Бизнис каталог 2022

Почитувани,

Новото издание на Бизнис каталог на Република Северна Македонија за 2022 година, по две и пол децении континуирано издавање, нуди значајни содржини од економски и од културен аспект за нашата земја што го отсликуваат актуелниот миг и се дел од процесите во Европа и во светот.

Посебно место зазема екологијата и грижата за заштита на животната средина за што зборуваме и низ неколку интервјуа, а во тој правец е и воведниот дел со наслов: „Еколошки чистите региони - потенцијал за развој на туризмот“.

Голем дел од бизнис-интервјуата се посветени на бизниси водени од жени и се предвесник на двата значајни проекта на агенцијата „Марили“ - манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ и Марили Бизнис Форум што оваа година добиваат регионални димензии излегувајќи надвор од границите на нашата земја.

Во услови на повеќекратни кризи (пандемија, енергетска, воена), овој проект со голем број интервјуа е сведоштво на објективната состојба на македонската економија. Од една страна на монолитната фискална политика како стабилен фактор за опстанок, за што значајна содржина претставува интервјуто со гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, а од друга страна интервјуата со успешните менаџери во дејностите што солидно се носат со сите предизвици во актуелниот момент.

Културата е значаен сегмент од содржината на каталогот бидејќи таа е нашиот најголем амбасадор во светот. Каталогот во континуитетги следи современите форми на промоција, поставен е во електронска форма на порталот на „Марили“ www.marili.com.mk, присутен е во странските амбасади и конзулати, кај нашата дијаспора и во ексклузивните хотели во земјата. Каталогот ја негува размената на информации меѓу деловните субјекти,ги поттикнува можностите за инвестиции и градење европски лик на нашата економија.

Бизнис каталогот ги одразува сите напори за евроинтеграциските процеси на земјата и ги поканува економските субјекти да се информираат за нашите бизнис-можности и да се запознаат со развојните компоненти на македонската држава.

 

Уредник
Лидија Трипуноска

 

1 / 1

Статијата е прочитана 1365 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско