Расте собирањето и рециклирањето на хартија, пластикa, стакло и алуминиумски лименки

Интeрвју со Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“ во коешто говори за развојот и успехот на компанијата која е основана во 2010 година од 11 компании, а членови се над 600 други компании.

Основна дејност на „Пакомак“ е создавање систем преку кој отпадот од пакување од членките-компании ќе се селектира по тип на отпад (хартија, пластика, стакло) и потоа ќе се однесе на рециклирање. Ивановски вели дека во 2021, 2022 и 2023 година, просечно, секоја година собирале околу 27.000 тони отпад од пакување и имаат стапка на рециклирање од 55-60% во однос на пуштениот отпад од пакување од компаниите кои се нивни членки. Според Ивановски, радува фактотот што освен рециклирање на хартијата, расте собирањето и рециклирањето на пластиката, стаклото и алуминиумските лименки.

МАРИЛИ: „Пакомак“ постои повеќе од  една декада. Накратко, објаснете нѝ со каква дејност се занимавате и на кој начин функционира компанијата?

ИВАНОВСКИ: Пакомак е основан до ноември 2010 година од компании кои сочинуваат над 80% од пазарот на пакувани води и вино, над 90% од пазарот на пиво и над 70% од пазарот на сокови и масло за јадење. Ако се земе предвид дека освен овие 11 основачи, во Пакомак членови се и над 600 други компании од земјава кои создаваат над 42% од вкупниот амбалажен отпад во Македонија, може да се каже дека ние сме еден вид мала стопанска комора за одредени индустрии. На почеток не беше лесно да се насочат кон иста цел сите овие компании кои се меѓусебе конкуренти, но со отворена комуникација, транспарентно работење и градење доверба, успеавме да изградиме реалации на фер и избалансиран однос со сите нив, не само со основачите на Пакомак.

Наша основна дејност е да создадеме систем преку кој отпадот од пакување од нашите членки-компании ќе се селектира по тип на отпад (хартија, пластика, стакло..) и потоа ќе се однесе на рециклирање. Тоа го правиме преку 3 генерални активности. Прво, задача ни е поставување на контејнери, канти и друга инфраструктура со цел да им се даде можност на граѓаните и компаниите да го селектираат отпадот од пакување. 

Втората основна задача на Пакомак е да организира одделно собирање и транспорт на вака селектираниот отпад од многуте локации низ цела Македонија, до компании кои го складираат, доселектираат и балираат овој отпад кој потоа оди на рециклирање во земјава или во регионот. Трета, но можеби и најважна задача ни е да работиме на подигнување на  јавната свест меѓу граѓаните и компаниите за потребите и бенефитите од селекцијата и рециклирањето на отпадот. Изминативе години увидовме дека не е доволно само да ставите контејнери за селекција, доколку граѓаните не сметаат дека е важно да ги користат. Затоа, сите три активности што ги наведов мора да се прават паралелно доколку сакаме да имаме ефикасен систем за селекција и рециклирање на отпадот од пакување.

МАРИЛИ: Какви се Вашите согледувања, колку се промени третманот со отпадот во бизнис секторот, но и пошироко, во заедницата од основањето на компанијата до сега? Има ли напредок?

ИВАНОВСКИ: Во 2011 година кога почнавме со работа, Пакомак во својот систем собра околу 6.900 тони различен отпад од пакување, претежно хартија. Тогаш стапката на рециклирање на нашиот систем беше 12,8% во однос на тоа колку компаниите пријавиле дека пуштиле амбалажен отпад на пазарот.

Во 2021, 2022 и 2023 година, просечно, секоја година собираме околу 27.000 тони отпад од пакување и имаме стапка на рециклирање од 55-60% во однос на пуштениот отпад од пакување од компаниите кои се наши членки. Радува што освен рециклирање на хартијата, расте собирањето и рециклирањето на пластиката, стаклото и алуминиумските лименки.

Сакам да нагласам дека не само компаниите кои го создаваат отпадот од пакување преку своите производи, но и ние како граѓани треба да сфатиме дека модерното управување со отпад не е евтино, најмалку бесплатно! Не е реално за сметка од 150-300 денари по домаќинство да се очекува собирање и третман на отпадот како во Шведска, Германија или Словенија. Градоначалниците не треба да се водат по краткорочни популистички планови за отпадот и да се плашат да ја зголемат цената на комуналните услуги во своите општини. Просечните сегашни цени за собирање на отпад треба да се зголемат најмалку за 50%, односно за 100-150 денари по семејство месечно. Тоа е откажување од едно или две испиени кафиња во кафуле! И сигурен сум дека граѓаните нема да се бунат ако од тие пари видат нови контејнери на своите улици, нови камиони, добијат подобра услуга, редовно собирање на отпадот и почиста околина. Но, секако ќе негодуваат за повисоките сметки ако тие екстра пари се користат за непродуктивни партиски вработувања во јавните комунални претпријатија. Регионалниот пристап во управувањето со отпад е добро решение и градоначалниците треба да го поддржат без политички калкулации.

Пакомак комплетно се финансира од компаниите членки! За среќа, тие стануваат се посвесни дека имаат одговорност кон општеството да го соберат и рециклираат отпадот кој се создава по конзумирање на нивните прозиводи од граѓаните. Се обидуваме тоа што го плаќаат кон Пакомак да биде максимално коректно и да плаќаат само колку е нужно да се направат сите оние активности кои ја зголемуваат секоја година стапката на рециклирање. За 2024 година имаме за цел да оствариме стапка на рециклирање од 65% на отпадот од пакување кој се пушта на пазарот во земјава од страна на нашите компании-членки. Секоја година има напредок во количините на рециклиран отпад од пакување, но има и подобрување на еколошката свест во општеството.

МАРИЛИ: Која индустрија произведува најмногу отпад, а која најуспешно се справува со истиот?

ИВАНОВСКИ: Најмногу отпад од пакување се создава од производите кои секојдневно ги користиме, а тоа се прехранбените производи, пијалаците, цигарите, производите за одржување хигиена и производите од модната индустрија. Не е незначителна и количината на отпад од пакувањата од електричните и електронски уреди, чија продажба расте секоја година. Пакувањата од градежни материјали (плочки, лепаци, врати, подови, вреќи, палети...) се чини дека се најмалку застапени во материјалите кои ги собираме од терен.

Впечаток е дека индустријата за пијалоци вложува најмногу напори за рециклирање на сопствениот отпад кој завршува кај граѓаните, можеби затоа што шишињата и лименките се најмногу визуелно впечатливи како отпад ако не се соодветно одложени во контејнер. Генерално, прехранбената индустрија сметам дека предничи во позитивната свесност за нивното влијание врз животната средина.

МАРИЛИ: Планирате ли да воведете нови трендови во рециклирањето?

ИВАНОВСКИ: Селекција и рециклирање преку поставување на контенери и канти на јавни површини е најчеста форма во сите земји од ЕУ и ние како Пакомак тоа го правиме од самиот почеток.

Само во последните 6 години сме поставиле над 3.400 различни контејнери од 1-2,5 м3  и над 12.000 канти од 120 литри за селекција на отпад од пакување во над 50 општини во Македонија, каде живее над 70% од населението. За илустрација, низ целава земја има вкупно околу 10.000 контејнери од 1,1м3 за комунален смет, што значи сме ја зголемиле инфраструктурата за собирање на отпад за над 30%!

Посебно сме горди што низ системот за собирање стакло кој во 2016 го започна, разви и финансира Пакомак, собираме над 5.700 тони стаклена амбалажа годишно што е речиси 38% од вкупната стаклена амбалажа што се пушта на пазарот во Македонија! Организираме и финансираме собирање стаклени шишиња од над 1000 кафулиња, хотели и ресторани низ земјава!

Од јануари 2023-та со помош на Швајцарската Амбасада во Македонија, поставивме 57 повратни вендинг машини (ПВМ) низ повеќе ланци на маркети во неколку градови од земјава. Тоа е еден од најсовремените начини на собирање на пластични шишиња и лименки во светот и нашите машини се во врвот на таа технологија. Секој граѓанин кој ја има инсталирано нашата мобилна апликација на својот телефон, добива по еден зелен поен за секое парче амбалажа кое го пушта во овие машини. Еден поен има вредност од половина денар, но во некои општини се добиваат и два и три поени, пари од општината која ги стимулира своите граѓани да го рециклираат својот отпад.

Месечно собираме во просек над 700.000 парчиња амбалажа од пластика и лименки, а во 2024 очекуваме да собереме околу 10 милиони парчиња! Тоа е аналогно на рециклирање на шишињата од пијалаци од над 600 шлепери кои годишно се продаваат во земјава!

МАРИЛИ: Дали е задоволителна законската регулатива за управување со отпад и дали е забележително придвижување кон ЕУ стандардите?

ИВАНОВСКИ: Законите од областа на управувањето со отпад во Македонија се над  90% усогласени со тие од ЕУ. Наш континуиран проблем е што не се имплементираат доследно и не се контролира на терен нивната примена. Но, ако гледаме дали има тренд на подобрување од пред  10 - ина година, тогаш може да кажеме дека прашање на време кога законите ќе важат неселективно за сите и ќе се применуваат за сите компании и граѓани.

За жал, 35-40% од амбалажниот отпад кој се создава во Македонија е од компании кои не плаќаат никаде за селекција и собирање на нивниот амбалажен отпад. Тоа е над 1,5 милиони евра помалку секоја година во системите како Пакомак, а за буџетот неколку пати повеќекратна штета.

Пакомак со ова се бори од самиот почеток на формирањето и апелира пред се до инспекциите да ги стават во законска рамка овие компании. Тоа и не е така тешко ако се има волја да се направи, особено што сега постојат законски предуслови за тоа.

МАРИЛИ: Какви се искуствата на земјите од регионот и пошироко во управувањето со отпад и дали соработувате со компании од соседството кои се занимаваат со иста или слична дејност?

ИВАНОВСКИ: Пакомак е членка на двете најголеми европски  асоцијации на компании како нас, ПРО ЈУРОП и ЕКСПРА, и двете со седиште во Брисел.

Преку нив имаме можност неколку пати годишно да споделиме искуства и знаење меѓусебе, но имаме и пристап до информации за нови технологии и трендови во делот на управување со отпад од пакување.

Можеме слободно да кажеме дека иако сме во земјите со најмали буџети по жител (цца. 1,5-1,8 еур/жител/годишно во сите 3 постојни компании како Пакомак ), Пакомак со 45% пазарен удел во тие средства постигнува подобри резултатити од некои земји во регионот со 2-3 пати поголеми финансии, а кои се и членки на ЕУ!

Ние веќе реално собираме над 1/3 од вкупниот отпад од стаклена амбалажа која се создава во земјава, имаме повеќе функционални контејнери и канти по број на жители, но и сме меѓу најиновативните компании кои воведуваат нови начини за селекција, нови технологии и нов начин на комуникација со граѓаните.

За компарација, во соседните Бугарија, Романија и Грција буџетите на компании како Пакомак се цц. 6 евра по жител годишно, а Германија и Белгија од 10-12 евра по жител годишно.

МАРИЛИ: Што треба да се направи за да се зголеми екосвеста кај граѓаните? Дали треба системски да се осмисли едукација која континуирано ќе се имплементира во образовниот процес, но и ќе се презентира преку општествени и медиумски кампањи?

ИВАНОВСКИ: Пакомак повеќе од 12 години се обидува еколошки да ги едуцира преку разни кампањи граѓаните на Македонија,  пред се најмладите. Сме имале активности во градинки, училишта, универзитети, места за забава, концерти, спортски и културни настани.

Она што системски недостасува е повеќе еколошка едукација и пракса во формалното образование, но и една посериозна континуирана национална кампања за подигање на јавната свест за бенефитите од рециклирањето на отпадот генерално. За среќа, со дел од средствата собрани од таксата за пластичните кеси, МЖСПП планира оваа година интензивна национална кампања што верувам ќе ја има секоја следна година.

Само со контиуирано, професионално, истрајно и посветено работење на сите чинители, ќе може да напарвиме позначаен и побрз исчекор кон земјите кои се понапред од нас во рециклирањето.

МАРИЛИ: Како менаџер на компанија посветена на грижата за чиста животна средина, од каде поривот да се занимавате токму со оваа дејност?

ИВАНОВСКИ: Јас сум во Пакомак од самото формирање во 2010, а мојата претходна кариера дотогаш беше целосно во индустријата за пијалаци. Почнав како машински инженер во Пивара Скопје во јануари 1998, од 2002 до 2004 во Словин Југококта како раководител на одржување, од 2004 до крајот на 2010 бев извршен директор во Горска.

Пакомак ми се чинеше убава комбинација која ми овозможи да останам во контакт со индустријата (најголем број од основачите и клиентите се од индустријата за пијалаци), а сепак да работам за доброто на поширокото општество. Менувањето на навиките на граѓаните ми беше и сѐ уште ми е најголем предизвик, но и можноста со тимот да креираме систем од компании кои ќе работат со иста цел - поздраво општество, навистина е повеќе од доволен мотив да продолжам понатаму.


Статијата е прочитана 3027 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско