ЕСП презема чекори за целосна дигитализација на услугите

Интервју со м-р Лидија Таскова Попова, генерален менаџер во ЕСП – Развој и управување на човечки ресурси – Скопје во кое зборува за имплементацијата на современите текови во едукацијата во сферата на дејноста на компанијата, за инвестирањето во целосно опремување на студио за пренос во живо или т.н. „live streaming“ од каде што „во живо“ може да се емитуваат настани, работилници, конференции, вебинари и слично, како и за тоа што е потребно за еден менаџер да биде успешен во континуитет

 

МАРИЛИ: Што значи да се следат и да се имплементираат современите текови во едукациите во Вашата област? Дали оваа година има новини во работењето на ЕСП - Развој и управување на човечки ресурси? 

ТАСКОВА ПОПОВА: За да може една компанија долгогодишно успешно да опстанува на пазарот, мора да ги следи современите трендови и да ги вгради во своето деловно работење. Со гордост можам да кажам дека ЕСП – Развој и управување на човечки ресурси се покажа како многу еластична компанија што лесно се приспособи на сите настанати промени во текот на целиот период на своето 22-годишно успешно работење.

ЕСП е компанија специјализирана за: превод и толкување (целосно организирање на настан со опрема за симултан превод); компјутерска едукација; обуки за странски јазици; како и обуки за личен и за професионален развој што се изведуваат преку работилници, предавања, советувања и коучинг. 

Следејќи ги светските трендови, ЕСП го започна процесот за изведување онлајн-настава во одделите за едукација и обука уште во 2018 година. Со појавата на пандемијата се наметнаа нови начини на работење и со самото тоа се сменија и потребите и барањата на клиентите. Од самиот почетокот на пандемијата, ЕСП презеде чекори за целосна дигитализација на услугите, не само во одделите за обука туку и во одделот за толкување. ЕСП не само што ги користи познатите светски платформи за онлајн-настава/обука и симултано толкување, туку инвестираше и во целосно опремување на студио за пренос во живо или т.н. „live streaming“ (со опрема за озвучување, звучна изолација, миксета со четири видеовлеза и можности за „зелена заднина“, осветлување и друго), од каде што „во живо“ може да се емитуваат настани, работилници, конференции, вебинари и слично. Со опремата се овозможуваат и таканаречени „хибридни настани“, каде што дел од слушателите можат и физички да присуствуваат на настанот, а другите да следат онлајн, според барањата и потребите на клиентите. Веб-страницата на ЕСП е продажна, приспособена на потребите на клиентите во време на физичко дистанцирање и, како верификуван е-трговец, им овозможуваме на клиентите сигурност на нивните платежни трансакции. 

 

МАРИЛИ: Какви се Вашите сознанија за тоа како и каде се применуваат знаењата стекнати на едукациите во ЕСП, особено во деловниот сектор?

ТАСКОВА ПОПОВА: Обуките и наставата што се изведуваат во ЕСП се целосно приспособени на барањата и на потребите на клиентите што најчесто ги посетуваат заради подобрување и напредок во секојдневното работење или заради нивната деловна ориентираност.

Кога обуката е точно одредена, осмислена и спроведена според потребите на клиентите, тогаш се вели дека е успешна. Обуките во ЕСП се точно одредени, осмислени и спроведени според потребите на клиентите, но дали обуката ќе биде целосно успешна, пред сè, зависи од активната примена на стекнатите вештини. За да се утврди успешноста, потребна е целосна повратна информација за примената на стекнатите вештини и мерење на перформансите на клиентите пред и по обуката. Многу ме радува кога и по многу години ќе се сретнам со клиенти што посетувале обука и ќе ми кажат дека сè уште ги користат вештините стекнати на обуката, а тоа се случува често. 

 

МАРИЛИ: Колку кризата со пандемијата предизвикана од Ковид-19 ја забрза примената на дигитализацијата во нашата земја и дали тоа ќе биде трајна промена во општеството?

ТАСКОВА ПОПОВА: Почетокот на кризата, верувам, беше тежок за секој од нас, но, гледано од оваа перспектива, како да беше само момент на збунетост и несигурност и тоа во светски рамки. Потоа многу брзо сè што е поврзано со личното и со деловното работење застана на нозе на еден поинаков начин, притоа наоѓајќи решенија за секој предизвик поврзан со кризата на многу креативни и иновативни начини. Забрзувањето на дигитализацијата целосно се наметна од кризата и од потребите на луѓето во текот на овој период. Со тоа што веќе сме свесни колку сме флексибилни на промени, верувам дека по завршувањето на кризата брзо ќе се вратиме на нашето „нормално нормално“, но, сепак, ќе го задржиме тоа што ни го прави животот поедноставен и полесен - дигитализацијата. 

 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што значи континуирано успешно да се менаџира, особено во приватниот сектор, колку е долг Вашиот менаџерски стаж?

ТАСКОВА ПОПОВА: Која е „тајната“ за континуирано успешно менаџирање? Според моето мислење, таа е различна за секого и верувам дека секој успешен менаџер ќе нагласи еден или два главни фактора што на некој начин се и двигатели на успешноста на тој менаџер. Во суштина, работата на менаџерите во приватниот сектор е многу комплексна и одговорна. Самиот бизнис и успешноста во работењето, пред сè, зависат од вештините, способностите и од фокусот на менаџерот.

Континуираното успешно работење во текот на 20 и повеќе години значи дека во текот на целиот тој период компанијата се соочувала со безброј предизвици и сите успешно ги надминала, притоа не губејќи го квалитетот на производите/услугите што ги пласирала и ги пласира на пазарот. ЕСП успешно опстанува на пазарот веќе 22 години и еден од главните фактори за успехот е приспособувањето на деловното работење и на услугите/производите во согласност со потребите и барањата на клиентите. 

Во процесот на менаџирање е потребен континуиран личен и професионален раст и развој како на менаџерот, така и на вработените. Менаџерот е тој што ја има „птичјата перспектива“, од една страна, а од друга страна, пак, на некој начин ги „држи конците“. Според моето мислење, за да се биде менаџерот успешен во континуитет потребни се постојана: храброст, будност, решителност, флексибилност, досетливост, искреност, отвореност, посветеност, лојалност, љубов кон работата, интегритет, истрајност, мотивираност, како и способност да се препознаат слабостите кај себе и во компанијата и да се најде решение за нивно надминување. Во текот на целиот период на моето работење за мене менаџирањето, исто така, е многу интересно и забавно, па можеби затоа лично тоа ми е и лесно. 

 

МАРИЛИ: Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?  

ТАСКОВА ПОПОВА: Искрено се надевам и верувам дека мојот пример на успешна жена-менаџер ќе поттикне многу жени да ја градат својата кариера на полето на женското менаџерство и лидерство. Успешноста во менаџерството е гарантирана за секоја жена што внесува љубов во работата, посветеност, чиј фокус е подготвенa да чекори со леснотија по патот полн со предизвици.


Статијата е прочитана 1533 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско