг центар.

Технолаб нуди комплетни услуги во делот на заштита на животната средина преку изработка на Студиии за влијание врз животната средина, Стратегиски оценки на влијание врз животната средина, Апликации за А и Б еколошки дозволи, Интегрирани катастри на животната средина, Елаборати и студии за испитување на загадувањето на воздухот, Елаборати за заштита на животната средина, Мониторинг на медиумите во животната средина ( воздух, вода, почва и отпад) со сопствена акредитирана лабораторија за тестирање, Стручни и научни проекти од областа на заштита на животната средина, Планови и програми за управување со отпад и др.

Во делот на безбедноста при работа согласно овластувањето од Министерството за транспорт и врски, Технолаб ги нуди следните услуги: Проценка на ризик на работни места со Изјава за безбедност, Обука на вработените за безбедност и заштита при работа, Тестирање и контрола на опрема за работа,  Мерења и анализи на услови во работна средина, тестирање на заштитно заземјување на електрична инсталација, Проекти, елаборати и планови за безбедност при работа. Едукативниот тренинг центар спроведува обуки како од областа на животната средина и безбедноста при работа, така и од областа на стандардите за лабораториски испитувања.

МАРИЛИ: Вашата дејност е насочена кон индустриски капацитети. Наведете ги најзначајните компании кои се дел од Вашето работно портфолио и дали соработувате со странските инвеститори во нашата држава?

ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА:Индустријата како значаен дел од националната економија е корисник на услугите кои ги нуди Технолаб, но сите компании со кои во изминативе 25 години сме оствариле соработка се еднакво значајни за нас.

Наша заложба е на македонските компании согласно нивните потреби и барања да им понудиме достапни услуги преку кои ќе ги исполнат нивните законските обврски кои произлегуваат од законската регулатива за заштита на животната средина и заштитата при работа.  

Притоа, во нашата комуникација со корисниците на нашите услуги секогаш потенцираме дека законската регулатива го дефинира минимумот, но со заедничка соработка секогаш може пропишаниот минимум да се надмине што ќе придонесе до поголем бенифит за сите нас.

Сепак, сите сме дел од она што не опкружува како во животната средина така и во работниот простор.

Во изминатиов период сме реализирале успешна соработка со странски инвеститори на проекти во нашата земја од кои дел се веќе реализирани, а реализацијата на дел од нив е во тек.

Нашата професионалност и компетентност при извршувањето на услугите кои ги нудиме се препознаени како од националните компании така и од странските компании кои инвестираат во проекти во нашата земја.

МАРИЛИ: Колку континуираното инвестирање во софистицирана опрема и современа технологија е важно за следење на сите трендови во вашето делување?

Развојната стратегија на Технолаб се базира на принципот на развој на ресурси – компетентен персонал и опрема согласно меѓународно прифатените стандарди.

Специфичноста на услугите кои Технолаб ги нуди особено во делот на теренски и аналитички тестирања на примероци од медиумите на животната средина подразбира користење на софистицирана опрема управувана од компетентен персонал.

Брзото темпо на развојот на технологијата неминовно не става во позиција постојано да инвестираме во нова опрема и нови технолошки решенија применливи во нашата дејност.

Користењето на дигиталните решенија повеќе не е равојна цел туку неизбежна реалност.

Како и за останатите чинители во стопанството и за нас е предзвик интегрирањето на дигиталните технологии во процесите врз кои се базира нашето делување како и надградбата на персоналните компетенции за користење на дигиталните решенија.   

МАРИЛИ: Колку е важна едукацијата и усвојувањето на нови знаења и вештини за напредокот на вработените и компатибилноста со современите барања од аспект на екологија и заштита на животна средина?

ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА: Инвестициите во личната и колективната едукација се неопходни за достигнување  професионална успешност. Интердисциплинарниот пристап во областа на заштитата на животна средина задолжително бара знаења, искуства и компетенции од повеќе природни и технички науки.

Знаењата, персоналниот потенцијал, работните вештини и компетенции на тимот во целина е клучен предуслов за обезбедување на квалитетни услуги во областите не делување на Технолаб. Овие тимски атрибути се достигнуваат единствено преку  континуирана едукација и посветеност.

МАРИЛИ: Какви се вашите согледувања од работата на терен, дали и колку нашите компании и индустриските капацитети ги следат и ги имплементираат стандардите за заштита на животна средина?

ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА: Меѓународните стандарди за заштита на животната средина се целосно транспонирани во нашето национално законодавство. Во согласност со овие стандарди индустриските капацитети својата дејност ја извршуваат согласно издадените А или Б интегрирани еколошки дозволи или елаборати за заштита на животната средина во кои составен дел се плановите за мониторинг на влијанијата на инсталацијата врз животната средина. Контрола на усогласеноста на работата на инсталациите со барањата пропишани во интегрираните еколошки дозволи и елаборатите за заштита на животната средина врши инспекторатот за животна средина. Лабораторијата за испитување за животната средина во состав на „Технолаб“ како акредитирана лабораторија за тестирање и испитување на медиумите на животната средина согласно ISO 17025 нуди услуга за компаниите во делот на спроведување на пропишаниот мониторинг.

Во рамките на нашата работа на терен на корисниците на нашите услуги советодавно им помагаме во однос на исполнување на потребните технички барања од стандардот ISO 17025 за спроведување на мерења и тестирања особено за обезбедување на соодветни и пристапни од аспект на безбедност мерни места за мерење на емисии на загадувачки супстанции од испусите на индустриските инсталации.

МАРИЛИ: Вие сте долги години успешен менаџер каде главен клиент е индустријата, каде доминираат мажите. Дали секогаш се чувствувавте рамноправно во градењето на кариерата?

ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА: Рамноправноста секој ја перципира од различен аспект па затоа оценката за рамноправност секогаш е субјективна.

Во градењето на личната и бизнис кариера покорисно е да се биде објективен.

Објективно, во градењето на мојата професионална кариера лично не сум почувствувала нерамноправност, можеби затоа што секогаш сум го пронаоѓала својот пат со достоен респект кон соговорникот од другата страна, без разлика дали е жена или маж. 

МАРИЛИ: Што ја исполнува и релаксира Магдалена Трајковска Трпевска? Што Ве инспирира и Ве води напред?

ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА: Вистински благослов е да имате работа во која уживате. Јас ја имам таа среќа, навистина уживам во работните активности и тие се најважниот дел од мојот професионален живот. Кога станува збор за моето секојдневие надвор од Технолаб, мора да истакнам дека уживам да го поминувам остатокот од денот и викендите со моите најмили - сопругот и децата, зашто и покрај сите деловни успеси, сепак тие се моето најголемо богатство. Како воден хороскопски знак, многу ме релаксира престојот покрај море или езеро. Водата благопријатно делува на сите мои сетила, а пливањето ми е на врвот од листата на омилени рекреации.

Редовно одам на Чи гонг и Таи чи тренинзи, тоа е чувство кое не се опишува со едноставни зборови. Би можела да го опишам како некаков совршен склад со универзумот, каде што внатрешниот мир и спокој се на највиското можно ниво. Не смеам да ги заборавам и веселите дружби со драги пријателки и другарки, зашто со нив јас сум едноставно Магдалена, а нашите муабети течат со невидена леснотија и спонтаност.

Сакам да се „исклучам“ од секојдневните проблеми со добра книга и миризливо свежо подготвено кафе, тоа е еден од моите обожувани ритуали. Со еден збор, ме исполнува и релаксира се што ми нуди наплив на убава енергија, секогаш одново и одново.

Што ме инспирира и води напред? Вечно живата и млада љубов кон работата и семејството, кои се моите водачи во животот и ме „хранат“ со немерлива сила и мотивација за нови успеси од секаков вид. Мојата секогаш присутна желба за придонес во однос на здрава, безбедна и одржлива животна и работна средина е лајт-мотивот што ме тера секогаш да чекорам напред кон нови предизвици, да се борам, да не се предавам ниту кога пред мене се испречуваат планини од проблеми.

Технолаб е моето животно дело, кое растеше и се развиваше заедно со мене во текот на сиве овие години, поминувајќи низ безброј премрежја и пречки, успешно надминати со огромен напор и залагања. Имав и се уште имам задоволство и привилегија да работам со млади, перспективни луѓе, да ги подучувам, да им ги пренесувам моето знаење и искуство. Помислата дека учествувате во креирањето на подобра иднина во безбедна и одржлива животна средина е најголемата и најсилна инспирација, која, се надевам, уште долго време нема да пресуши во мене.


Статијата е прочитана 516 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско