Кратово е вистински бисер на алтернативниот туризам

Во време кога туристите сè повеќе бараат искуства што ги надминуваат класичните патувања, Кратово се појавува како дестинација што нуди нешто длабоко, автентично и незаборавно. Градот и неговата околина се вистинска ризница за љубителите на алтернативниот туризам, каде што геологијата, археологијата, етнологијата и гастрономијата се спојуваат во уникатна симфонија.

Така, последните години, интересот за алтернативен туризам во регионот на кратовско расте, особено меѓу странските туристи. Редовно посетени се средновековните кули и камени мостови, кои и денес го дефинираат архитектонскиот и културен идентитет на Кратов. Од некогашните 12 кули, денес се сочувани шест, и тоа: Саат-кулата, Симиќевата, Еминбегова, Хаџикостова, Златкова и Крстева. Посебна атракција се и средновековните камени мостови како Грофчански, Радин, Јокшиски и Чаршиски, за кои се врзани бројни и приказни и преданија и кои се симболи на градителска умешност и историскиот континуитет.

Еден од најпосетените археолошки локалитети е Големо Градиште во селото Коњух, каде се наоѓаат остатоци од утврден град од доцната антика, кој според археолозите бил втор по значење во римската Дарданија, веднаш по Скупи. Истражувањата покажуват дека бил изграден и зајакнат во времето на императорот Јустинијан, а неговата економска и религиозна моќ се должела на стратешката локација и богатите рудни наоѓалишта во Кратовско.

Но, вистинската мистерија се крие на локалитетот Цоцев Камен кај селото Шопско Рудари, кој претставува  геолошки феномен, стар над 8000 години. Овој каменест комплекс, откриен во 1972 година од археологот Душко Алексовски, содржи платоа, скалести степеници, култни ниши, бунари и бртви за пчели, а дел од нив и денес се користат.

Според народните преданија, во пештерите на Цоцев Камен живееле „цоцевци“ – луѓе со низок раст, што му дава митолошка димензија на локалитетот. Местото е уникатен спој на природна формација, култна симболика и живо наследство, што го прави магнет за љубопитните посетители и истражувачи.

Цоцев Камен - научни сознанија и  народни преданија

Научните истражувањата укажуваат дека Цоцев Камен бил користен уште од неолитот, со докази за континуирана употреба во бронзеното и железното време. Археолозите, пак, откриле ниши, скали и платформи врежани во карпата, што укажува на ритуална или култна намена. Се претпоставува дека тука се вршеле обреди поврзани со плодност, соларни циклуси или жртвени принесувања.

Некои истражувачи сугерираат дека одредени структури се ориентирани кон сонцето или месечината, што го поврзува локалитетот со древни форми на календарско следење. Пронајдени се и фрагменти од керамика, алатки и други предмети кои сведочат за човечко присуство и активност низ вековите.

Од друга страна,  народот пренесува  легенди, преданија и верувања. Името Цоцев Камен се поврзува со ликот на Цоце, кој според некои преданија бил мудрец, а според други бил жрец или чувар на древни тајни.

Според локалните жители, Цоцев Камен бил место каде што човекот може да добие сила, заштита или откровение.

Преданијата зборуваат за самовили кои танцуваат на месечина, за духови кои го чуваат каменот и за луѓе кои добиле визии или предупредувања токму тука.

Се верува дека само чисти срца можат да се искачат до врвот без последици. Легендите раскажуваат за луѓе кои сакале да го осквернат местото и биле „казнети“ од самата природа.

Приказнaта за Куклици

Градењето на автентични и приказни со локален контекст е клучно за развојот на алтернативниот туризам, особено кога станува збор за странски туристи. Таквите наративи не само што ја оживуваат историјата, туку и создаваат емоционална врска меѓу посетителот и местото. Пример за тоа е легендата за Куклици, кратовскиот локалитет познат како „Весела свадба“.

Според преданието, мајсторот Стојан, познат по својата вештина и љубовни авантури, закажал свадба со две девојки – богатата Стојанка од Долно маало и сиромашната, но убава Стојанка од Горно маало.

На денот на свадбата, сиромашната девојка, чекајќи ги сватовите, слушнала тапани и гајди, и решила да провери што се случува.

Кога видела дека Стојан ја зел богатата Стојанка, во гнев и болка извикала: „Да даде Господ сите да се скамените – па макар и ти и јас!“ Во тој миг, клетвата се остварила.

Сите свадбари, младенците, сватовите и музичарите се скамениле.

Денес, околу 150 камени фигури стојат во селото.

Куклица, сведочејќи за оваа трагична љубовна приказна. Мештаните во нив ги препознаваат ликовите на невестата, младоженецот, кумот, деверот..., и веруваат дека на секои неколку години се појавува нова фигура.

Автентичната кујна и специфичните вкусови на Кратовскиот регион

Кратовскиот регион е вистинска ризница на автентични вкусови, каде секое јадење носи со себе дел од историјата, традицијата и душата на домаќините. За туристите, оваа кујна не е само гастрономско искуство, туку и  културно-гастрономска  авантура.

Најпрочуена е кратовска пастрмајка, која е гордост на локалната гастрономија. Туристите особено ги привлекува  и к’цаната сол,  зачин со 250-годишна традиција, што претставува мешавина од сушени билки и семиња. Кратово е надалеку прочуено и по нежиловскиот компир како локална сорта со богат вкус. Потоа, мантиите, зелниците, баници, турли тава, пинџур, а посебно се истакнува традиционалниот рецепт кратовски ар’мк, како и домашната ракија и вино.  

Овие специјалитети ги поврзуваат посетителите со локалните вредности, сезонските производи и занаетчиските  вештини. Манифестациите како „Компиријада“ и дегустациите во етно куќите и угостителските објекти го збогатуваат туристичкото искуство и ја промовираат органска гастрономија.

Уникатни доживувања и еколошки здрава храна во понудите на семејните сместувачки капацитети

Малите семејни сместувачки капацитети, како Шанчева куќа не нудат само кревет и појадок, тие нудат приказна што се живее и  доживување што се памети. Во ваквиот амбиент, гостите не се туристи, туку добредојдени гости во домот, дел од семејната рутина и традиција.

Секоја соба носи белег од локалната архитектура, ракотворби и семејни спомени, кои им се раскажуваат на посетителите. 

Исто така, гостите имаат можност да учествуваат во берење билки,  готвење со домаќините, да прават слатко, да приготвуваат к’цана сол и други локални специјалитети. Заедничките оброци, пак,  се повод за разговор, споделување рецепти и културна размена.

 Автор: Жаклина Цветковска (новинар) 


Статијата е прочитана 370 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско