„Еуростеп“ - нова визија за маркетинг и менаџмент со применето меѓународно искуство

Интервју со Шемса Емшериев, генерален менаџер на „Еуростеп“ – Скопје чија основна дејност се маркетинг и менаџмент услуги за правни и за физички лица, меѓу кои: изработка на пазарни и маркетинг-стратегии, финансиско советување и консалтинг, усмен и писмен превод, изработка на компаниски профили и бизнис-планови..., а во текот на изминатата година компанијата започна и со организација на бизнис-саеми и на бизнис-форуми низ повеќе градови во државата. Емшериев зборува за новиот проект „Минерва“ и неговите цели, за активностите што се планирани за оваа година, како и за тоа што, според неа е дефиниција за успешна жена менаџер

 

 

МАРИЛИ: Од кога постои „Еуростеп“ и кои се основните дејности на компанијата?

ЕМШЕРИЕВ: Во 2018 година, една година по нашето доаѓање во Република Северна Македонија, во Скопје, официјално ја основавме „Еуростеп“, маркетинг и менаџмент агенција, заедно со мојот сопруг Зоран Емшериев. Меѓутоа, како бизнис-идеја и дејност во која работиме, „Еуростеп“ постои од многу поодамна. Основна дејност на компанијата се маркетинг и менаџмент услуги за правни и за физички лица, меѓу кои: изработка на пазарни стратегии, маркетинг-стратегии, финансиско советување и консалтинг, усмен и писмен превод, административни услуги, изработка на компаниски профили, презентации, бизнис-картички, бизнис-планови, веб-страници, маркетинг-материјали, проширување на пазарот, претприемаштво, поддршка при саеми, пронаѓање партнери за соработка Во текот на изминатата година започнавме со организација на бизнис-саеми и на бизнис-форуми низ повеќе градови во Република Северна Македонија, со цел унапредување и подобрување на бизнис-околината и на заедницата. Нашите напори се насочени кон организирање информативни бизнис- саеми што ги носат понудата и побарувачката на исто место, надминувајќи ги националните граници, промоција на правните лица, деловното работење и нивните дејности, B2B и B2C услуги и можности. Нашите очекувања се темелат врз проширување на пазарот на производи на домашните и на регионалните компании-учесници, надвор од границите на Република Северна Македонија, економска стабилност и просперитет - како индивидуално за секоја компанија учесник, така и на ниво на локалната самоуправа и регионално, можност за странски инвестиции (претставништва, партнерства) и соработки за кои би биле подготвени и заинтересирани странските компании-учесници на саемот.

Од друга страна, преку бизнис-концептот Prime Live Club овозможуваме пристап до маркетинг и менаџмент услугите за правни и за физички лица со првична едукација во дејноста и последователен процес на поттикнување претприемачки дух, заработка и директна инволвираност во бизнис-светот.

 

МАРИЛИ: Кој беше предизвикот да формирате компанија и во Република Северна Македонија, имајќи го предвид Вашето меѓународно работно искуство? 

ЕМШЕРИЕВ: Основањето на агенцијата „Еуростеп“ во Република Северна Македонија не беше предвиден и планиран чекор бидејќи животните одлуки, како и работното искуство постојано ме носеа од една во друга држава, нови градови, култури и познанства. И претходно бев свесна за разликите во животниот стил, навиките, културолошките и општествените фактори што ја детерминираат работната средина, а наедно и го обликуваат приватниот живот на секој човек, без оглед на државата во која се заснова работниот однос. Тоа е неизбежно во еден од секторите во кој работев - угостителство, гастрономија и организација на настани. Сметам дека тоа е еден од поголемите предизвици при формирањето нова компанија во средина што е релативно нова за управителот. Меѓутоа, финансискиот менаџмент, водењето преговори и продажбата ве учат да се приспособите на секоја новонастаната ситуацијата и да бидете иновативни.

Кога во 2017 година заедно со моето семејство дојдов во Република Северна Македонија, поактивно се насочив кон создавањето на тоа што е денес „Еуростеп“. При формирањето на компанијата бев водена од повеќе причини, а наедно и предизвици. Убавината на малите и на средните претпријатија е во кохезијата и тимската работа, нешто што му недостасува на пазарот во Германија, Австрија и во Швајцарија. Таму нема простор за овој тип дејности бидејќи пазарот е презаситен со етаблирани компании гиганти. Од друга страна, пак, Балканот и Македонија имаат потенцијал да го прифатат нашето поле на работа и да овозможат оваа дејност да се развива и да вроди со плод, помагајќи го економскиот раст и развој на другите конституенти и инволвирани страни. Наедно нашиот напор е насочен кон намалување на процесот на „одлив на мозоци“. Цврсто верувам, а тоа се докажува од ден во ден, дека во нашата држава има квалитетни индивидуи, извонредни поединци, трудољубиви и креативни личности што заслужуваат да добијат шанса и да останат во својата татковина. Затоа во нашата агенција се стремиме да работиме со такви личности и заедно да придонесеме на индивидуално, деловно и на општествено поле.   

 

МАРИЛИ: Што претставува проектот „Минерва“ и какви активности планирате во текот на 2022 година со него?

ЕМШЕРИЕВ: Моето меѓународно работно искуство изобилува со ситуации во кои ја согледувам женската страна на деловниот свет, а наедно и суровата трансформација што се случува кај жената при вршењето на работните обврски, од една страна, како и целокупниот пристап кон поимот еманципација на секое општествено поле. Проектот „Минерва“, кој не случајно е насловен по римската божица на мудроста, покровителката на науките и на искуствата, го разработивме заедно со м-р Андријана Коруновска, која е дел од тимот на „Еуростеп“. Нашата првична цел беше да понудиме безбедно место за развој на здрава и транспарентна дискусија во однос на предизвиците и стереотипите со кои се соочуваат жените и девојките на 21 век на приватно и на деловно поле и каде што гласот на секоја жена и девојка ќе биде слушнат и уважен. Денешниот начин на живот е доволно комплексен и конфузен и притоа нам, жените, ни наметнува прифаќање на нови стандарди, правила и прописи што ја попречуваат нашата креативност, елеганција и женственост.

Проектот „Минерва“ ни овозможи организација на три интерактивни обуки за жени и девојки под име „Вистинската моќ на жените“. Во секоја обука се разработува посебна тема. Првиот дел е насочен кон психолошко-социјалниот осврт на улогата на жената во нејзиното секојдневје, околина и опкружување, вториот дел го разработува бизнис-светот прикажан преку женската призма, жените лидери, поттикнувајќи го женското претприемаштво од бизнис-идеја до реализација преку воспоставување и одржување хармонични врски и ефективна комуникација, додека третиот дел фокусот го поставува на целокупната презентација на поимот жена, жена менаџер со акцент на женската индивидуалност и проникливост. Покрај овие обуки, во текот на 2022 година проектот „Минерва“ и вредносниот систем врз кој се заснова ќе бидат презентирани на претстојните бизнис-форуми што ги организираме преку „Еуростеп“. Се надеваме и веруваме дека во понатамошните фази ќе бидеме во можност да го презентираме надвор од државата, на балканско, а, исто така, и на европско ниво. 

 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали тоа е образованието, личните карактеристики, умешноста да се освојуваат современи вештини за личен развој, поддршката од семејството, поддршката и мотивацијата од работниот тим...?

ЕМШЕРИЕВ: Напредокот во кариерата на жената е во корелација со сите наведени фактори. Градењето кариера е процес сличен на механизмот на часовникот, каде што секое делче има свој придонес и своја улога. Преку образованието го поставуваме темелот, но, исто така, важно е да не заборавиме дека едукативниот процес трае цел живот и дека секоја жена треба да инвестира и да вложува во своето знаење. Меѓутоа, би сакала да нагласам дека доколку не се применува на соодветен начин, тоа нема да биде пресудно за кариерен напредок. На тој начин доаѓаме до улогата на личните карактеристики од кои најважни се трпението и посветеноста на работата, како и проникливоста и визионерството. Како што се напредува во кариерата, така се стекнуваат и лидерските вештини и способности. Освојувањето современи вештини за личен развој треба да се практикува комплементарно со дејноста во која работиме и во согласност со нашиот карактер и личност. Доколку тоа се прави на таков начин, ставајќи го квалитетот на современите вештини за личен развој на прво место, може да се постигне позитивно влијание. Тргнувајќи од сама себе и од сопственото искуство при кариерниот напредок на жената, верувам дека пресудни фактори се поддршката од семејството и поставеноста на работниот тим. Успехот најдобро се слави со семејството и затоа е потребно семејството да биде полно со разбирање, поддршка и емпатија. Во таква средина се раѓаат силни жени, жени што напредуваат и кои желбата за личен и за професионален раст и развој ја добиваат од семејната љубов и цврстина. Исто така, важно е да се биде дел од тим во кој членовите меѓусебно се издигнуваат, си помагаат, функционираат во симбиоза и при извршувањето на работните обврски ѝ даваат шанса на личноста со најголем потенцијал. Секоја жена првенствено треба да го сака тоа што го работи и да биде задоволна со сама себе и со вложениот труд. Во тој случај кариерниот напредок би бил неизбежен.

 

МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена менаџер, односно како успевате да ги усогласите приватните обврски со професионалните ангажмани, како и со што го исполнувате слободното време?

ЕМШЕРИЕВ: Им се восхитувам на жените менаџери што преку работниот ангажман придонесуваат за позитивна трансформација на компанијата. Според моето мислење, идејата, креативната мисла и проактивноста се дефиниција за успешна жена менаџер. Жена што од „ништо“ прави „нешто“ во вистинска смисла на зборот. Успешноста на жената менаџер ја согледувам и во начинот преку кој ги усогласува приватните обврски со професионалните ангажмани. Секоја жена има свој индивидуален начин на кој го постигнува тоа. Јас секогаш се водам со комбинирање и организација, со поставување приоритети, како со приватните обврски, така и со професионалните ангажмани. Понекогаш, кога тоа го налагаат условите, работам од дома, онлајн, а понекогаш и децата ги носам со мене во канцеларија. Сѐ зависи од временскиот менаџмент. Честопати се водам од моето мото две минути и секојпат самата себе се изненадувам од тоа колку многу може да се постигне во тој краток временски период ако секој се фокусира и максимално се посвети. Продуктивноста е наша одговорност. Изговорите се редундантни. Бидејќи сум израсната со цврсти семејни вредности, слободното време му го посветувам на семејството. Со моите деца Невен и Даријан одиме на викенд-патувања и на прошетки во природа. Меѓу другото, не заборавам да одделам време и за сопственото физичко и ментално здравје. Внатрешната состојба и надворешниот изглед треба секогаш да бидат во хармоничен однос.


Статијата е прочитана 1264 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско