Проф. д-р Јана Манева - Чупоска: Го живеам мотото „Уметноста е живот - животот уметност“
Интервју со ликовната уметница, проф. д-р Јана Манева – Чупоска, претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), редовен професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, автор на стручна литература и меѓународни трудови во научни зборници од областа на ликовната уметност и дизајн.
Еден од поводите за ова интервју е и претстојната самостојна ликовна изложба на проф. д-р Манева – Чупоска која ќе се одржи на 27 ноември, во Македонскиот културен центар во Истанбул, Р. Турција.
МАРИЛИ: Почитувана д-р Манева - Чупоска, еден од поводите за ова интервју е Вашата самостојна изложба во Истанбул. За каква изложба станува збор и какви се Вашите впечатоци?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: Изложбата во Истанбул е предвидена да се отвори втората половина на месец ноември во Македонскиот културен центар во Истанбул.
Овој центар е многу значен за претставувањето на македонската култура во Р. Турција. Јас ќе се претставам со изложба на триесеттина цртежи кој како циклус го започнав во Ковид пандемијата. Насловот на изложбата е „Љубовници во пандемија“ кој го започнав во пандемијата но ваквиот циклус го продолжив со надополнување и ликовно истражување за емотивната и социјална средина во која човекот денес живее.
Средина во која денес човекот целосно се отуѓува со изместени човечки вредности, барање на некаква слобода која не доведе до целосна анархија и непочитување би додала и на основните човекови начела на однесување во едно општество.
Истанбул е голем град, прекрасен град и многу значаен за нашата христијанска православна историја. Истанбул е нашиот византиски град, а Аја Софија наречена Црква на пресветата мудрост или Црква на божествената мудрост е изградена во тогашен Цариград, денешен Истанбул, во шестиот век од новата ера, под раководство на византискиот император Јустинијан I, како седиште на Цариградската патријаршија од 537 година, кога и започнала да се гради самата црква.
Чувството да се излага во овој прекрасен град со космополитски дух и крстосница на различни култури е навистина голем предизвик за мене како визуелен уметник. Изложбата е финансирана од страна на министерството за култура и туризам како проект од национален интерес за 2024 година.
МАРИЛИ: Вие сте и претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), едно од најстарите друштва од ваков вид на Балканот. Кои се вашите ингеренции во ДЛУМ и кои се идните планирани активности во периодот што следи и за 2025 година?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: На оваа позизција дојдов во 2022 година кога бев избрана на собранието на ДЛУМ како нова претседателка на ДЛУМ. Голема чест за мене е да застанам на чело на ова здружение кое е најстаро здружение каде за две години ќе го прославиме јубилејот осумдесет години постоење. ДЛУМ го основале бардовите на ликовната сцена во Македонија како што се: Личеноски, Мартиновски, Владимирски, Поповиќ-Цицо. Во 1945 година се отвора првата изложба на ДЛУМ каде се преземала и иницијатива и за отворање на средното уметничко училиште тогашно 2-ри Август, сегашно Лазар Личеноски. Цела една колективна ликовна меморија е содржано во самото здружение.
Многу генерации, многу значајни членови кои допринесуваат за развојот на ликовната творечка сцена кај нас. ДЛУМ е здружение со национален предзнак пред се.
Секако и одговорноста е голема да се биде на чело на вакво здружение и да да се продолжи со континуирано делување на самото друштво. Ја имам поддршката на членовите и колегите од раководните тела кои се дел од ДЛУМ како што се Управниот одбор и Уметничкиот совет на ДЛУМ.
Овие тела синхронизирано работат според нивните надлежности, трудејќи се да сите заедно одговориме на професионалните задачи и предизвици кои ДЛУМ ги има зацртано како цели.
Тоа се афирмација на македонската ликовна уметност, презентација надвор од Македонија, грижа за самите членови преку организација на многу изложби каде тие имаат можност да го презентираат своето актуелно творештво, контакт со други уметници како од земјата така и од надвор, креирање на професионална биографија со многуте каталози од самите изложби и слично.
ДЛУМ од оваа 2024 година се здоби со постојан дом каде министерството за култура ни додели простор кој е во официјална сопственост на ДЛУМ.
Сметам дека ваквиот чин на доделување е од огромно значење за нас уметниците челнови на ДЛУМ, па ако сакате и историски чин, бидејќи ДЛУМ после речиси осумдесет години постоење во 2024 година доби свој сопствен дом.
Ни престојат уште други активности поврзани со самата куќа и нашиот нов дом, а тоа е да се обезбедат средства за санација на просторот за да можеме конечно да се вселиме и официјално да функционираме од таа адреса, Илинденска бр.63.
МАРИЛИ: Вие сте редовен професор на Факултетот за Арт и Дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје. Колку долго постои овој факултет и каков е интересот за овој факултет?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: Предавам на факултетот за Арт и дизајн при Европскиот Универзитет речиси дваесет години, каде поминале многу генерации на студенти.
Секоја генерација е со различен сензибилитет и интерес и таа си носи свои карактеристики како генерација. Факултетот постои од 2006 година каде се започна со првата генерација на студенти. Во тоа време бројката на студенти беше многу поголема бидејќи од привантниот сектор овој факултет беше прв факултет кој се занима со дизајн. Се студира на три насоки: графички дизајн, моден дизајн и дизајн на ентериер.
Студиската програма е исполнета и со теоретски предмети како што се Историја на уемтност и дизајн. Студентите се здобиваат со диплома на прв и втор циклус на студии од споменатите насоки.
Професијата дизајнер е денес многу актуелна и потребна денес. Со оваа професија се отвораат многу можности како за развивање, истражување и стекнување на многу вештини, но се потребни и како кадар на пазарот на трудот како графички дизајнери, дизајнери за внатрешно уредување и модни дизајнери.
Професорот има голема одговорност како на пренесување на знаења така и во делот на соработка со студентите на едно професионално ниво каде резултатот е взаемно почитување и креирање на образовни политики на долг рок.
МАРИЛИ: Како универзитетски професор, поранешен ректор на ЕУРМ и декан во два мандата на факултетот за арт и дизајн, какви се вашите согледувања, дали имаме талентирани млади луѓе и каде е образованието денес по однос на критериумите за стекнато знаење и применливост на истото во пракса?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: Во однос на споменатите функции кои ги имав лично сметам дека се здобив со големо искуство како менаџерско така и искуство во кое имав огромна одговорност. Стекнав поголеми организациски вештини за што мислам дека многу ми помагаат во улога на работна позиција кога не сум на функција. Стекнав многу професионални контакти со кои одржувам контакти и ден денес. А за темата образование денес, навистина има многу да се зборува.
Образованието денес сметам дека е во сериозна криза од повеќе аспекти: Влијанието на политиката врз креирањето и спроведување на образовните политики, стандардизација на ваквите образовни политики, немање на критериуми за реализација на образовните политики, немање контрола на државата врз работењето на сите чинители, кои денес се декларираат за образовни субјекти кои вршат образовна дејност, селективен пристап односно задолжителен приемен испит за студенти во сите образовни институции, подигнување на свеста кај младите дека сите не треба да се запишуваат на Факултет. Моето искуство во високото образование допринесе за ваквиот став, колку и да звучи чудно.
Многу дипломирани млади луѓе се помалку или речиси воопшто не си ја познаваат доволно професијата која ја избрале, ниту пак знаат доволно да ги имплементираат своите знаења кои ги стекнале на факултетот. Голем е процентот денес на дипломирани студенти кои велат дека се дел од високото образование само поради желбата да се стекнат со диплома. Тие студиската програма ја конципираат површно, парцијално без поголемо темелно навлегување во пристапот на учење.
Тука се поставува прашањето како тие студенти денес во толкав број, стигнале така лесно и брзо до добивање на таа диплома? Мислам дека одговорноста најмногу ја има државата и министерството за образование кое треба да има максимална контрола, министерство за образование да биде центарот за креирање на образовни политики и стандарди со висок критериум.
Како беше порано, кој не може да студира се запишуваше на занает и тоа беше многу правилен пристап. И повторно велам дека, не секој млад човек треба да студира, немаат сите капацитет за студирање.
Затоа речиси замреа сите занаети кои според мене се многу важни за стопанскиот развој на мали бизниси и одржување на колективна традиција на занаети кои во нашата земја Македонија ги имаше многу во други дамнешни времиња.
МАРИЛИ: Вие сте истакната македонска ликовна уметница со богат опус. Накусо, наведете ги најзначајните моменти од вашето творештво, самостојни и групни изложби, видео арт и работата како мултимедијален уметник?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: Јас сум човек кој си ја сака својата професија. Сум вложила многу труд, знаења и жрвти за да бидам тоа што сум денес. Лично себеси се доживувам како жена кој разбрала дека нештата не доаѓаат така лесно. Све што сум направила, создала, креирала било со многу труд и големи ризици.
Според мене не постои друг начин ако сакаме да говориме за минат труд и професионалност. Интересот во уметноста во моето творештво се базира врз различни ликовни практики што ме карактеризира како мултимедијален визуелен уметник. Гледано од денешен аспект, ваквата интердисциплинарност претставува огромно креативно поле за вмрежување на повеќе и различни пристапи во уметноста.
Во 2022 година имав ретроспективна изложба во Националната галерија Мала станица каде пред македонската јавност претставив голем број на експонати и дела кои сум ги работела во различни временски периоди, еден развој на моето творештво започнувајќи од студентските денови, периодот по завршувањето на факултетот за ликовни уметности во Скопје, периодот на постдипломските студии во Скопје и во Прага. Докторските студии кои пак придонесоа за создавање на творештво кое директно беше под влијание на моите истражувања од областа на македонскиот фолклор. Творештво кое сум го создавала во многуте патувања кои сум ги имала.
Севкупно, за мене беше голем предизвик да го подредам, сублимирам хронолошки и претставам во периоди целото мое творештво и да го поставам пред македонската ликовна публика.
МАРИЛИ: Што претставува за Вас поканата од францускиот универзитет „Сорбона“ да бидете дел од трите тома енциклопедии во кои се претставени врвните светски жени уметници и да сте дел од други форми за промоција на културата на светско ниво?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: Голема чест и мотив беше за мене да бидам дел од трите тома на енциклопедии посветени на најзначајните жени уметнички во организација на кураторката и историчарка на уметност од Париз, г-ѓа Камиј Морино, која воедно во 2014 година ја креирала и дигиталната платформа наречена Aware каде и тука сум дел од оваа значајна платформа.
Овие три тома на енцикопледии, претставуваат огромен истражувачки опус на ликовните творештва на многу жени уметнички од цел свет, кои со својот специфичен ликовен и дизајнерски потпис, преку нивното творештво, придонеле и дале свој забележителен креативен импут на ликовната и дизајнерската сцена на глобално ниво.
Изданието е во соработка со францускиот Универзитет Сорбона од Париз. Илустрациите на сите три тома се на модната дизајнерка Соња Ракел, со руско-романско потекло, која живееше и креираше мода во Париз.
Сето ова за мене е додатно голем предизвик да продолжам по патот кој сум го започнала, тоа е патот на големи професионални предизвици.
Со моето присуство и застапеност во овие значајни енциклопедии, воедно се афирмира и македонската современа ликовна сцена.
Секој кој сака да истражува, може повеќе да дознае како за Македонија, така и за нашата богата културна историја.
МАРИЛИ: Каде беа вашите почетоци како моден дизајнер и каде сте денес на ова поле?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: Модниот дизајн во Македонија има сопствен професионален пат составен од различни генерации на модни дизајнери кои ја започнаа македонската мода во Македонија како што се: Александар Ношпал. Никола Ефтимов, Никола Булевски-Буле, Ненад Секирарски, Розе Трајчевска и др.
Ова се имиња на македонски модни дизјанери кои сите ние заедно на свој начин допринесовме за создавање на македонска модна сцена кај нас во деведесеттите години. Имавме среќа барем малку да бидеме дел оној период на професионална соработка со македонски текстилни брендови кои работеа во полна пареа како за македонскиот така и за странскиот пазар.
Имаше голема соработка со модните дизајнери. Беше период на приватизација каде се започна со создавање на нови македонски модни брендови како што беа: Орка каде јас ја започнав мојата модна приказна како моден дизајнер. Орка, освен готовите производи кои тие ги продаваа, започнаа со креирање на нова линија, нов бренд, каде произлегоа два нови модни бренда, Кара Камичија за изработка на женски кошули и Систина која се занимаваше со луксузна облека.
Интересни времиња со радикални општествени и социјални промени во кои сите ние како први модни дизајнери бевме вклучени во креирање на колекции кои се продаваа и се имаше интензивен контакт со тејстилни компании кои целосно ја разбираа потребата во тимот да имаат моден дизајнер кој ќе понуди поинаков концепт на креирање на облека.
Значаен факт е да се нагласи и дека во девесеттите години немаше ниту една образовна институција во Македонија која создаваше кадар од областа на модниот дизајн.
За разлика од денес каде имаме неколку факултети кои образовуваат и создаваат кадри на модни дизајнери како на прв така и на втор циклус на студии.
Јас денес се уште работам на полето моден дизајн, но не со толкав голем интензитет како што тоа го правев порано, бидејќи многу се посветив во делот на едукацијата како професор во високото образование каде долги години предавам и освен сум дел од катедрата за моден дизајн.
МАРИЛИ: Која е Јана Манева - Чупоска приватно? Колку одговорноста за остварување на секое поле влече корени и од импресивната семејна уметничка позадина? Што Ве релаксира и што е вашиот „ветер во грб“?
ПРОФ. Д-Р МАНЕВА - ЧУПОСКА: Приватно сум сопруга и мајка на еден син Дамјан, кој има четиринаесет години и многу ја сака музиката. Свири на ударни инструменти во нижото училиште Илија Николовски-Луј.
Семејните вредности за мене се многу важни и лично сметам дека целосниот мој успех се темели токму на семејните вредности кои подразбираат поддршка и разбирање за тоа што значи професија уметник, посебно жена уметник.
Го сакам животот, ги сакам луѓето и нивните различности едни од други, среќна сум што сум опкружена со луѓе и пријатели кои ги разбираат моите потреби и размислувања.
Ме релаксираат патувањата, запознавање на нови пријатели, сакам да посетувам изложби и музеи ширум светот. Тоа е мојот „ветер во грб“ како вие велите, кој ми дава нови сили за нови хоризонти.
За мене важи животното мото дека: уметноста е живот а животот е уметност, многу едноставно, не?!
Статијата е прочитана 169 пати.