И покрај ковид-кризата нивите не можеме да ги оставиме празни
Интервју со Васка Мојсовска, генерален менаџер на „Агро Калем“ Тимјаник и претседател на Национална федерација на фармери во кое говори за почетоците и создавањето на семејната фирма, за сето она со кое се соочува како жена менаџер при континуираното успешно управување со приватен бизнис во областа на аграрот, за ангажманот како прва жена на чело на НФФ, за тоа како ковид-кризата се одрази врз земјоделството, но и за тоа колку личниот пример го поттикнува женското менаџество
МАРИЛИ: Со што се занимава компанијата „Агро Калем“ и колку години опстојувате?
МОЈСОВСКА: Мене животот ме научи дека треба цело време да се борам за опстанок.Уште откако знам за себе јас сум по нивите и заедно со мојот брат пораснавме на нивите во Тимјаник посеани со тутун, пипер, лозје. Откако нашите родители за време на транзицијата останаа без работа, единствен спас за опстанок најдоа во земјоделието и обработката на земјата. Детството поминато во кал мене едноставно ме челичеше. Потоа, на 19 години со незавршени студии стапив во брак со мојот сопруг Гоце Мојсовски. Тоа беше во 1997 година кога вработување имаше многу малку, а особено малку за селските деца. Тогаш тој доби наследство од неговите родители 1,5 хектар лозов насад и немајќи што друго да работиме решивме да работиме земјоделство - лозарство. Но, уште првата година сфативме дека ако работиш земјоделие треба да работиш или поголеми површини за да егзистираш, или не треба да работиш .Тогаш почнавме секоја година да садиме по малку нов лозов насад, така што за да купиме ниви моравме да го продадеме автомобилот за да дојдеме до финансии. Но и тоа не беше доволно, па јас на 22 години со две мали деца со студирање, работа на поле и немајќи никаков сопствен имот решив да ги убедам свекор ми, сопругот, девер ми и брат ми да заложат движен и недвижен имот и јас да земам наменски кредит за да можам да подигнам поголема површина со лозов насад. За да можеме да заштедиме на купувањето лозови садници решивме со сопругот да пробаме да почнеме да калемиме ние лозови садници за наша потреба и заради тоа отидовме да го учиме занаетот во Србија. Откако видовме дека можеме да произведуваме садници за нашите лозови насади почнавме да произведуваме и за продажба. Не беше лесно да се учи, да се работи и да се одгледуваат две мали дечиња, кои пораснаа по нивите исто како мајка им и татко им, но, ако волјата и желбата за успех се поголеми од маката, тогаш ништо не е тешко.Така почнавме да ги зголемуваме и лозовите насади и производството на лозовите и овошните садници и потоа ја отворивме и нашата семејна фирма АГРО КАЛЕМ Тимјаник, која со гордост можам да кажам дека е најголема фирма за производство на домашен лозов и овошен саден материјал во Македонија.Значи, идеата дојде од самиот мој живот и од борбата за опстанок. Ние веќе 23 години работиме земјоделство, а семејната фирма „Агро Калем“ официјално постои 12 години. „Агро Калем“ произведува половина милон лозови и овошни садници годишно, произведува трпезно грозје и житарица и вкупно обработуваме 70 хектари земјоделско земјиште. Нашите садници се сертифицирани така што нашите клиенти можат да бидат сигурни дека купуваат здраствено и сортно чисти садници за нивните нови долгогодишни насади. Трпезното грозје се произведува на најсовремени лозови насади со современи нови технологии и секоја година се извезува на странските пазари .Како компанија редовно инвестираме во подобрување на квалитетот на нашите производи, така што имаме и сопствен ладилник каде што ги складираме нашите земјоделски производи пред продажба.
МАРИЛИ: Како жена менаџер кажете ни што значи континуирано успешно да се управува со приватен семеен бизнис во областа на аграрот?
МОЈСОВСКА: Секоја жена што се занимава со приватна работа и што се бори да успее има огромни предизвици и проблеми на патот, а ако, пак, работи во областа на аграрот, тоа е неколку пати потешко. Сите обврски треба да се прилагодат кон работата, мојата работа не е канцелариска - производството на земјоделски производи бара посветеност и ангажман на поле преку целата година. Земјоделството не е шаблонска работа па да се работи по модел и до одредено работно време, нема ниту работно време, ниту празник, ниту викенд, работата се прилагодува према временските услови и према активностите што треба да се обават на полето. Во последнава декада и климатските промени прават огромни проблеми во нашето производство кои го прават поскапо произвоството на грозје и на садници. Но ние се трудиме да се прилагодиме на проблемите и предизвиците со кои се соочуваме. Јас како и секоја жена која што работи, како мајка и сопруга секогаш гледам да си ги исполнам сите улоги што ги имам, бидејќи една од улогите ако ја запоставам нема да бидам тоа јас и мојот личен успех нема да биде комплетен. Зашто, најголем успех за една жена е правилното воспитување на своите деца и насочување на вистинските вредности во животот, а тоа се семејството, трудољубивоста, едноставноста, работливоста, скромноста, хуманоста, присебноста и почит кон сите луѓе и подадена рака. Затоа што тие вредности и јас сум ги наследила од моите родители и ми помогнале во животот да бидам тоа што сум јас.
МАРИЛИ: Вие сте прва жена на чело на Националната федерација на фармери на Македонија. Што Ве поттикна да се ангажирате на ваква функција?
МОЈСОВСКА: Функцијата претседател на НФФ е голем предизвик за мене како личност која целиот свој живот работи земјоделство и егзистира од него. Земјоделието е гранка која има премногу проблеми за кои треба многу труд, лобирање за нивно решавање. Активното долгогодишно членство во организицијата и мојот несебичен ангажман придонесе за прв пат после 17 години на чело на Националната федерација на фармери да застане жена. Јас како претседател, заедно со целиот управен одбор на НФФ, тимот вработени, потсекторски групи во организацијата со заеднички ставови и предлози се трудиме колку што можеме да придонесеме за изнаоѓање решенија за тие проблеми. Само обединети и со заедничко дејствување може да се постигнуваат целите и тоа е мојот начин на работа на секоја функција, вклучувајќи ја и оваа како претседател на НФФ. Ме поттикнаа проблемите со кои се соочуваме ние од руралните средини, немањето пласман за земјоделските производи, дискриминацијата која е присутна врз руралното население и ред други проблеми со кои секојдневно се соочуват луќето што живееат на село, а тоа се немањето квалитетна здравствена заштита, зголемена невработеност, недостаток од културно социјален живот, немањето градинки по селските населени места, немањето патна и комунална инфраструктура и, пред се, монополскиот однос на откупувачите врз земјоделците. Огромен број проблеми кои што бараат многу лобирање, работа, притисоци и активности за нивно надминување.
Работењето со земјоделците мене ме исполнува и секој нивни проблем го гледам како свој проблем, а ако заеднички успееме да најдеме решение, тоа ми дава елан за нови предизвици. Од друга страна, пак, отсуството од дома и од мојата работа поради ангажманите во НФФ придонесува да трпатт семејството и работата, но ќе кажам, ако се сака НЕШТО - ништо не е тешко, само со добра организација и координација може да се постигне и работата и дома и во организацијата.
МАРИЛИ: Што значи да се работи во услови на ковид-криза, како пандемијата се одрази на аграрот?
МОЈСОВСКА: Додека повеќето работници од другите сектори беа во домашна изолација, земјоделците беа и се на поле со своите работни обврски, оти на нивите има полно работа. Ние како земјоделци мораме да ги обработуваме нивите, бидејќи тоа е потребно и за нас за егзистенција, а секако и за другите луѓе во државава, зашто мораме да произведеме храна во овие тешки мигови. И ние, како и сите граѓани во Македонија сме многу загрижени за здравјето на нашите блиски и за сите луѓе, но нивите не можеме да ги оставиме празни, бидејќи храната ни е најпотребна во овие тешки мигови, секако со почитување на превентивните мерки за заштита и на сопственото и на јавното здравје.
Корона кризата предизвика огромни штети и загуби во земјоделството, 2020 година ќе ја помниме по катастрофалните откупни цени и откупи на речиси сите земјоделски производи. Ние како компанија од аграрот претрпевме големи штети со затварањето на пазарите во март и април како на домашните, така и на странските пазари, со затворањето на границите и ограниченото движење имавме проблем со сезонски работници кои секоја година ни доаѓаа од соседните земји за калемење на садниците. Но јас секогаш велам дека кога човек работи ќе има и проблеми, ако не работи тогаш ќе биде спокоен и без грижи.
МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџество во општеството?
МОЈСОВСКА: Јас додека растев во Тимјаник со свои очи гледав како мајка ми, тетките, баба ми и сите други жени кои живееја во селото целиот свој живот работат и творат за своите семејства, но нивниот трут никаде не е вреднуван и признаен, ниедна од нив немаше имот на сопствено име, ниедна од нив немаше излезено во кино, театар, или да се социјализира како другите жени во урбаните средини. На прсти се броеја жените што студираа факултет.Тоа ми даде мотив јас бидам малку поразлична од сите нив, да бидам упорна, трудољубива, истрајна, скромно амбициозна и жена која во иднина со својата работа ќе придонесе да се случат некои промени со кои што ќе им се олесни животот на жените во руралните средини.Затоа кога застанав на чело на НФФ како прва жена си поставив цел дека освен решавање на проблемите на сите земјоделци, јас ќе се трудам да придонесам и за изборување на правата на жените од рурални средини.За овие 3 години успевме да ги тргнеме дискриминаторните критериуми во мерката 115 од Програмата за рурален развој во која што, за една жена од рурална средина да добие гранд за да започне сопствен бизнис од 180.000 денари требаше да е невработена, да е во брак со родено најмалку со едно дете, да живее во населено место од 200 жители на надморска висина од 700 метри и да е до 40 години. Овие дискриминаторни критериуми на наше барање со поддршка од Министерството за труд и социјална политика беа тргнати и заедно со нас беа направени нови критериуми. Во 2018 година меѓународниот ден на руралната жена 15 октомври ние како НФФ заедно со министрите на Министерствата за земјоделство и Труд и социјална политика и Мрежата за рурален развој потпишавме декларација за социо-економско јакнење на жената од рурални средини,каде што се заложивме за заедничка работа и исполнување на точките во декларацијата. Следна заложба наша за жените индивидуални земјоделки е остварување на правото на родителско отсуство.Така што, имам полно раце работа. Често велам дека оваа функција не е само мој успех туку и успех за сите жени од рурални средини.
Менаџирањето, пак, во семејната фирма ме исполнува и ме мотивира за уште повеќе да работам и да ја пренесувам работата на секоја жена која сака во иднина да се зафати со мојата работа. Стекнатото искуство го споделувам со синот и ќерката кои полека, полека комплетно влегуваат во нашата работа. Како жена менаџер од рурална средина мислам дека можам да бидам модел за секоја жена што сака и има желба да почне сопствен бизнис. Секогаш велам дека истрајноста, самодовербата, трпението и трудољубивоста секогаш треба да се присутни кај секоја една жена што сака да успее во својата работа. Ништо не се добива преку ноќ, треба многу труд, работа, самодоверба, трпение и секако надоградување и учење. На патот кон реализирање на сопствената цел ќе наидиме на безброј препреки но тоа не значи дека треба веднаш да се откажеме,треба да се најдат начини да се поминат тие препреки Да имаме амбиции и цели во животот, но секогаш чекор по чекор да ги остваруваме тие цели. Не за џабе се вели трнлив и тежок е патот кон реализација на амбицијата што ја имаме, но мораме да сме упорни.
Статијата е прочитана 1462 пати.