Маркетинг менаџмент - нова студиска програма во БАС

Интервју за Маја Кузмановска, директор на Бизнис академија Смилевски – БАС, во кое зборува за новововедената студиска програма која ќе профилира кадри што се потребни на пазарот на труд повеќе од било кога, за нејзината содржина која им овозможува на студентите и теоретски и практично да се стекнат со компетенции што ќе ги направат конкурентни на пазарот. Кузмановска беше дел од Марили Бизнис Форум, регионален настан што го организираше агенција „Марили“

 

МАРИЛИ: Од оваа година БАС воведува една новина. За што поточно станува збор и како дојде до тоа?

КУЗМАНОВСКА: Бизнис академија Смилевски БАС како акредитирана високо образовна установа години наназад успешно котира во областа на виското образование. Студиските програми на двата циклуси (додипломски и постдипломски студии) внимателно се конципирани и во согласност со барањата на пазарот. Целиот тим професори, соработници и административен кадар во целост ги задоволуваат барањата на студентите и сите клиенти со кои соработуваме. Посветено работиме и се трудиме да излеземе во пресрет на сите барања. Со задоволство може да констатирам дека сите студенти успешно се носат со звањата со кои се стекнуваат, дипломирани бизнис менаџери и стратегиски менаџери. И успешно се носат со сите предизвици на работните позиции, особено во полето на менаџментот.

Изминатиов период бевме изложени на многу лажни вести, шпекулации, предвидувања, претпоставки, трагедии. Исклучително тешко време кое, пред се, кај сите нас ја поттикнаа потребата од зголемена грижа за себе. И кај секој од нас се наметна како приоритет прашањето: „Како да научиме да се менаџираме себе и луѓето околу нас?“

Можеби на кратко земавме здив и се надевавме дека се ќе се врати во нормала, но промените не прегазија. Во ова чудно време-невреме очекувањата ни се зголемија, а со тоа и навиките се променија. Вредностите и моделите на живеење се ставија под искушение. Моралните норми еродираат. Не ни преостана ништо друго освен со забрзано темпо да тргнеме во поход кон решавање на новите предизвици. Очекувано, се наметна потребата од нови знаења и вештини кои адекватно ќе се справат со новата реалност. Нови профили на менаџери што успешно ќе се прилагодат на современите барања предизвикани од ерата на дигитализација.

Сето ова ја засили идејата да акредитираме нова студиска програма која ќе биде во чекор со сите промени. Со цел да бидеме сигурни во изборот направивме истражување преку кое ги испитавме ставовите и мислењата на моменталните и потенцијалните студенти околу потребите за нови вештини и компетенции кои ќе влијаат на зголемување на конкурентноста на пазарот на труд. Дополнително, искуствата на наште студенти при нивното вработување по завршување на студиите, како и искуствата од изведбата на студентската пракса која е задолжителна на БАС, само ја потврдија потребата од креирање нова, атрактивна и модерна студиска програма по Маркетинг менаџмент.

Да не ги заборавиме партнерските организации со кои соработуваме постојано, разменуваме искуства, идеи, меѓусебно си помагаме и се грижиме заеднички на студентите да им дадеме практично искуство во различни области. Голем дел од предлозите и решенијата доаѓаат токму од реалниот сектор, кои само ни ги потврдија резултатите до кои дојдовме. Токму затоа ја создадовме студиската програма по Маркетинг менаџмент која ќе профилира кадри што се потребни на пазарот на труд повеќе од било кога. Станува збор за студиска програма која трае 3 години, а студентот се стекнува со 180 ЕКТС и звање дипломиран маркетинг менаџер.

 

МАРИЛИ: Колку е програмата адаптирана на современите барања на компаниите и дали студентите се стекнуваат со знаења применливи на домашниот и на странските пазари?

КУЗМАНОВСКА: Како што споменав погоре, Бизнис академија Смилевски БАС уште од почетокот на своето основање, па се до денес во континуитет ги негува и одржува воспоставените односи со партнерските организации. И со задоволство може да констатирам дека листата на партнерски организации од година во година станува се побројна. Соработуваме со компании кои според бројот на вработени и дејноста што ја вршат припаѓаат на различни категории. И тоа не прави особено горди што на нашите студенти им овозможуваме пристап до различни структури, начини на работење, стратегии, процедури и оперативни активности кои се прилагодени на самите компании. На ваков начин активно ги следиме сите нивни барања. На заеднички средби со студентите дискутираме за сите достигнувања на светските пазари и недостатоците кај нас кои значително влијаат на зголемување на продуктивноста и конкурентноста на нашиот пазар. Сите проблеми со кои се соочуваат компаниите на транспарентен начин се пренесуваат со цел да се подигне свесноста за реалните проблеми со кои се соочуваат и реалната потреба на вештинини и компетенции.

Сите сме свесни за одливот на млади луѓе што бараат подобра иднина во странство. Недостигот на квалитетна работна сила веќе се чувствува, а тоа се одразува и на понудата. И токму овие проблеми на кои наидуваат компаниите, а меѓусебно ги разменуваме, ни помагаат да идентификуваме какви профили недостигаат на нашиот пазар. А потоа да ги преточиме во студиска програма која целосно ќе се прилагоди на сите барања. Конкретно, содржината на студиската програма Маркетинг менаџмент им овозможува на студентите и теоретски и практично да се стекнат со компетенции што ќе ги направат конкурентни на пазарот. Преку задолжителните предмети се нудат научни сознанија од повеќе области кои придонесуваат да се зголеми експертиза во полето на маркетингот и тоа преку: Интегрирани маркетинг комуникации, Дигитален маркетинг, Грижа за корисници, Бренд менаџмент, Промотивен маркетинг, Внатрешен маркетинг, Социјален маркетинг.

Изборните предмети, пак, овозможуваат проширување на видиците и надополнување на вештините преку низа предметни програми како на пример: Веб платформи, Продажбен менаџмент, Сегментирање на пазарот, Стратегиски маркетинг и многу други. Дополнително, преку студиската програма Бизнис менаџмент, студентите се надградуваат со знаења од полето на менаџмент, бизнис, планирање и економија. Сите предметни програми се адаптирани на мометалните услови, комплетно применливи за домашни и странски пазари и секако прилагодени исклучиво на интерактивна настава во која фокусот е ставен на самиот студент. Истите се надополнети со бројни студии на случај, примери и гости предавачи кои се експерти во различни области и сето тоа ги доближува студентите до реалноста и им помага полесно да се осознаат и да ги откријат своите афинитети. 

 

МАРИЛИ: Кои се предностите на студиската програма на БАС во однос на другите, дали е тоа практичната настава, или станува збор и за други предности?

КУЗМАНОВСКА: Праксата е задолжителен дел од нашите студиски програми и се спроведува во текот на целите студии. Девизата по која се водиме е „подготвеност за работа од првиот работен ден“. Ова ни дава за обврска внимателно да ја подготвиме програмата за пракса и внимателно да ги избереме партнерските организации за кои говорев погоре, а кои се соодветни на нашата студиска програма. Дополнителна предност е шансата што ја нудиме на нашите студенти, а тоа е да работат со ментори кои исто така внимателно се избираат, обучуваат и добиваат привилегија да им биде доверена одговорноста за професионалниот развој на студентите во текот на нивните посети. Неслучајно велам добиваат привилегија, бидејќи младите луѓе се полни со идеи, во себе носат огромна креативност и претставуваат непресушен извор на инспирација, а тоа е благодет за секој од нас кој има шанса да работи со нив.

Поконкретно, секој студент поминува повеќе од 100 дена практична настава во повеќе партнерски организации. Тоа е направено врз основа на специјално дизајнирана програма од страна на координаторите. Првиот дел од праксата е наменет за групни посети на компании кои имаат за цел да ги запознаат студентите со самите партнерски организации и начинот на кој тие работат во најопшта смисла на зборот. Веќе во вториот дел од праксата, секој студент си добива ментор и конкретна партнерска организација во која преку индивидуално организирани средби поактивно се вклучува во работниот процес. И на крајот, ги вклучуваме во континуирана целодневна феријална студентска практика во времетраење од 15 работни денови што им овозможува активно да се вклучат во секојдневните предизвици со кои се соочуваат различните сектори во компаниите.

Се поголем е бројот на примери кои покажуваат дека праксата е одлична можност и за компаниите да идентификуваат кадри од нашите студенти кои подоцна ќе ги ангажираат за нивно трајно вработување. Особено сме горди на голем број студенти кои добиваат понуда за ангажман уште за време на студирањето и тоа од компаниите во кои биле на пракса. Тоа ни е мотивација и инспирација и понатаму да вложуваме во практичната настава и генерално во сферата на високото образование.

 

МАРИЛИ: Покрај редовните студии имате и вонредни студии. Кажете кои се главните специфики и на едните и на другите! 

КУЗМАНОВСКА: БАС нуди два начини на студирање: редовно и вонредно.

Редовните студии се одвиваат во 15 седмични семестри. Предавањата почнуваат наутро (најчесто во 9 часот.). Седмата и петнаесеттата недела се колоквиумски. Предавањата се интерактивни и се комбинација од теорија што ја презентира професорот и практични вежби кои студентите ги одработуваат индивидуално или најчесто тимски. Овој тип на студирање е наменет најмногу за матурантите кои веднаш продолжуваат со процесот на образование, по завршување на средно училиште.

Вонредните студии се идеални за оние кои се во работен однос, а сепак сакаат да се стекнат со високо образование. Кај вонредните студии се слуша и полага предмет по предмет. Секој предмет е составен од три предавања, изработка и презентација на проектен извештај и полагање испит. Предавањата се одвиваат во попладневните часови. Имајќи ја во предвид преголемата ангажираност на овој тип на студенти, БАС нуди можност за целосно адаптирање на обврските на поединецот и тоа преку менторирање кое целосно се прилагодува на барањата на студентот. И секако, консултативните средби кои им стојат на располагање на сите студенти.

Предавањата со вонредните студенти се исклучителна можност за секој професор, бидејќи секоја група е составена од различни профили кои со своите искуства придонесуваат да се развијат плодни дискусии за различни теми, а истовремено даваат потврда и на теоретскиот импут.

Како дел од вонредното студирање се и студиите на далечина кои се наменети за студенти што живеат и работат надвор од Македонија, а сакаат да се стекнат со високо образование и призната диплома. Пристапот кон овие студенти е индивидуален, каде ги добиваат потребните материјали од професорот, имаат консултативни средби и кога се подготвени го полагаат испитот. За целиот процес да тече без проблеми, се грижи координатор за студии на далечина. 

 

МАРИЛИ: Колку долго сте на позиција директор на БАС и каква е Вашата отвореност кон промени како во рамки на студиските програми, така и во соработката со други надворешни проекти?

КУЗМАНОВСКА: На функција директор на Бизнис академија Смилевски БАС сум скоро една ипол година . Но, јас секогаш велам дека БАС за мене е втор дом, бидејќи вратите за прв пат ми беа отворени уште во 2011 година. Тоа многу ми помогна во процесот на адаптација на оваа позиција, имајќи го во предвид фактот дека јадрото на вработени горе-долу е исто уште од основањето на БАС. Па така, и претходно заеднички ја градевме орагнизациската култура и ги поставивме темелните вредности. И денес заеднички и посветено работиме во насока на одржување и надградување на таа култура и тие вредности.  

Како институција секогаш сме биле отворени кон промени, бидејќи грижата кон нашите стејкхолдери секогаш била на прво место, а таа се постигнува исклучиво со транспарентност и отвореност кон промените. Сметам дека после кризата не смееме да си дозволиме да преговараме по однос на прашањето дали да бидеме отворени кон промени или не. Главното прашање е колку брзо може да одговориме на промените за да останеме конкурентни. Оваа криза ни покажа колку отвореноста кон промени е неопходна. Истовремено ни покажа колку е важна науката, едукацијата и иновациите. Колку се важни квалитетот, довербата и сигурноста. Прилагодувањето, флексибилноста и брзината. Пандемијата за сите нас беше тест кој ни покажа дека не преживуваат најсилните, туку оние кои најбрзо ќе се прилагодат на промените.

Исклучително ми е важно мислењето на колегите, партнерите и соработниците. Ја поддржувам секоја идеја која е во насока на позитивна трансформација. Работиме тимски и секој има можност да сподели мислење, да даде предлог, препорака, искуство и сугестија. Секако, мора да ги имаме во предвид и можностите и ресурсите со кои располагаме. И во секоја прилика кога постои компатибилност меѓу нив, со задоволство ја прифаќам секоја промена.

