ЕХФ: Алкалоид е победник на Европскиот куп

Ракометниот клуб Алкалоид е победник на Европскиот куп, одлучи денеска Европската ракометна федерација (ЕХФ). Алкалоид го доби со службени 10-0 реванш натпревар кој не се одигра во Скопје, поради одлуката на грчки АЕК да не излезе на терен, и со две победи, и по онаа во Атина, го освои трофејот во Европскиот куп.
-Првиот натпревар заврши со победа на РК Алкалоид од 25-29. РК Алкалоид е затоа победник на Европскиот куп за мажи на ЕХФ за сезоната 2024/25, вклучувајќи ги сите последици и предности што произлегуваат од оваа титула. Секоја жалба против овие одлуки нема да има суспензивно дејство. Одлуката што се разгледува само ги опфаќа аспектите на случајот поврзани со натпреварувањето. Посебни дисциплински постапки во врска со одбивањето да се игра натпреварот, поврзаните штети и распределбата на билетите сè уште се во тек. РК АЕК Атина може да поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум (7) дена, се наведува во соопштението.
Од РК „Алкалоид“, велат дека ова не е само победа, туку уште една потврда за големиот успех и за квалитетот на нашиот тим и на македонскиот ракомет.
Еве ја нивната објава на социјалните мрежи:
„Ова не е само победа. Ова е уште една потврда за големиот успех и за квалитетот на нашиот тим и на македонскиот ракомет!
По извојуваната победа во Атина во првиот дуел, противникот РК АЕК одби да го одигра реванш-натпреварот во Скопје од свои причини.
По разгледувањето на сите случувања и докази, ЕХФ донесе одлука за службена победа од 10 : 0 голови и од 2 : 0 поени за РК Алкалоид. Трофејот од Европскиот куп заслужено ќе биде во нашите витрини!
Честитки до нашите херои на теренот! Ова е резултат на страста, напорната тимска работа, пожртвуваноста и на непоколебливата верба!
Ви благодариме на сите за поддршката!“, напишаа од РК „Алкалоид“.
Статијата е прочитана 63 пати.