Интервјуа
„Авто Контрол“ е во топ 10 компании за техничко испитување на возилата

понеделник, 04 јули 2022
Интервју со Даниела Перканоска, генерален менаџер на „Авто Контрол“ – Прилеп во кое зборува за историјатот на компанијата која пред 20 години почнала како сервис за поправка на возила, а денес располага со две патеки за технички преглед, инспекциски активности на сите видови возила, со современ автосервис и низа сродни поврзани дејности, како и најсовремени уреди и опрема за испитување и дијагностика. Говори и за предизвикот да се занимава со професија која претставува „машки бизнис“ и за оптимизмот, храброста и упорноста што ја красат и претставуваат клуч на нејзиниот успех. Перканоска беше прогласена за една од најуспешните жени менаџери за 2022 година од страна на агенција „Марили“
МАРИЛИ: Од кога постои приватната компанија „Авто Контрол“ и која е нејзината основна дејност?
ПЕРКАНОСКА: Почнавме пред 20 години како сервис за поправка на возила, а „Авто Контрол“ е основана пред осум години и таа е плод на нашиот повеќегодишен труд како семејна компанија што денес располага со две патеки за технички преглед и инспекциски активности на сите видови возила. Во кругот на нашата станица успешно функционираат современ автосервис и низа сродни поврзани дејности што се дополнуваат и креираат центар за исполнување на барањата на клиентите и грижа за возилата. Поседуваме најсовремени уреди и опрема за испитување и дијагностика што постојано се надградува и дополнува во согласност на европските регулативи и директиви. Може да се пофалиме дека за овој период нашата компанија се етаблираше меѓу првите десет во државава, во дејноста техничко испитување и анализа.
Успехот се должи на нашата стручност и на квалитетот на услугите што го постигнуваме преку големиот професионализам и посветеноста на нашите вработени. Грижата за нашите клиенти отсекогаш ни била приоритет и тоа е една од нашите особини за континуиран успех и напредок, за што нашите ценети клиенти нѐ наградуваат со долгогодишна доверба и лојалност.
МАРИЛИ: Компанијата има и други значајни дополнителни дејности. Според која специфика на овие дејности сте препознатливи како единствени во Пелагонискиот Регион?
ПЕРКАНОСКА: Станицата за технички преглед „Авто Контрол“ е единствена во Прилеп што поседува сертификат за акредитација за голем опсег на услуги, издаден од Институтот за акредитација на Република Северна Македонија и таа е овластена техничка служба од тип А во својство на тело за оцена на сообразност за инспекција на возила за следниве услуги:
- Поединечно одобрување на возила - хомологација;
- Oдобрување на преправени возила - А-ТЕСТ;
- Инспекција на подготвеноста на возилата за сообраќај (ЦЕМТ/ЕКМТ); и
- Инспекција при утврдување и втиснување на идентификациски ознаки на возилата (број на шасија и број на мотор).
МАРИЛИ: Водејќи се од Вашето мото „Безбедноста на прво место“, кажете ни кои се главните постулати на политиката за квалитет што ја спроведувате кон корисниците на Вашите услуги?
ПЕРКАНОСКА: Безбедноста во патниот сообраќај несомнено е еден од најкомплексните проблеми во нашето општество. На сите нас како учесници во сообраќајот треба да ни биде совршено јасно дека мора да се однесуваме совесно и одговорно. Токму поради ова раководството на „Авто Контрол“ се обврза на добра професионална практика и квалитетно давање на услуги на своите корисници преку постојано усовршување на знаењата, вештините, компетентноста и стручноста на вработените, следење и примена на домашната и на странската законска регулатива, воведување меѓународни стандарди во своето работење, идентификација и отстранување на ризиците на дневна основа. Извршувањето на секојдневните задачи на вработените е во согласност со утврдената политика на квалитет.
Во исто време, ние, како општествено одговорна компанија, преку совети за безбедно учество во сообраќајот и соработка со надлежните институции се трудиме да ги зголемиме свеста и одговорноста на нашите клиенти, да ги подигнеме јавната свест и сообраќајната култура на повисоко ниво и сите заедно да придонесеме за безбеден сообраќај.
МАРИЛИ: Вие сте една од ретките жени менаџери во „машки бизнис“. Кој беше предизвикот да се занимавате со оваа професија и, според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали тоа е образованието, личните карактеристики, умешноста да се освојуваат современи вештини за личен развој, поддршката и мотивацијата од работниот тим...?