 

МАРИЛИ: Бевте дел од Марили Бизнис Форум што годинава го организираше агенцијата „Марили“. Па, какво е, според Вас, значењето на овој проект за жените во бизнисот? 

КУЗМАНОВСКА: Бизнис академија Смилевски веќе години наназад соработува со агенцијата „Марили“. Сакам да го изразам моето задоволство што ја започнавме и се уште ја негуваме соработката која од година во година се продлабочува се повеќе. Недостасуваат вакви манифестации кај нас каде гласно се говори за успехот на жената, нејзината пожртвуваност, храброст, одлучност, креативност и вредност, пред се. Форумот е од исклучителна важност особено за жените во бизнисот, бидејќи на едно место се собрани различни профили жени кои несебично го пренесуваат своето искуство и во секое време се подготвени да дадат совет или помош. На овој Форум присуствуваат експерти од различни области кои особено се важни за оние кои штотуку го започнале својот бизнис. Се радувам што и наредната година повторно ќе бидеме дел од Марили Бизнис Форумот и заеднички ќе го подготвиме концептот. Можеби е премногу субјективно, но имам чувство дека жените знаат да се радуваат и да покажат емпатија. Да се радуваат на својот и на успехот на другите. Да покажат грижа и внимание. Меѓусебно да се поддржуваат и мотивираат. А тоа денес е потребно повеќе од кога и да е.

 

МАРИЛИ: Што ќе им порачате на жените менаџери, лидери и претприемачи во насока на постојана едукација и личен развој, колку е тоа важно и неопходно за опстанок и развој на нивните компании? 

КУЗМАНОВСКА: Една од најстарите и најпознатите изреки на Аристотел, за мене се уште е најголемата вистина: „Корените на образованието се горчливи, но плодовите се слатки.“

Едно е сигурно. До успехот не се доаѓа преку ноќ. Тој бара многу работа, трпение, посветеност и љубов, пред се, кон она што се работи. Никогаш не треба да заборавиме од каде сме тргнале и зошто ги правиме нештата.  Што не мотивирало и поттикнало? Каде сакаме да стигнеме? Оти, успехот е признание за минатиот труд и поттик истовремено за идните цели. За жал, денес сме преплавени со многу литература која не подучува како да станеме успешни, па неместо на содржината како да стигнеме до таму, ние се фокусираме само на целта. И многу често не се стигнува до неа, па доаѓа разочарување.

Да се тргне по патеката која ќе те однесе до успехот бара многу амбиција, работа, добра организација, поддршка, откажување од многу задоволства и на крај, со подеднаква важност на претходно споменатото, огромно вложување во едукација и личен развој. Со оглед на тоа што промените се движат со брзина на светлина, ако сакаме да бидеме во тек, ако сакаме да понудиме на нашите клиенти нешто ново, интересно, практично, применливо, мора постојано да се едуцираме и да ги пратиме трендовите. Но, прво треба да вложиме во себе, а потоа знаењето да го пренесеме и во организациите. Патиштата сами ги креираме, доволно е само да почнеме да се движиме. Да се ослободиме од сите стравови, оти, ако останеме „заробени во кафезот во кој се наоѓаме, ќе мислиме дека летањето е болест“. Упорноста и дисциплината се најмоќното оружје кое не носи до успехот. А потоа, како велат, ти молчиш, а тој сам зборува за себе. Инвестицијата во себе е највредна. Таа е како бунар без дно. Таман ќе помислиш дека си го достигнал врвот, кога ќе погледнеш околу себе ќе видиш нови предизвици. Во моментот кога ќе решиме да излеземе од комфор зоната, тогаш сме решиле да ги прифатиме промените. Спремни да учиме и да вложуваме во себе до крајот на животот.

Особено ги поддржувам жените што се борат, што не прифаќаат компромис, што се свои и не се плашат. Како индивидуално, така и институционално се радуваме на секој успех и помагаме секогаш кога ќе не повикаат во насока на нивна доедукација, консултација или менторска поддршка.

На крај, ќе завршам со еден цитат од Гете: „Малку знаење го прави човек горделив, многу знаење го прави скромен“. Не се штедете, инвестирајте во своето знаење и скромно чекорете по патот до успехот за кој нема ниту тајна формула ниту инстант прирачник. Постои само желба и подготвеност да се дојде до него.

 

 

 


Статијата е прочитана 1068 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско