Опасности и заштита од топлотен удар

Високите летни температури кои, се чини, допрва не очекуваат, можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми, па оттаму е особено важно да се биде подготвен и секој да се запознае со последиците од евентуален топотен удар и како најдобро да се заштити.

Топлотен удар, или хипертермија е најтежок облик на пореметувања на телото поради продолжено и прекумерно изложување на висока топлина и дисфункција на терморегулаторните механизми. Се манифестира како ненадеен системски воспалителен одговор на организмот. 

Има две форми на топлотен удар – класичен и топлотен удар предизвикан од напор. Класичниот топлотен удар е последица на продолжена изложеност на топлина, а главно се јавува во летните месеци кога температурите се многу високи и кај постарите лица, особено кај оние со ограничена подвижност.

Топлотниот удар предизвикан од напор, пак, е карактеристичен за здрави и активни луѓе, поконкретно кај спортисти, градежни работници и слично.

На топлотен удар укажуваат повеќе симптоми – висока температура која може да се искачи и над 40 степени, црвена, топла и сува кожа, конфузија, нејасен говор, главоболка, грчеви во мускулите, гадење, замор, забрзан пулс, несвестица.

Овие симптоми се сметаат за многу сериозни и ако некое лице ги забележи, треба веднаш да побара медицинска помош.

На зголемената чувствителност на топлина влијаат повеќе фактори, како што е возраста, здравтсвената состојба, дебелината, виталноста на телото... На ризик од топлотен удар најмногу се изложени хроничните пациенти, особено оние што страдаат од кардиоваскуларни заболувања, деца под четири години и возрасни над 65 години бидејќи нивната способност да ја регулираат температурата е намалена, потоа работници што работат на отворено, спортисти, војници… И дебелината влијае на подложеноста од топотен удар, бидејќи телото задржува повеќе топлина кај луѓето со прекумерна тежина и може да биде потешко да се разлади телото. Исто така и некои лекови на рецепт можат да ја намалат способноста на телото да се хидратира подолго време, а дехидратацијата може да доведе до топлотен удар.

Еден од главните начини да се спречат несакани последици од жештината е да се задржи телесната температура пониска. А, за да се постигне тоа најважно е да се знае како да се превенира.

Што треба да се прави:

  • Да се пие многу вода - две до четири чаши на секој час додека сте на сонце за да се задржи хидратацијата .
  • Да се избегнуваат алкохол и пијалоци со кофеин додека се вршат активности на сонце.
  • Да се поминува повеќе време во затворени простории или во климатизирани простории.
  • Да се избегнуваат активности на отворено во текот на најжешкиот дел од денот
  • Да се носи светла, лесна облека.
  • Туширање со поладна вода (но не непосредно по изложувањето на сонце).
  • Повеќе паузи за време на некои активности на сонце.

 


Статијата е прочитана 516 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско